Мајк Дејвис: Америка е во граѓанска војна со низок интензитет

02.11.2022 01:51
Америка е во граѓанска војна со низок интензитет

 Пред неколку дена почина Мајк Дејвис (Mike Davis), теоретичар, историчар, професор, новинар, автор на 20 книги, еден од најпознатите лево ориентирани интелектуалци во САД. Овде го пренесуваме разговорот меѓу него и Јерко Бакотин од 2021.

 

Урбаниот теоретичар, историчар, универзитетски професор, новинар и автор на повеќе од 20 книги, Мајк Дејвис е еден од најпознатите лево ориентирани интелектуалци во САД. Во средиштето на интересот на марксистите од јужна Калифорнија се прашањата за класата, расата и политичката моќ, историјата на трудот и економијата, политичкото насилство, општествените движења, екологијата и урбаната географија во САД и Третиот свет. Делата „Заробеници на американскиот сон: политиката и економијата во историјата на американската работничка класа“, „Доцни викторијански холокаусти“, „Автомобилот на Буда: кратка историја на автомобилот бомба“ или „Планета на сламови“ стекнаа светски углед. Дејвис е и активист и ангажиран јавен интелектуалец, коментатор на политички настани во влијателните леви списанија како што се The Nation или New Left Review, кој го уредуваше. Уште во 2005 година во книгата за птичјиот грип насловена „Чудовиште пред вратите“ утврди дека е прашање на денови кога заради уништувањето на животната средина и биолошки неодржливата глобализација и агроиндустријата ќе избие следната пандемија, додека по повод пандемијата со коронавирусот утврди дека „вистинската болест“ се вика - капитализам.

-Ги уништуваме природните бариери кои нè делат од енормните резервоари со вируси и бактерии меѓу дивите животни. Истовремено рапидно растат сламовите во сиромашните земји во кои не постојат санитарни инсталации ни чиста вода. Дури и без климатските промени кои ги принудуваат животните на миграции и ги доведуваат во контакт со луѓето, овие фактори се доволни за да создадат пандемска ера. Нова пандемија со птичји грип или некоја друга болест лесно би можела да биде многу посмртоносна од коронавирусот. Решението е да се запре уништувањето на тропските прашуми и да се спроведат здравствени, општествени и други реформи во сиромашните земји, вклучувајќи го и зголемувањето на платите, за да се изградат здрави заедници - вели Дејвис.

Во New Left Review и Guardian тврдите дека нередите на Капитол, со демонстрантите со бизонски рогови, повеќе беа црна комедија во стилот на Буњуел отколку реален бунт со цел одржување на Трамп на власт?

Размислете колку тоа беше глупаво. Овие луѓе извршија инвазија на Капитол и сторија безброј кривични дела. Но постојано беа снимани, при што не носат маски зашто го негираат постоењето на пандемијата, се фотографираат и споделуваат фотографии на интернет. Логично, имаат многу уапсени „маченици“. За разлика од нив, протагонистите на вистинскиот државен удар би носеле фантомки. Трамп влезе во конфликт со целиот воен естаблишмент, вклучувајќи ги Генералштабот и бирократијата од Пентагон, а го напушти и „големиот бизнис“. На денот на нередите, 6 јануари, челникот на Националното здружение на производителите (НАМ) - не постои институција која во изминатите 125 години била поважна за републиканците - од потпретседателот Мајк Пенс побара да го употреби 25-от амандман за да го смени Трамп. За време на мандатот на Трамп големиот бизнис беше мошне пасивен, за разлика од времето на Реган, кога за да ја совлада меѓународната конкуренција спроведуваше кампања со цел уништување на американските синдикати и отпишување на националните колективни договори. Трамп им даде сè што можеше, дури и она што не го бараа во однос на намалувањето на даноците и дерегулацијата на работните услови. Меѓутоа, стана јасно дека е неспособен да управува со кризата и дека тој и неговите следбеници се неспособни да обезбедат основни услови за јавна безбедност и репродукција на капиталот. Затоа капиталот го извлече тепихот под нозете на Трамп неколку месеци пред нередите.

Распадот на републиканците

Спротивно на тезите на либералите дека републиканците извршиле самоубиство, тврдите дека овие настани всушност ги ослободуваат од товарот?

Во Сенатот има низа млади и талентирани републиканци, да речеме Том Котон од Арканзас. Тие луѓе исто така се радикални десничари, меѓутоа Трамп ги гушеше нивните амбиции, особено откако стана јасно дека својата власт ја замислил како династија, со ќерката Иванка и другите членови на семејството како потенцијални претседателски кандидати. Последниве настани ги ослободија политичарите како Котон, зашто сега можат да аспирираат на високи позиции, вклучувајќи ја и Белата куќа. Републиканската партија се распадна, иако сè уште формално станува збор за една организација. На едната страна се посттрампистите, кои ги осудија настаните во Вашингтон. Главно не се умерени, но маневрираат за да ги придобијат жителите од богатите предградија, кои се традиционален свет грал на демократите. На другата страна, 139 републикански членови на Конгресот гласаа против потврдувањето на изборните резултати. Тоа се хардкор трамповци. Според едно истражување, 45 проценти од републиканските гласачи ја поддржуваат инвазијата на Капитол. Трамп ќе задржи значајно влијание во Конгресот, а бидејќи размислува според принципот на освета, помирување со републиканците кои гласаа за импичмент е невозможно. Трампистите се организираат за да ги срушат посттрампистите, и обратно. Заедно со победите на изборите за Сенатот во Џорџија, тоа му дава одреден простор на Џо Бајден, иако тој се соочува со реакционерниот Врховен суд.

Големите воени и банкарски компании како Боинг, Нортроп Груман или Голдман Сакс, великодушно ги поддржуваат републиканците - споменатите 139 конгресмени добија 170 милиони долари донации. Но за Трамп гласаа повеќе од 74 милиони „обични“ Американци.

Базата на Трамп се дели на тврдо идеолошко јадро, речиси недопирливо за политиките кои не се радикално десно и на ситуациските гласачи на Трамп. Анализирајќи ги анкетите заклучив дека Трамп добива помеѓу 38 и 42 проценти од гласовите без разлика на сè. Меѓутоа, значителен број луѓе, приближно 18 милиони, го поддржаа Трамп од економски и други причини. Демократите го одвоија прашањето за вработувањето од прашањето за борбата против пандемијата, па луѓето загрижени да не ги загубат работните места го затнаа носот и гласаа за Трамп. По 2016 година истражував 15 просечни окрузи од мали или средно големи индустриски градови, кои во минатото гласаа за Обама, но потоа го поддржаа Трамп. На пример, зборуваме за Мичиген, Ајова или Висконсин. Во сите случаи во изминативе 18 месеци дојде до затворање фабрики и губење работни места. Хилари Клинтон воопшто не зборуваше за тоа. Трамп лажеше, зборувајќи дека ќе врати милиони работни места кои ги украле Кинезите и Мексиканците, но барем го адресираше проблемот. Имаме доживотни демократи кои од демократски водените администрации никогаш не добија ништо. Разбирливо е зошто некои од нив преминаа на страната на Трамп.

Каков е класниот состав на следбениците на Трамп? Често се тврди дека главно станува збор за бели мажи од работничката класа.

Тоа воопшто не е точно, околу ова постои енормна збрка. Пред сè, Трамп победи зашто ја придоби христијанската десница - чиј кандидат на почетокот беше Тед Круз - овозможувајќи ѝ да составува републиканска платформа и да ја преземе контролата над судовите. Социјалниот профил на уапсените по нередите на Капитол е своевидна рентген снимка на базата на Трамп. Во неа има мобилизирани невработени бесни белци од Апалачите, но се чини дека се малцинство. Остатокот го сочинуваат адвокати, полицајци и мали претприемачи. Тие и самовработените ја сочинуваат реалната база на Трамп. Трамп на својата страна не повлече многу голем дел од белите работници, но тие се стратешки важен удел, доволен за изборна победа - а во американскиот систем бројот на освоени гласови и електорите се различни нешта. Трамп главно го поддржуваат новите богаташи, како што се агентите за недвижности. Најголемите донатори на радикалната десница, браќата Кох, никогаш не го сакаа. Изгледа дека крупниот капитал заклучи дека мора да биде поорганизиран за партијата на власт да му овозможи репродукција, а прашањето е до која мера тоа се однесува на републиканците, а до која на демократите. Кабинетот на Бајден е преполн со луѓе на Обама кои имаат неверојатни врски со воено-индустрискиот комплекс. Можно е на меѓународен план Бајден да влезе во преговори за вооружување и да поправи некои од лудостите на Трамп, но тешко е да се очекува дека ќе ја намали потрошувачката за војската, а станува збор за апсурдно високи износи.

За време на пандемијата десетици милиони останаа без работа, но 651 од водечките американски милијардери заработија енормно. Нивното богатство од март до декември се зголеми од вкупно 2,95 на повеќе од 4 трилиони долари.

Тоа се раздвоени реалности, зарем не? Во една сопственикот на Амазон, Џеф Безос, благодарение на пандемијата дневно заработува милиони, а во друга неговите доставувачи добиваат 14-15 долари на час. Трамп успеа да се претстави како заговорник на работни места, додека во реалноста тој е главна причина за колапсот на вработеноста заради минирањето на сите напори да успее затворањето на економијата и борбата против коронавирусот. Во речиси секој аспект од животот соочени сме со безобѕирната моќ на компаниите како што се Амазон, Волмарт (ланец супермаркети, според приходите најголемата компанија во светот) или социјалните мрежи. Станува збор за фундаменталната инфраструктура на 21 век, исто како што во минатото биле железниците или водоводните компании. На почетокот на 20 век не само социјалистите, туку и прогресивните републиканци и демократи се бореа за јавна сопственост над овие сектори. Мораме да развиеме уверлив модел кога се во прашање денешните супермонополи невидени во целата историја. Тоа што воопшто можеме да водиме таква дискусија е заслуга на Берни Сандерс. Од радикалната десница до радикалната левица, луѓето ги мразат овие монополи и ќе биде интересно да се види кој ќе ја преземе оваа тема.

Потенцијалот на левицата

Се истакнува дека за подемот на трампизмот многу се одговорни и политиките на демократите. На САД им се потребни длабоки реформи, но прашањето е дали 78 годишниот Бајден може да ги спроведе.

Администрацијата на Бајден испраќа сигнали дека за некои прашања ќе биде поконзервативна и од Трамп. Трамп безобѕирно интервенираше во наводно независните институции за да се обиде да ја намали вредноста на доларот и така да го поттикне американскиот извоз. Новата министерка за финансии Џенет Јелен зборува за опасноста од инфлација, која всушност не постои, и за нужноста од цврст долар. Ќе се повторат политиките и на Клинтон и на Обама, што е во конфликт со најавите на Бајден за милиони нови работни места. Повеќето новосоздадени работни места во времето на Обама и Трамп се слабо платени, станува збор за услужни и мануелни работни места. Долгорочно, единствена надеж за отворање работни места е во јавниот сектор, но тоа е мошне прашално со Бајден. Некои негови ветувања би можеле да постигнат добри резултати, како реформата на имиграциската политика и легализацијата на 11 милиони имигранти кои републиканците сакаа да ги депортираат, или најавите дека ќе отстрани бројни пречки во гласачките права, кои фанатично ги воведоа републиканците. Меѓутоа, иднината на макроекономијата во голема мера зависи од силите надвор од државната администрација, како што е силата на организираниот труд.

Каква е иднината на прогресивните политики во САД?

