Национални симболи: птици кои ги претставуваат своите држави

01.11.2022 01:03
Национални симболи: Птици кои ги претставуваат своите држави

Паун, Pavo cristatus

Пред околу дваесет години едно јапонско орнитолошко здружение одлучило да избере национална птица на својата земја. Имало неколку кандидати меѓу кои белиот гулаб и полската чучулига. На крајот бил избран јапонскиот зелен фазан, Phasianus versicolor, поради неговата елеганција, неговото населување во близина на човечките живеалишта, честото спомнување во јапонските народни приказни и неговото вкусно месо.

Јапонски зелен фазан, Phasianus versicolor

Според податоците на организацијата Birdlife International, околу 90 земји во светот имаат свои национални птици. Како што пишува Адријан Лонг во билтенот на оваа организација, „националните птици се симболи на заедничките вредности карактеристични за една земја и кои сме должни да ги негуваме и заштитуваме“.

Првата и најпозната национална птица е американскиот белоглав орел, Haliaeetus leucocephalus, од САД. Во 1782 година тогаш новосоздадената држава официјално го усвојува овој вид како свој симбол. Можеби бил потребен моќен симбол за обединување на новата нација.

Американски белоглав орел, Haliaeetus leucocephalus

Велика Британија, пак, како многу постара земја, до неодамна немаше национална птица. Изборот за национална птица се одржа во 2015 година, и на него гласаа повеќе од 220.000 луѓе. Најмногу гласови доби црвеногушката, Erithacus rubecula, која беше прогласена за национална птица на Велика Британија.

Црвеногушка, Erithacus rubecula

Изгледа дека постојат одредени тенденции во изборот на националната птица, кои зависат од географијата. Ќе забележите дека жеравите се симболи на многу африкански земји, како што се јужноафриканскиот крунисан жерав, Balearica pavonina, во Нигерија, јужноафриканскиот кралски жерав, Balearica regulorum, во Уганда и синиот жерав, Grus paradisea, во Република Јужна Африка.

Фазаните се рангирани високо меѓу азиските национални птици. Паунот, Pavo cristatus, во Индија, сијамскиот фазан, Lophura diardi, во Тајланд и хималајскиот фазан, Lophophorus impejanus, во Непал. Покрај тоа, четири земји долж јужноамериканските Анди го избраа андскиот кондор, Vultur gryphus, за своја национална птица.

Од лево кон десно: син жерав; јужноафрикански крунисан жерав; јужноафрикански кралски жерав.

Не е задолжително една земја да има само една национална птица. Карипската земја Тринидад и Тобаго има две национални птици: црвен ибис, Eudocimus ruber и црвеноопашеста чачалака, Ortalis ruficauda. Првиот е симбол на островот Тринидад, вториот - на островот Тобаго. Можеби немаат можност да се сретнат во дивината, но и двајцата се претставени на државниот грб на оваа земја.

Црвен ибис, Eudocimus ruber

Црвеноопашеста чачалака, Ortalis ruficauda

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: National Geographic Srbija

Слични содржини

Свет / Екологија / Око
Екологија / Живот / Око
Наука / Екологија / Живот
Фотографија / Екологија / Живот / Уживање
Свет / Наука / Екологија

ОкоБоли главаВицФото