Сè е можно, но ништо не е вистина

21.10.2022 10:11
Сè е можно, но ништо не е вистина


Кога зборовите почнуваат на перверзен начин да го губат своето значење, тоа несомнено укажува дека народите почнуваат да ја губат својата слобода. Мислата е парафраза од мудрост стара повеќе илјади години и, за жал, како мине времето, сè почесто ми се матка по умот. Кој прв ја искажал не паметам, но од десната половина од мозокот некој тивок глас упорно, иако необразложено, ми повторува дека мислата потекнува од временски и просторно далечната Кина. Пребарав малку по интернетот и веднаш најдов дека мислата ја искажал некојси Конфучие, но не сум сигурен дали може да му се верува. Како и да е, во грдите времиња што подолго време мракобеснеат ширум планетата, Конфучиевата мудрост опасно почнува да созвучува со Орвеловите писанија што повторно станаа застрашувачки актуелни и реални.

Во својот есеј „Политиката и англискиот јазик“ од 1946 година, Орвел убедливо пишува: „сосем е јасно дека пропаста на јазикот мора бездруго да има политички и економски причини“. И дека во нашиве оловни времиња „сите нешта имаат политички исход, а самата политика е маса од лаги, изврдувања, будалштини, омраза и шизофренија“, и заклучува дека „кога општата атмосфера е лоша, јазикот мора да страда“. Оттаму, Орвел во својот есеј претпостави дека германскиот, рускиот и италијанскиот јазик мора да дегенерирале во децениите од диктатурите што владееле во тие земји (што, инаку, во меѓувреме е докажано), а ист морал да биде случајот и со колонијалните британски злостори што се бездруго во категоријата состојби на насилно ограничени или одземени слободи. И така Орвел практично ја образложи и ја докажа Конфучиевата мисла, доведувајќи ги тоталитаристичките режими во директна врска со первертирањето и со деградирањето на јазикот. Накусо, кога зборовите ја губат смислата, народите ја губат слободата.

Безмалку е банално да се трошат зборови за тоа дека первертирањето на значењето на зборовите е јасен знак дека општеството во кое тој процес станал веќе премногу видлив – иако незабележлив за мнозинството – се наоѓа под власта на авторитарен или на тоталитарен режим. Тоа стана особено банално ако сакаме да ја опишеме состојбата во Русија, која е – како земја во војна – веќе комплетно тоталитаризирано милитаристичко општество. Примерот со изразот „специјална воена операција“, што Русите го употребуваат како еуфемизам за воената агресија врз Украина, е првиот од многуте насилства врз јазикот, а таква е и фразата дека тие ги ослободуваат“ териториите што ги освојуваат во војната. Велам, банално е да се зборува за руската воена пропаганда во ситуација во која целиот западен свет, сите медиуми и поединечни автори од демократскиот свет, напишаа милион зборови со кои ја разобличуваат и ја грдат руската пропаганда и злоупотреба на зборовите.

Она што навистина заслужува внимание е што зборовите го загубија своето значење и во нашиот „слободен свет“, а тоа бесомнено укажува дека „слободниот свет“ е многу помалку слободен отколку што упорно повторува дека е, и дека е безнадежно несвесен за тоа. Или, со груби зборови: гајле ми е за рускиот тоталитаризам, но и тоа како сум загрижен за тоталитаризмот што ги плави сите брегови на светот во кој е нурнато и нашето државно иверче.

Одлуката на земјите на НАТО, Европската Унија и на нивните сојузници од другите хемисфери да влезат во индиректна, но бескомпромисна војна со Русија, третирајќи ја Украина како де факто членка на НАТО – но не и де јуре, заради одбегнување на директниот воен судир што веднаш би го избришало човештвото од површината на земјата – велам, одлуката да се влезе во војна нè стави сите во ситуација што е тоталитарна по дефиниција. Состојбата на војна, да не се залажуваме, самата по себеси во земјите што војуваат не овозможува друга фактичка општествено-политичка состојба освен воена економија и политичка диктатура. Веќе видовме во мрачната историја на 20 век дека демократијата не може да опстои во услови на војна, особено не кога се води тотална војна, а оваа што ние од колективниот запад ѝ ја објавивме на Русија, како реакција на нејзината воена инвазија на Украина, стана тотална уште во нејзината прва недела.

