Епска филмска приказна од Брач

27.10.2022 13:25
Епска филмска приказна од Брач

Epic movies

Тоа се филмови кои во големи дијапазони и со спектакуларни сцени ги следат јунаците во подолг временски период. Внатре во овие филмски видови постојат бројни под и меѓувидови: романтичен епски филм, воен епски филм, епски вестерн итн.

Фарска, 1984.

Фарска е мал залив на северозападната страна на островот Брач. Борова шума, штурци, песочна плажа, утрински спокој, послепладневни маестрали.

Преку Бол со чамец, како единствен можен превоз доаѓаме до Фарска. Се сместуваме во куќа на источната страна од плажата. Од другата страна е стариот камен кастел. Сопствениците на некогаш богатите лозја го изградиле за летен одмор и мирна винска остава. Тој кастел и белата еднокатна куќа во која сме сместени, се единствени куќи во заливот над плажата.

Неколку часа по доаѓањето газда Нико ме вика со него да појдам да ги извадиме мрежите. Не ми е јасно зошто тоа го прави ноќе, а не в зори како што е ред, но се согласувам без збор. Гладен сум и за морето и за риби.

Со чамецот излегуваме од заливот. Нико со раката ми покажува да веслам кон запад и шепоти: „Мрежата е на другата страна, но мораме да го залажеме!“ Кого и зошто да залажуваме? Ништо не ми е јасно. После десетина минути со раката добивам наредба да го завртам чамецот и да тргнам назад. Поминуваме низ заливот од кој тргнавме и одиме кон исток. Нико стои, молчи и внимателно гледа кон брегот. Црна темница е, ништо не се гледа. Наскоро доаѓаме до пловката што ја означува мрежата. Ја кревам мрежата, дупла мрежа со големо и мало око, со каква е забрането да се лови налето. Неколку скорпии риби, дветри заталкани морски хиени, ѕвезди и ежови. Нико е нервозен. Не ја вади рибата, туку целата мрежа со брзи движења и ја пика во вреќа. Потоа ги зема веслата и го придвижува чамецот кон брегот. Наслушнувајќи ја темнината го запира чамецот покрај карпите, ми ја додава вреќата со мрежата и шепоти: „Сокриј ја на врвот!“ И понатаму ништо не сфаќам, но ја земам вреќата, се качувам на карпата и ја туркам во процепот меѓу два камена.

Се враќаме во Фарска. Нико и понатаму стои, гледа во темнината, наслушнува. Одеднаш дава знак да запрам. Ги кревам веслата, го запираме здивот. Тишина. Нико преплашено шепоти: „Нè виде!“ Ништо не слушам, ништо не гледам. Нико седнува и безволно ми дава знак да продолжам да веслам. Половина час по враќањето Нико ја зема количката и ме повикува да појдеме по мрежата. Тргнуваме по тесна козја патека. Држејќи батерија одам по него, се обидувам да му го осветлам патот низ грмушките. Тој застанува, наслушнува. Некој доаѓа кон нас, потпукнуваат гранките. Нико шепоти: „Ќе го убијам! Ќе го убијам!“ Ја кревам батеријата. До грмушките се појавува ниско грбаво суштество, речиси џуџе. Ја крева раката, се брани од светлината. Лицето му е грдо, устата искривена, едното око потполно бело, без зеница. Нико не се помрднува, само го гледа и мрмори нешто неразбирливо. Грбавиот потрчува и исчезнува во мракот. „Ти реков ли дека нè виде!“

Вреќата со мрежата, која пред неполн час ја ставив меѓу двата камена, е покриена со куп ѓубре.

Следното утро станувам многу рано. Слегувам на терасата. Нико со двоглед внимателно гледа кон кастелот на другата страна од заливот. Од кастелот излегува грбавецот. Покрај него стои некоја старица.

Десетина дена траеше мојот обид да сфатам за што станува збор. Сфатив само дека меѓу сопственикот на куќата во која престојуваме и луѓето кои живеат во кастелот владее неизмерна, речиси патолошка омраза. Таа омраза должни се да ја делат и гостите на двете куќи. Плажата на која се капеме по средината е поделена со невидлива линија која никој од гостите од двете страни никогаш не ја поминува. Дотолку повеќе, на гостите од едната куќа силно им се забележува ако ги поздрават гостите од соседната куќа. И уште еден мал детаљ. Во двете куќи постојат пушки. Сопствениците на замоците освен тоа имаат и радиостаница која ја добиле од милицијата. Се обидувам ништо да не прашувам знаејќи дека приказната, порано или подоцна, сама ќе се отплетка.

Некаде кон крајот на втората недела. Нико ме вика да се повозиме со чамецот. Не прашувам зошто. Излегуваме по мирното море далеку од брегот. Застануваме, молчиме. Нико, за секој случај, уште еднаш се врти околу себе. Полека почнува да зборува.

Брач, Биоково, 1942.

