Риши Сунак и македонската опозиција

31.10.2022 15:11
Риши Сунак и македонската опозиција

Дали огромната предност на опозицијата во анкетите е доволна за да се оди на избори?

Пренесено од Дојче веле

Се разбира, новиот британски премиер Риши Сунак и македонската опозиција олицетворена во ВМРО-ДПМНЕ немаат никава допирна врска. Тие не припаѓаат на заедничка европска политичка афилијација. ВМРО-ДПМНЕ е дел од Европската народна партија, додека британската Конзервативна партија до завршувањето на „Брегзит“ беше дел од групацијата Европски конзервативци и реформисти, каде се сместени европските десничарски популисти. Како што Британија ја напушти ЕУ, така и Конзервативната партија се отпиша од сите европски политички афилијации.

Тогаш, каде би можела да биде онаа слаба врска меѓу Риши Сунак и македонската опозиција? Тоа е во начинот на кој Сунак стана британски премиер без да оди на проверка кај гласачите, а што македонската опозиција му го смета за главен грев на премиерот Димитар Ковачевски. Може ли да се стане премиер и без проверка кај гласачите? Најстарата европска демократија вели дека може. Тоа не значи дека треба беспоговорно да се следат туѓите искуства, но кажува дека едно парламентарно мнозинство на сите начини се обидува да ја задржи власта без да се оди на избори, а опозицијата, исто така, на сите можни начини, се труди да предизвика промена.

Кога Лиз Трас поднесе оставка како премиер по само 45 дена, опозициските лабуристи и сите други партии во Британија, вклучувајќи ги и оние во Шкотска и Велс, повикаа на распишување нови избори. Лидерот на Лабуристичката партија, Кир Стармер, изјави дека британскиот народ има право да одлучи околу прашањето кој треба да ја води земјата.

„Ториевците не можат да одговорат на нивните најнови хаварии со уште едно едноставно кликнување на прстите и промешување на луѓето на врвот без согласност на британскиот народ. Тие немаат мандат да ја стават земјата во уште еден експеримент; Британија не е нивен личен феуд да управуваат како што сакаат“, рече Стармер.

Анкети и избори

Зад своето барање тој имаше добри аргументи. Неколкуте дополнителни избори конзервативците ги загубија, на локалните избори пролетта доживеаја сериозен пораз, а во анкетите лабуристите водат со фантастични 30 поени, разлика што досега не е забележана во испитувањето на јавното мислење. Но, оние што владеат мислат поинаку. Конзервативците сѐ уште имаат прилично големо мнозинство од 71 пратеници. И оној кој со својата оставка го забрза паѓањето на Борис Џонсон, тогашниот министер за финансии, Риши Сунак, стана лидер на партијата и премиер во една итна постапка само со избор на прaтениците, без да се оди на изјаснување на членовите на партијата. Иако претходно ги загуби вантрепартиските избори од Лиз Трас. Сунак беше дочекан со овации и прегратки од ториевските пратеници како спасител на партијата заглавена од конфузните економски мерки со мини-буџетот и инфлацијата.

Дали Риши Сунак е нелигитимен премиер? Според британскиот закон – не. Дали британската Конзервативна партија може да остане на власт уште две години без да бидат свикани општи избори и да го истурка петгодишниот мандат до крајот? Да. Дали ќе издржи? На тоа прашање никој нема валиден одговор. Дали промената на двајца лидери и премиери без да се излезе на избори е политички прифатливо? Веројатно не. Дали е тоа повеќе етичко отколку политичко прашање? Веројатно, да. Дали мнозинството Британци во анкетите мислат дека свикувањето на општи избори е решение за политичката криза? Да, дури две третини. Дали Риши Сунак е легитимен премиер? Без сомневање – да.