Тука повторно „работат“ Орвеловите аксиоми: во времето на почетокот на Втората светска војна тој беше заколнат пацифист кому британскиот антифашизам му изгледал како чиста хипокризија – што и беше – па на Орвел му изгледал како „слабо замаскиран шовинистички империјализам“. Тој бил убеден дека војната со фашистичка Германија ќе има ефект на „фашизација“ и на британското општество, зашто „воените рестрикции, потиснувањето на слободниот говор, суровоста во колониите и слично“ неминовно ќе го предизвикаат тоа. Во тоа време омилениот цитат му бил Ничеовиот аргумент дека „оние што се борат со змејови ризикуваат и самите да станат тоа“. Во истото време писателот Форестер напишал дека „ако фашизмот победи, ние пропаднавме, зашто за да го победиме и ние треба да станеме фашисти“.

Приближно истото се случува и денес: западните демократии во војната со Русија воведоа едноумие, потиснување на слободниот говор, антируска пропаганда и мерки на чиста омраза, дискриминација и расизам, а воените рестрикции веќе почнуваат да се воведуваат, првин во областа на енергетиката, а ги следат и други системски мерки за штедење, државен интервенционизам и слично. Во целата западна јавност веќе општо место е дека каква било стопанска дејност со Русија е „неморална, зашто само ја потпомага суровата руска воена агресија“, а за руско-украинската војна – поради повредата на меѓународното право, суровите разорувања и цивилните жртви – секојдневно се повторува дека е невиден злостор по кој светот веќе нема да биде истиот. И, навистина, според извештајот на Обединетите нации од 4 септември, од 24 февруари регистрирани се вкупно 13.917 цивилни жртви од кои 5.718 убиени и 8.199 ранети луѓе, со забелешка дека вистинската бројка е најверојатно значително поголема.

Но, додека трае осудата на секоја соработка со Русија, јавно озлогласена како неморално учество во рускиот воен злостор, лидерите на слободниот свет – Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција, во тотална тишина и морална возвишеност, на саудиско-арапската коалиција ѝ продадоа оружје, воена опрема, проектили и муниција во вредност од повеќе десетици милијарди долари, а со вредноста на купената нафта и природен гас сумата што „слободниот свет“ ја инвестираше во војната што повеќе од седум години саудиската коалиција ја води во Јемен се брои со стотици милијарди долари.

Не знам дали ги поминува границите на пристојноста споредувањето на жртвите, но во случајот на Јемен тоа е неопходно заради осознавање на монструозноста на воено-пропагандната лага и хипокризијата со која светот сосем мирно живее. Елем, според податоците на набљудувачите на канцеларијата за човечки права на Обединетите нации – која, инаку, неодамна беше срамно отповикана од страна на лидерите на „слободниот свет“ – од 30 милиони жители на Јемен, на 20 милиони им е неопходна хуманитарна помош, 14,5 милиони гладуваат, а четири милиони се трајно раселени бегалци. До сега, според извештајот на ОН, војната што ја води коалицијата на Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Бахреин, Судан и Египет, поддржана од САД, ВБ, Франција и Канада, предизвикала смрт на 380.000 јеменски цивилни жртви од кои 70% се деца – 266.000 деца што умреле од воени дејствија, но најмногу од најстрашната бавна смрт од глад и болести поврзани со неухранетост. 266.000!? Деца. Загинати и умрени во страшни маки. Сите од пари и оружје на лидерите на „слободниот свет“.

Дали е тоа можно? И, може ли воопшто да се живее со таа вистина?

Слики: George Grosz (1893-1959)

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото