1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 10:42
Моменталните Национално утврдени придонеси (НДЦ) - кои ги дефинираат напорите на земјите во зауздувањето на емисиите на јаглерод диоксидот и ублажувањето на климатските промени - водат кон пораст на средната глобална температура за 2,5 степени целзиусови до крајот на векот, соопштија Обединетите нации. Според Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) ова ниво на загревање на планетата е катастрофално.
Меѓувладиниот панел за климатски промени, кој го сочинуваат светски климатолози, процени дека емисиите на јаглерод диоксид до 2030 година треба да се намалат за 43 проценти во споредба со нивоата од 2010 година, за порастот на средната глобална температура да запре на 1,5 степен целзиусов. Актуелните климатски планови би можеле да предизвикаат зголемување на емисиите на јаглерод диоксидот за 10,6 проценти.
Сепак, со оглед на зголемените амбиции на државите, забележителен е одреден чекор напред во однос на минатогодишниот извештај кога се прогнозираше поголем пораст на емисиите до крајот на деценијата и последично зголемување на средната глобална температура за 2,7 степени целзиусови до 2100 година.
„Трендот на намалување на емисиите кој се очекува до 2030 година покажува дека нациите постигнале одреден напредок“, рече Сајмон Стил, извршен секретар на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации (УНФЦЦЦ).
„Но, науката е јасна, а исто така јасни се нашите климатски цели во рамки на Парискиот договор. Не сме ни блиску до обемот и брзината за намалување на емисиите кои се неопходни за да бидеме на патот кон загревање на светот од 1,5 степени целзиусови“, предупреди тој и порача дека владите треба да ги зајакнат климатските планови и да ги имплементираат во следните осум години.
Потсетуваме, во моментов планетата е потопла за 1,1 степен во споредба со просекот во периодот од 1850 до 1900 година.
Инаку, Обединетите нации истакнуваат дека на минатогодишниот Климатски самит во Глазгов сите земји се сложиле повторно да ги разгледаат и унапредат своите климатски цели, но само 24 од вкупно 193 држави до ОН поднеле унапредени национални планови. Добри вести се што сите од нив покажале поголеми амбиции на полето на борбата против климатските промени.
Како што се нагласува, трошка надеж влева и податокот дека 62 нации - одговорни за 93 проценти од светскиот бруто домашен производ во кои живеат 47 проценти од глобалното население и кои имаат удел од 63 проценти во вкупната енергетска потрошувачка - имаат долгорочни стратегии за нето-нулта емисии. Без оглед на тоа, се истакнува дека многу од овие цели се неизвесни и дека ги одложуваат критичните акции за иднината наместо тие да се одигруваат сега.
Во билтенот за гасовите со ефект на стаклена градина, објавен неодамна, Светската метеоролошка организација изнесе загрижувачки сознанија во врска со глобалното затоплување. Имено, гасовите со ефект на стаклена градина во текот на 2021 година достигнале рекордно високи нивоа.
Во текот на минатата година концентрациите на метан го забележаа најголемиот годишен скок во 40-те години долгата историја на мерењето. Причината за зголемувањето не е јасна, но се претпоставува дека настанало како резултат на биолошките процеси и човечките активности.
Кога станува збор за јаглерод диоксидот, порастот на нивото помеѓу 2020 и 2021 година бил поголем од годишниот просек во изминатата деценија, а мерните станици покажуваат дека неговите концентрации продолжуваат да растат во целиот свет и во текот на оваа година.
Минатогодишните концентрации на метанот изнесуваа 1908 делови на милијарда (ппб), а на јаглерод диоксидот 415,7 делови на милион (ппм). Овие вредности се 262 проценти, односно 149 проценти повисоки од прединдустрискиот период додека луѓето сè уште не ја нарушија природната рамнотежа на гасовите со ефект на стаклена градина во атмосферата.
Во периодот од 1990 до 2021 година ефектот на загревање на климата, предизвикан од долговечните гасови со ефект на стаклена градина се зголемил за речиси 50 проценти, а одговорноста за 80 проценти од ова зголемување му се припишува на јаглерод диоксидот.
Светската метеоролошка организација се надева дека со своите наоди ќе ги поттикне донесувачите на одлуки, кои ќе се соберат на претстојниот Климатски самит во Шарм-ел-Шеик, на поамбициозни климатски акции кои ќе ги ограничат идните емисии на гасови со ефект на стаклена градина, а со самото тоа и за идниот пораст на средната глобална температура.
Пред самата конференција ќе биде претставен и Извештајот за состојбата на глобалната клима за 2022 година кој, според најавите, ќе покаже дека гасовите со ефект на стаклена градина продолжуваат да ги поттикнуваат климатските промени и временските екстреми.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Seonna Hong
Извор: https://klima101.rs/