Фокусот на изборната кампања

21.10.2022 02:40
Фокусот на изборната кампања

Како некој кој целиот живот гласаше за правото на абортус и беше згрозен од поразната одлука на Врховниот суд да го поништи правниот преседан воспоставен од постапката Роу против Вејд, верувам дека демократите мораат да продолжат да инсистираат на правото на жените да донесуваат одлуки кои се однесуваат на нивните тела. Тоа е битка која повеќето од нас Американците ја поддржуваат и тема која републиканците ги прави поранливи заради нивните екстремистички ставови.

Но додека се приближуваме кон ноемвриските избори, морам да кажам дека сум вознемирен од советите кои ги добиваат демократските кандидати од консултантите од партискиот естаблишмент и директорите на добро финансираните политички акциски комитети, кои им зборуваат дека во кампањата пред сè мораат да се фокусираат на прашањето на абортусот. Снимете доволно ТВ спотови од 30 секунди на темата абортус и победата е сигурна.

Не би се сложил. Според моето мислење, прашањето за абортусот несомнено мора да остане во прв план на кампањата, но демократите ќе направат голема грешка ако ја занемарат состојбата со економијата и им дозволат на републиканците да продолжат да ги шират своите лаги и да ја извртуваат вистината.

Оваа земја со децении поминува низ структурни економски кризи кои ја уништија американската средна класа. Време е демократите да ја префрлат топката на теренот на реакционерната Републиканска партија и да ги раскринкаат нејзините анти-работнички ставови во однос на сите важни прашања кои најдиректно влијаат на секојдневниот живот на обичните Американци. Таквиот пристап е правилен од перспектива на развој на државни политки и тоа е добар политички потег.

Имотната и приходната нееднаквост денес се поголеми од кога било во модерната историја на земјата. Само тројца поседуваат повеќе богатство отколку целата долна половина од популацијата. Дали постои барем еден републиканец кој е подготвен да ги зголеми даноците за милијардерите? Или ситуацијата која веќе е лоша дополнително ќе ја влошат со проширување на олеснувањата на Трамп за богатите и укинување на данокот на наследство?

Денес 60 проценти од Американците живеат од чек до чек, а милиони работат за надници од кои не може да се живее. Дали во Конгресот може да се пронајде барем еден републиканец кој е подготвен федералната минимална надница да ја зголеми барем на 15 долари на час?

Жителите на САД плаќаат највисоки зени за лекови кои се издаваат на рецепт. Има ли републиканци кои се подготвени да дозволат Медикер веднаш да започне преговори со фармацевтската индустрија и да ги преполови цените?

Имаме дисфункционален систем за здравствена заштита, најскап на светот, а 85 милиони Американци имаат недоволно или никакво здравствено осигурување. Има ли републиканци кои веруваат дека здравствената заштита е човеково право и подготвени ли се да поддржат универзално осигурување за сите?

Ние сме единствената развиена земја во светот која на мајките не им дава право на породилно отсуство или на боледување заради нега на детето. Има ли републиканци кои се подготвени да поддржат барем 12 недели платено породилно и здравствено отсуство?

Списокот продолжува: додаток за деца, домување, домашна нега, пристап до универзитети. На секоја од овие мошне важни теми Рапубликанската партија практично нема што да каже и не нуди ништо што може да ги реши огромните проблеми на Американците со низок и среден приход. Она што го предлагаат ќе го направи нивниот веќе тежок живот уште потежок.

Сепак, резултатите од анкетите покажуваат дека на републиканците повеќе им се верува отколку на демократите кога е во прашање водењето на економијата - што денес е тема од најголемо значење за огромното мнозинство гласачи. Верувам дека ако демократите не понудат одговори на најважните економски прашања лесно можат да завршат како малцинство во Претставничкиот дом во Сенатот.

Демократите мораат да се фокусираат не само на долгорочната структурна криза, туку и на поразувачкото ниво на корпоративната алчност која секојдневно ја поттикнува инфлацијата и погодува толку многу луѓе.

Цената на бензините расте, а само во вториот квартал годинава пет големи нафтени компании остварија профит од 59 милијарди долари. На купување на сопствените акции и исплата на дивиденди на богатите акционери потрошија 88 милијарди долари.

Додека минатата година глобалните цени на храната пораснаа за повеќе од 33 проценти, со очекување годинава да пораснат за уште 23 проценти, милијардерите во глобалниот агробизнис и прехранбената индустрија за време на пандемијата се збогатија за 382 милијарди долари.

Додека продолжуваме да плаќаме највисоки цени за лекови во целиот свет, трите најголеми фармацевтски компании во Америка - Фајзер, Џонсон и Џонсон и Абви - минатата година го зголемија профитот за 90 проценти, достигнувајќи 54 милијарди долари.

Додека 46 проценти од Американците ги прескокнуваат или одложуваат потребните здравствени третмани зашто не можат да ги платат, шесте најголеми здравствени осигурителни компании во Америка минатата година забележаа профит од 600 милијарди долари.

Што имаат да кажат републиканците за корпорациите кои на Американците им наплатуваат скандалозно високи цени и истовремено собираат рекордни профити? Често зборуваат за инфлација. Но што преземаат во однос на тоа? Дали кој било од нив има храброст да размисли за еднократен данок на овие рекордни профити? Апсолутно не.

Не можете да ги добиете изборите без поддршката на работничката класа од оваа земја. А таа поддршка нема да ја стекнете додека јасно не покажете дека сте подготвени да влезете во конфликт со моќните посебни интереси и ако се борите за милионите Американци кои поминуваат низ економски тешкотии. Дали тоа ќе биде продолжување на даночното олеснување од 300 долари по дете кое истече во декември, а со кое сиромаштијата кај децата се намали за повеќе од 40 проценти, или зголемување на социјалната помош, или проширување на Медикер пакетот така што ќе вклучи услуги од стоматолози и помагала за вид и слух или помош за децата, како и да е, демократите мораат да застанат до работничката класа и да ги раскринкаат лажните ветувања на републиканците.

Моите предлози не се „радикални“. Напротив, тие се мошне популарни. Тоа е она што го сака американскиот народ. Ако оваа критично важна кампања ја заклучиме со јасна и единствена визија која им излегува во пресрет на потребите на работните луѓе и нивните семејства, покажувајќи подготвеност да се спротивставиме на корпоративната алчност и решеност да го заштитиме правото на избор на жените, можеме да почнеме да ја обновуваме довербата помеѓу демократите во Вашингтон и работничките семејства ширум земјата.

И така ќе победиме на изборите.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.theguardian.com/