Биографски филм: Јарослав Чермак

20.10.2022 12:02
Биографски филм: Јарослав Чермак

Biopic
Биографски филм или biopic (biographical motion picture) го обработува животот на вистинска личност или група луѓе.

Прага, 1970.

За дипломска работа по сценаристика Клос ми задава приказна за Јарослав Чермак, чешки сликар од втората половина на 19 век. Неговиот живот ги поврзува двете Клосови љубови: Прага и Црна Гора, северот и југот. Единствено што во тој момент го знам за Чермак е тоа дека е автор на славната слика Ранет Црногорец, која ги красеше сите читанки од мојата младост.

Талкам по библиотеките, галериите, антикварниците. Полека се наѕира приказната за прашкото детенце кое крши нога и целиот живот останува куцо. За детето кое со цртање ја надоместува тежината на движење. А тогаш, како во што во таа игра на надоместување обично и бива, животот, благодарение на цртањето, му се претвора во постојано движење.

Студиите по сликарство што ги започнува во Прага ги продолжува во Антверпен. Тука се вљубува во жената на професорот со која бега во Париз. Навредениот професор најмува детективи кои ги наоѓаат и тие едвај бегаат пред потерата. Неколку месеци подоцна повторно ги откриваат, овој пат во Дубровник. Немајќи каде, љубовниците бегаат во Црна Гора која во тој момент е во војна со Турција. Тука се сигурни, тука никој нема да ги бара.

На Цетиње ги вдомува кралот Никола I и Чермак станува дворски сликар. Деноноќно изработува портрети на дворските дами и црногорските јунаци со кои повремено и оди во битки. После победата, од хартија изработува балони на кои црта турски глави и со помош на свеќи ги крева во воздухот. Црногорските јунаци потоа ги симнуваат пукајќи во нив од кубури. За заслугите во војната од Никола I прима високо одликување.

Цетиње, 1862.

Во дневничките записи на Чермак има неколку такви сцени.
Чермак пишува дека долго работел на портретот на слаб јунак со ковчесто лице. Тој со денови му позирал во униформа украсена со кубури и ками. При тоа бил потполно неподвижен. Само очите му талкале. „Никако не можев да ги уловам“, пишува Чермак.

А потоа јунакот одеднаш се помрднал, пришол до прозорецот, го отворил, ја извадил кубурата и запукал. На другата страна од улицата паднал погоден човек. Јунакот мирно го затворил прозорецот, ја вденал кубурата во појасот и раскажал зошто ја прекинал сеансата. Морал, рекол, затоа што тој турски шпион веќе со денови го следел. Повторно ја заземал истата поза како апсолутно ништо да не се случило. Сега очите му биле крајно мирни.

Но животната приказна на Чермак наскоро добива нов пресврт. До Цетиње, со жената која неизмерно ја сака, бега од љубоморниот маж и најмените убијци. Од Цетиње безуспешно се обидува да побегне понатаму од жената со која побегнал.

Тука, колку што се сеќавам, и почнува вистинската приказна. Призната за него помладиот и неа значително постарата, за маката во која им се претвора љубовта.

Италија, 1865 – 1867.

Патуваат по Тоскана и Умбрија со надеж дека новата дестинација ќе им донесе мир. Но нејзиниот страв дека ќе го загуби не стивнува, дотолку повеќе, расте со секој ден. Тоа често доведува до драматични кавги после кои тој засекогаш заминува, за да, од сожалување или страв, ни нему не му било јасно, на крајот секогаш се враќал.

Роскоф, 1869.

После две години талкање по француската ривиера, се населуваат во Бретања. Тука доаѓа понудата од прашката Академија да го преземе местото на деканот. Таа не сака во Прага и тој се заблагодарува на укажаната чест.

На крајот сепак ја прекинува врската и бега во Париз каде, неколку месеци подоцна, осамен умира во четириест и шестата година од животот.

Прага, 1971.

Да не беше окупацијата на Чехословачка, Студиото Барандов да не беше толку внимателно исчистено од „ненародните елементи“, Клос да успееше да ја задржи својата „Креативна група“, тоа, веројатно, ќе беше мојот дебитантски филм.

Но ништо од тоа не се случи и приказната полека ја заборавив, а сценариото го загубив.

Остана само некоја тивка жал за човекот кому саканата жена му се удрила од глава. За Чехот кого во Прага, со татнежот на кубурите, на последната починка, како свој национален јунак, го испратија стотина црногорски коњаници во свечени униформи.

Цетиње, 1990.

Принцот Никола Петровиќ – Његош, правнук на црногорскиот крал Никола, парискиот архитект кој вели дека нема никакви аспирации кон црногорскиот престол, на Цетиње ја организира првата меѓународна смотра на ликовни уметниици под назив „Цетинско биенале“. Не знам како и зошто, но Французите ме именуваат во почесниот одбор на Биеналето. Од Загреб тргнувам кон Црна Гора со хрватската сликарско-кипарска репрезентација: Кожариќ, Книфер...

Прв пат влегувам во дворот на кралот Никола. По ѕидовите се портретите на Чермак.

Слики: Jaroslav Čermák
Превод: Дејан Трајкоски
Извор за текстот: Рајко Грлиќ, Нераскажани приказни (ПРОЗАРТ, Скопје, 2022)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото