1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
Повик за разговор/работилница што ќе се одржи во културниот центар Јадро во сабота (05.11.22.) од 12 до 15 часот. Пријава за учество овде.
Поезијата е откривање на скриените врски помеѓу нештата кои, низ така откриените врски, ја покажуваат својата суштина, но и суштината на светот. (Влада Урошевиќ)
Оваа работилница можеме да ја поделиме во три дела: нашето разбирање на поезијата; анализа на неколку песни; пишување нонсенс поезија.
Во првиот дел ќе разговараме за посебното место што поезијата го има меѓу уметностите и ќе понудиме аргументи зошто поезијата се смета за базична или првична уметничка форма и зошто во поезијата „актуелноста и вонвременоста, навидум толку контрадикторни, се јавуваат во некои мигови испреплетени до неразделност“.
Во вториот дел ќе ги анализираме структурните и квалитативните аспекти на неколку песни, главно од македонското поетско творештво. Ќе се обидеме да понудиме барем неколку ориентири за попрецизно просудување и оценување на поезијата, но и ќе укажеме на често речиси невозможното класификување или дешифрирање на некои поетски дела: „Поетот ја дешифрира суштината на нештата, но, за да ја изрази, мора одново, на инаков начин, да ја зашифрира“.
Третиот дел на работилницата ќе биде мал час по креативно пишување. Ќе се обидеме заеднички, низ групи и низ игра, да создадеме неколку нонсенс песни и да укажеме на важноста на таа кај нас занемарена поетска гранка чија суштина се хуморот и игрите со зборови.
Како поттик за учество на работилницата пренесуваме „неколку лесно испарливи дефиниции“ за тоа што е поезијата, од Влада Урошевиќ:
Поезијата е искристализирана форма на нејасното.
Поезијата е чин на маѓосување: како некогашниот врач, и поетот фрла чинки натерувајќи го светот да му служи, то ест – да ја открие својата чудесност.
Проповедникот сака да ги убеди верниците дека зад непроѕирноста на секојдневните настани стои јасноста на божествената порака; поетот сака да им укаже на читателите дека зад јасноста на божествената порака лежи една непроѕирност од повисок ред.
Поетот има мигови кога е мошне блиску до искажувањето на суштината на светот, но поради лесната испарливост на таа суштина, најголем дел од неа исчезнува пред да биде искажан со зборови.
Поетот е како човек кој, затворен во темна темница, вели: „Има светлина на крајот од тунелот“. За жал, тој не се наоѓа во тунел, туку во подземна зандана. Но, му се чини, сепак, дека од некаде оддалеку како да се слуша свиреж на возот што пристигнува.
Слики: Henning Wagenbreth