Повик за соработка на интердисциплинарен издавачки проект

27.10.2022 13:07
повик за соработка на интердисциплинарен издавачки проект

Во рамки на активностите на студиото Приватен принт (PrivatePrint studio) поддржани од партнерската програма на Фондацијата Принц Клаус од Амстердам, отворен е повик за собирање предлози за интердисциплинарен издавачки проект.

Повикот е отворен за индивидуални или колективни проекти на културни работници (уметник, куратор, активист, теоретичар, истражувач итн.) родени во С. Македонија, не постари од 35 години, кои се занимаваат со прашања коишто имаат општествена релевантност (човекови права, екологија, архитектура и урбан развој и други теми од значење за нашето општество, заедниците и културата) и имаат истражувачки проект во тек.

Од пристигнатите пријави, ќе бидат одбрани најмногу три проекти, кои ќе се реализираат во форма на објавена книга и придружен настан и за кои ќе бидат покриени хонорарот на авторите и продукциските средства.

Крајниот рок за поднесување на пријавите е 30 ноември 2022 година.

Сите информации за отворениот повик, како и за начинот на пријавување можат да се прочитаат на веб-страницата на Приватен принт.

Студиото Приватен принт (PrivatePrint studio) во 2020 година стана партнер на Фондацијата Принц Клаус во рамки на неговата партнерска програма. Како дел од проектните активности, студиото соработува со млади уметници, куратори и културни работници коишто работат во полето на алтернативни и помалку застапени практики во уметноста и културата. Програмата има за цел да ги открие локалните специфичности и разлики на нашата културна реалност и да поддржи нови идеи во зародиш.
Приватен принт (PrivatePrint) е издавачка куќа за уметнички книги и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност и графичкиот дизајн од Скопје. Врз основа на премисата дека уметноста и издаваштвото се совршениот спој кога станува збор за демократизацијата на културата, особено во општества во кои на културата ѝ недостига добра системска уреденост и институционална поддршка, мисијата на Приватен принт е да ги прошири идеите за уметноста и да овозможи нивна поголема достапност, како и да овозможи платформа за подобра видливост и интеракција на новите уметници и уметнички практики.