Историските примери во последниве четирисетина години им даваат аргументи на ториевците за оваа промена на лидерството во партијата и во владата. Британските политички партии честопати правеа промена на премиерот без распишување предвремени избори. Гордон Браун го замени Тони Блер во јуни 2007 година како лабуристички и не одржа избори речиси три години. Џон Мејџор ја замени Маргарет Тачер во ноември 1990 година и не распиша избори уште една и пол година. Слично на Браун, Џим Калаган, кој го наследи лабуристот Харолд Вилсон, издржа речиси три години без избори.

Но, во секој од овие случаи, луѓето кои ја презедоа функцијата беа долгогодишни високи членови на владите на нивните претходници и во голема мера ја продолжија политичката програма на која беше избран нивниот претходник.

Можеби најважната разлика во британскиот и македонскиот случај е што министер или премиер на Обединетото кралство не можеш да станеш ако не си пратеник. Тоа е првиот и основниот законски услов. Но ние имаме сосема спротивни законски регулативи – не смееш да бидеш пратеник ако си станал министер. Така, ако Христијан Мицкоски случајно се натпреваруваше на избори во Британија, како некаков „шпицен кандидат“ без да биде на пратеничките листи, можеше да биде само функционер во администрацијата и ништо повеќе.

Австрискиот случај

Само во последниве неколку години има повеќе примери во Европа за смена на премиерот од иста партија без да се оди на избори. Еден од најпознатите е поврзан со драмата што се случуваше во Австрија и сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, Австриската народна партија. Себастијан Курц, тој анфан терибл на европската политика, мораше посрамотен да го напушти местото канцелар поради скандалот со корупцијата во ресорост финансии и нарачувањето анкети со кои требаше да биде претставен како најценет политичар во земјата. Кога таа измама беше откриена (анкетарите и издавачите, за возврат, добија многу вносни државни договори) тој мораше посрамено да си замине. Но, сепак, остана во Собранието како шеф на пратеничката група на својата партија. Во едно партиско разместување, него го наследи нам добро познатиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг. На канцеларското место остана само два месеци, откако Курц реши да ја напушти политиката. На негово место за канцелар во декември 2021 година дојде министерот за внатрешни работи, Карл Нехамер, исто од Народната партија. Шаленберг пак стана шеф на дипломатијата. Тројца канцелари за три месеци. За коалицискиот партнер, Зелените, тоа не беше проблем сѐ додека владата функционира според програмата. Опозицијата, Социјалдемократската партија, бараше предвремени избори. Таа води во анкетите, а Народната партија на канцеларот Нехамер е дури трета. Но, изгледа неверојатно владата да не го истурка мандатот до следните избори во 2024.

Има уште еден впечатлив пример со политичарката која ја знае цела Европа и која беше и во Скопје – финската премиерка Сана Марин. Нејзината Социјалдемократска партија дојде на власт во април 2019 во коалиција со уште четири партии. Премиер беше Анте Риине, а Марин беше министерка за транспорт и комуникации. Само половина година подоцна премиерот Риине неочекувано поднесе оставка откако не успеа да се справи со штрајкот на поштарите. Сана Марин беше на министерски состанок во Брисел кога ја повикаа итно да се врати назад во Хелсинки за да стане премиер кога во коалициската влада се бараше брзо решение за лидерство. Сана Марин со 34 години ја презеде одговорноста, иако не беше кандидат на партијата за премиер. Во јуни 2020 стана и претседател на нејзината партија.

Има и други актуелни примери, како во Словачка и Романија. Заедничка точка на сите нив е што владејачката партија доколку има мнозинство во парламентот може да ги промени лидерите и премиерите, а власта да остане кај неа. А во исто време опозицијата секаде каде што има предност во анкетите бара брзи избори. Едноставно, легитимитетот е во бројот на пратениците, а не во анкетите. Ако анкетите беа пресудни или успесите на локалните избори (како во Британија оваа пролет) тогаш лабуристите на свиканите нови општи избори би освоиле мнозинство незабележано во британската историја. Но Конзервативната партија и Риши Сунак мислат поинаку сѐ додека го имаат доволниот број пратеници. Како и Карл Нехамер во Австрија.

Слики (везови):
Peter Frederiksen

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Европа / Теорија
Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам / Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото