1021 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 07:59
Излезе печатеното издание на „Зелена читанка“, во издание на ЦИВИЛ. Целта на публикацијата е, на лесно разбирлив начин, да придонесе кон подобрување на нивото на знаења за зелените прашања и зелените вредности. Публикацијата во електронска и печатена форма произлезе од истоимениот проект кој го спроведува организациската единица Зелен Цивил, во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
Публикацијата е печатена на рециклирана хартија и е објавена на македонски и албански јазик.
Главните цели на проектот „Зелена читанка“ беше развој на ресурсите и граѓанска едукација засновани на факти за зелените прашања и зелените вредности. Читанката е наменета за широк спектар на читателки и читатели, а особено може да биде корисна за носителите на одлуки и нивните тимови за односи со јавноста, граѓанските организации, институциите и медиумите за почетно, но и продлабочено запознавање со зелените прашања.
„Забележливо е дека дел од проблематичните одлуки на централно и локално ниво се должат отсуство на вистинско разбирање на одржливоста и меѓусебната поврзаност со другите релевантни сфери на социо-политичкото дејствување во општеството. Повеќе од итна е потребата да се разбере меѓусебната поврзаност, односно неделивост на областите како што се социјалната и еколошката правда, антинационализмот, владеењето на правото, родова еднаквост и антидискриминација. Тие и не само тие се интегрален дел од зелените политики. А тие вредности може да се негуваат и практикуваат единствено во нивната целовитост и неразделивост“ – се вели во едиторијалот на Џабир Дерала, по повод објавувањето на оваа публикација.
Проектот и публикацијата во електронска и печатена форма се заложба што се заснова на искуството на Зелен ЦИВИЛ во комуникацијата со граѓанките и граѓаните, политичките и претставниците на граѓанските организации, како и од мониторингот на медиумите, изборните и политичките процеси, од каде со сигурност може да се извлече заклучок дека недостига основно разбирање и знаења за тоа што значат зелените вредности.
Публикацијата е објавена на 134 страници и содржи 34 текстови со повеќе од стотина поими од областа на зелените прашања. Публикацијата е конципирана на тој начин што остава можност за проширување и осовременување на материјата во иднина. Објавена е на македонски и албански јазик и може да се преземе од greencivil.mk.