Војна е. Нико е млад партизан. Бидејќи е роден на Брач, го испратиле од Биоково да донесе сол од Брач. Организира собирање во импровизирани солани. Куририте во вреќи носат сол на другата страна од островот, каде чекаат партизански чамци. Но куририте и вреќите сè почесто не доаѓаат до чамците. Неколку дена Нико безуспешно се обидува да открие што се случува. И тогаш сфаќа дека тројца браќа, од една од најсиромашните фамилии на островот, скриени зад камењата ги дочекуваат куририте и од зад грб ги убиваат со удар со камен во главата. И мртовците и вреќите потоа исчезнуваат. Војна е, солта е повредна од златото. Нико се обидува да ги запре, но не успева. Ги штити локалната власт. Таа нема ништо против да се убиваат партизанските курири. Браќата како противуслуга им јавуваат на властите што сè се случува на островот, кој што зборува и кој со кого се гледа.

Брач, 1945.

Војната е завршена. Нико како партизански офицер се враќа на Брач. Испратен е да претседава со Прекиот воен суд. Првите тројца осудени на тој суд, и веднаш стрелани, се тројцата браќа кои за време на војната убивале курири и краделе сол.

Брач, 1947.

Четвртиот брат и сестрата, заедно со преостанатото семејство, стануваат општински проблем. Немаат што да јадат, немаат каде да живеат, немаат од што да живеат и никако не можат да се одвикнат од крадење. Тоа локално ругло треба што поскоро да се отстрани од здравата социјалистичка заедница. Некој од локалните раководители се сетил на два часа со одење оддалечениот кастел во Фарска. Неговите сопственици заминале во Италија. Општината го реквирирала кастелот што никому не му бил потребен. Во него по кратка постапка ја вселуваат сиромашната фамилија.

Москва, 1948.

Десетина најдоверливи офицери на ЈНА се испратени на Фрунзеовата академија во Москва. Меѓу нив е и Нико. Таму се создава идната елита на братските социјалистички армии. Некаде наесен истата година доаѓа до Резолуцијата на Информбирото. Се очекува руски напад на Југославија. Титовите офицери мораат да се изјаснат. Некои офицери се приклонуваат кон Сталин и остануваат. Помалубројни се оние, меѓу кои е и Нико, кои се враќаат во татковината.

Нови Сад, 1950.

Нико е политички комесар на Петтата армиска област. Избива Корејската војна и ЈНА офицерите повторно мораат да се изјаснуваат. Нико се определува за погрешната страна. Казната се вика Голи оток. Логорот е поделен на три оддели: за мажи, за жени и оној најстрашниот – за офицери. Тука на зима, за време на најстудените бури, луѓето со часови стојат до појас во морето. Маките се страшни, а смртта најчесто е единствениот достоен излез.

Голи оток, 1956.

После помирувањето со Хрушчов, Тито ги отпушта политичките затвореници.

Риека, 1958.

Нико почнува да работи во складиште на пристаништето. Тука ја дочекува пензијата. Здравјето му е нарушено, тешко дише.

Брач, 1974.

Нико ја наследува дедовата меана и парче земја далеку од селото. Син му пораснал, заминал на студии. Заедно со сопругата се враќа на Брач. Во преубавиот залив по име Фарска ја доградува дедовата меана. И сè би било добро и убаво идилата да не ја расипува еден мал детаљ. На другата страна од песочниот залив е стариот кастел. Во него живеат братот и сестрата на оние тројца кои Нико после војната ги осудил на смрт.

Брач, 1987.

Како поранешен затвореник од Голи оток, Нико за власта доживотно бил обележан како предавник и државен непријател. Затоа и не се чуди кога милицијата по неговото доаѓање на Фарска на братот и сестрата во кастелот им носи радиостаница. Службено, тие добиваат задача преку радио да го јавуваат движењето на сомнителните бродови, но вистинската задача била во набљудувањето на Нико и неговите гости.

Некогашните „народни непријатели“ грижливо го следат новиот „народен непријател“. А Нико, како и сите останати, лови риба тајно и без дозвола. Малиот грбавец од кастелот преку радио често го пријавува. Милицијата доаѓа со глисер, го затекнува Нико во чамец, му ја зема мрежата, а рибата како награда му ја подарува на грбавецот. Неговата сестра таа риба ја продава на туристите.

Налето некако е подносливо. Двете семејства се зафатени со сè побројните гости. Но назима, кога во заливот остануваат сами, животот станува тежок. Деновите се поминуваат со двоглед, а наполнетата пушка е секогаш на дофат на рака. Прашање на ден е кога некој ќе ја симне од ѕидот.

Загреб, лето 1993.

Ми јавуваат дека братот и сестрата од кастелот умреле. Од тој момент, здравјето на Нико нагло се влошува.

Повеќе нема туристи. На копното беснее нова војна.

Фотографиите се од филмот The Best Years of Our Lives [William Wyler, 1946]

Превод: Дејан Трајкоски

Извор за текстот: Рајко Грлиќ, Нераскажани приказни (ПРОЗАРТ, Скопје, 2022)

ОкоБоли главаВицФото