Навистина необично за САД не е тоа што земјата го создаде Трамп. Подемот на популистичката радикална десница постои и во Европа. Секако, значајно е што расистичката екстремна десница презема голема и стара партија како што е Републиканската. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека мнозинството Американци помлади од 35 години повеќе го преферираат социјализмот. Секако, за нив социјализам се политиките на Сандерс, а всушност станува збор за традиционална европска социјалдемократија. Сеедно, овој податок вџашува. Стотици илјади млади учествуваа во кампањата на Сандерс, како и во движењата Black Lives Matter и Occupy. Black Lives Matter буквално постигна чуда, иако, за жал, ова движење внатре беше фрагментирано. Сè повеќе семејства од средната класа не се во состојба да ја репродуцираат благосостојбата за своите деца, кои стекнуваат дипломи на колеџ, но завршуваат на работа во Старбакс или Амазон. Во моментов во САД постојат поголем потенцијал и поголема база за левицата од триесеттите години на минатиот век па наваму. Меѓутоа, нема организации на национално ниво. Кампањата на Сандерс се сведе на изборен проект. Берни сè уште изнесува прекрасни идеи, а со оглед на тенкото демократско мнозинство во Сенатот, ќе има клучно влијание. Меѓутоа, не зборува за задржување на масовната мобилизација и во моментов неговото движење лута. Левицата никогаш не би требало да ја препушти улицата, а моќта на избраните прогресивци во голем дел зависи од моќта на движењата надвор од системот. Делумно на шега, ја споредив нивната положба со положбата на болшевиците во втората царистичка Дума, имајќи го предвид прашањето како треба да се постават револуционерите во однос на изборите и што треба да прават кога ќе бидат избрани. Меѓутоа, Александра Окасио-Кортез и другите во сопствените средини навистина функционираат како трибуни. Особено таа не се плаши да му се спротивстави на демократското водство. Можно е Бајден да спроведе толку реформи што ќе исчезне потребата за вистинска левица, но мислам дека тоа е најмалку веројатно и дека прогресивците ќе бидат сè пофрустрирани.

Тогаш како го гледате општествениот и политичкиот развој?

Многу е тешко да се предвиди што ќе се случува во Америка следниве години, непознато е кои општествени сили ќе ја пишуваат историјата. Републиканците војуваат меѓусебно и се мразат повеќе отколку што ги мразат демократите. Бајден има прилика да оствари напредок, но освен Врховниот суд го спречуваат и конзервативците во Демократската партија. Неговата администрација, пред сè, е реставрација на онаа на Обама, а тоа не е она што го сакаат поборниците на Сандерс или Елизабет Ворен. Нејасно е колку ќе се исполнат ветувањата за реформи и колку Бајден ќе биде подготвен да се бори. Најлошо би било протестите и улиците да ги преземат закоравените поборници на Трамп. Во моментов неофашистичките елементи се мошне неспособни, многу нешта се само шоу за нивните социјални медиуми, но тоа не значи дека не можат да се појават многу посериозни организации. Истовремено, само последниве недели гледаме сè повеќе синдикални и антифашистички активности. Како и Европа, и САД создаде моќно движење на радикалната десница кое вклучува насилни паравоени групи, но од ѓубриштето на историјата се врати и американската левица. Постои голем потенцијал за политичко насилство, а САД имаат своевидна аура на Вајмарската република. Всушност, последниве години веќе се наоѓаме во граѓанска војна со понизок интензитет.

Имам длабоко личен однос кон Југославија

Едно неповрзано прашање - како, како левичар, го доживеавте распадот на Југославија?

Имам длабоко личен однос кон Југославија. Татко ми беше месар. Двајца негови колеги, воедно и негови најдобри пријатели, беа Хрвати и комунисти. Работев со нив, ми беа како вујковци. Потекнуваа од партизански семејства, ги читаа социјалистичките весници на американските Југословени и секојдневно ми објаснуваа што значат ослободувањето и единството на јужните Словени. Кога се распадна Југославија, се чувствував како клинец да ми го проби срцето. Инаку, во осумдесеттите години на минатиот век престојував во Љубљана, на повик на пријатели на Јанша, кои тогаш, секако, беа нови левичари, а подоцна станаа словенечки национални лидери. Долга и тажна приказна.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Ben Kehoe

Извор: https://www.portalnovosti.com/