Колку биткоинот е штетен за климата?

28.10.2022 02:23
Колку биткоинот е штетен за климата?

Во новата статија објавена во списанието Nature Scientific Reports, група истражувачи од Универзитетот во Ново Мексико објавија поразителни резултати: биткоинот, најпопуларната и највредна криптовалута, според влијанието на климатските промени се наоѓа меѓу најштетните индустрии - некаде помеѓу производството на говедско месо од една, и бензинот од друга страна.

Како е можно една криптовалута - едно сосема виртуелно добро - да биде толку штетна за земјината атмосфера?

Наместо државите и банките, со криптовалутите управува консензусот на корисниците. За да се обезбеди валидност на трансакциите се врши една посебна постапка позната како „доказ за работа“.

Имено, за некоја трансакција „да помине“, таа се групира со други трансакции во таканаречен блок, кој најпрвин е заклучен зад посебно генериран математички проблем кој истовремено е и арбитрарен и бара многу. Корисниците (односно компјутерите наречени „рудари“) потоа се натпреваруваат во решавање на овој проблем; кога ќе се добие решение, блокот се верификува, трансакциите кои го сочинуваат се извршуваат, а корисникот-победник на овој натпревар добива награда - одредена количина биткоини.

Воедно тоа е и единствениот начин новите биткоини да се додадат на пазарот - така „се печати“ оваа валута.

Основната идеја зад овој „доказ за работа“ е дека цената на арбитрарната компјутерска работа е таква што ги обесхранрува лошите актери, но добивката е онаа што ги привлекува оние „добрите“.

Размерите на потрошувачката

Меѓутоа, проблемот е во тоа што овие математички проблеми се сè покомплексни: ова е неопходно за да се обезбеди стабилно „печатење“ на валути во системот во кој има сè повеќе корисници. Како што поминуваа годините, за нивното решавање беше потребна сè поголема и поголема компјутерска сила.

Денес, оваа работа не ја извршуваат домашни компјутери, туку специјализирани машини, често вмрежени во таканаречени фарми (или подобро, рудници). Како што наведува порталот Digiconomist, една единствена биткоин трансакција во октомври 2022 година бара повеќе од 1 300 киловат часови компјутерска работа - приближно колку тримесечна потрошувачка на едно балканско семејство.

На годишно ниво, биткоинот троши околу 130 терават часови електрична енергија, што е еквивалент на целата држава Норвешка.

Оваа огромна енергетска потрошувачка исклучиво е причинета од решавањето арбитрарни математички решенија: од вкупната потрошувачка на електрична енергија на Биткоинот, повеќе од 99,9 проценти одат на докажување на работата.

Не е лесно да се процени изворот на оваа електрична енергија. Со оглед на тоа дека компјутерите-рудари се расеани по целиот свет, не е можно да се контролира дали струјата доаѓа од обновливи извори или не. Долго важеа проценките според кои и до 70 проценти од струјата што ја троши Биткоинот доаѓа од кинеската провинција Сичуан, каде беа сместени огромни фарми кои користеа релативно евтина струја која во Сичуан доаѓа од - хидроелектрани.

Меѓутоа, Кина во 2021 година прво ги забрани трансакциите во криптовалути, а потоа го забрани и „рударењето“. Судбината на кинеските фарми е релативно непозната, иако проценките велат дека некои продолжиле со работа - илегално. Но и покрај тоа, кинеската забрана затвори еден голем, а обновлив извор на струја за криптовалути.

Три степени на штета

Имајќи ги предвид овие информации истражувачите од Ново Мексико решија да ја проценат просечната климатска штета која ја нанесува произведувањето биткоини. Климатската штета е комбинација од два фактори: емисијата на гасови со ефект на стаклена градина од една, и таканаречената општествена цена на климатските промени од друга.

Авторите на студијата направија три теста - и биткоинот падна на сите.

Прво, истражувањето покажа дека биткоинот со текот на времето прави сè поголема климатска штета, а не помала (што би се очекувало од индустрија која полека „созрева“).

Второ, заради природата на неговите енергетски барања, произведувањето биткоини може да направи климатска штета која дури е поголема и од вредноста на валутата. Ова се случи само во 2021 година, по кинеската забрана за „рударење“, но истражувачите наведуваат дека биткоинот последниве години во 30 проценти од времето правел штета поголема од половина од сопствената вредност, што е полош резултат од која било штетна индустрија, освен јагленот.

Трето, просечната климатска штета на секој долар вредност на биткоинот е околу 35 центи - односно, оваа криптовалута прави 35 проценти климатска штета во однос на сопствената вредност. Според тоа се наоѓа помеѓу производството на говедско месо (33 проценти) и бензинот (41 процент), а далеку над, на пример, одржливите индустрии како што се хидроенергијата (2 проценти) или ветроелектраните (1 процент).

Истражувачите направија проценка - што би се случило кога биткоинот конзистентно би ги добивал повеќето од своите енергетски потреби од обновливи извори? Резултатот секако е далеку од сјаен: и со над 50 проценти енергија од обновливи извори, секој долар од вредноста на биткоинот би создавал 23 центи климатска штета.

Решение надвор од видикот

Со други зборови, особено е тешко „доказот за работа“ да се претвори во одржлива постапка, кога скалите се толку големи. Постои решение за овој проблем: многу криптовалути, вклучувајќи го и Етер, главниот ривал на биткоинот, преминаа на алтернатива - наместо „докази за работа“ тие функционираат според принципот „доказ за влог“.

Во „доказот за влог“ сосема се напушта идејата на работата како гарант за валидноста; наместо тоа, системот по случаен избор им доделува блокови (и валути) на актерите во мрежата, а ја верификуваат останатите актери со својот „влог“, односно со сопственоста на криптовалутите.

Во однос на безбедноста на мрежата, брзината и ефикасноста, овие два методи се поделени во табори - некои заговараат еден систем како подобар, а други неговиот ривал. Меѓутоа, кога е во прашање енергетската побарувачка, резултатите се недвосмислени: како што наведе фондацијата Етереум, која ја лансираше Етер како валута, преминот на „доказ за влог“ на почетокот од годинава ја намалува нејзината побарувачка за енергија за дури 99,95 проценти.

Тогаш, решението за биткоинот би требало да биде едноставно - преминот на нов метод на валидација би ги решил речиси сите проблеми кои ги предизвикува оваа валута кога се во прашање климатските промени. Меѓутоа, судејќи според сè тоа нема да се случи, барем не во догледно време.

Имено, оние кои најмногу би изгубиле од таквата промена - сопствениците на „рударски“ машини - имаат огромен влог во одржување на досегашната состојба. Од друга страна, многу корисници на биткоинот имаат и идеолошко оправдување за „доказот за работа“ - тврдат дека со доказот за влог со текот на времето се тежнее кон консолидација, зашто оние со поголем влог ќе имаат предност во валидацијата на трансакциите.

Но дури и кога во оваа огромна мрежа на интереси наречена Биткоин, би се постигнал консензус за преминување на доказ за влог, што е големо „но“ - тој процес, како темелна инфраструктурна промена, најверојатно би траел со години, ако не и децении.

Во меѓувреме, судејќи според сè климатската штета ќе продолжи да се зголемува, со очигледно, изразено ефикасно решение кое засега останува зад хоризонтот.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Patrick Chapatte

Извор: https://klima101.rs/

Слични содржини

Општество / Свет / Екологија
Свет / Екологија / Теорија
Европа / Свет / Екологија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото