Бегство преку железната завеса

03.11.2022 10:13
Бегство преку железната завеса

Escape movies II

Њујорк, 1985.
Дејан Караклајиќ ме носи во архитектонското биро на пријателот Романец. Со чаша вино зборува како кај Ѓердап пребегал во Југославија јавајќи на плинска боца. Го пуштил плинот и тој со својот притисок го префрлил од едната на другата страна на Дунав. Многу Романци така бегале, но многумина притоа и ги губеле животите.

Неколку месеци подоцна во Њујорк тајмс читам текст за источноевропските граници и методи со кои властите ги фаќаат бегалците.

Букурешт, 1980. – 1985.
Полни пет години Богдан планира бегство. Пет години внимава што прави, каде пие, како и со кого разговара.

Салонта, 1985.
На таа мака конечно ѝ се наѕира крајот. Од слободата го дела само неколку часа. Тука е, на дофат на рацете, стотина метри од границата, под шумата во која се крие веќе трета ноќ.

Бришаниот простор на романско-унагрската граница го опколуваат ѕидови со бодликава жица. Меѓу нив има каллив пат осветлен од рефлектори. Првата рампа е на романската страна, втората на средината од патот, третата на крајот, покрај унгарската погранична куќа над која се виори големо унгарско знаме.

Чекајќи ја смената на романската стража, момент кој му се присторил далеку најсоодветен за бегство, Богдан размислува за тоа како ќе го започне животот на слобода. Прво, сигурен е во тоа, добро ќе се напие.

Во четири часот и тринаесет минути, точно две минути пред смена на стражата, Богдан тргнува. До подножјето на брдото трча низ шумата, а потоа завртува на патот.
Смената на романската стража е во тек. Никој од војниците повеќе не обрнува внимание на патот.

Богдан забрзува, трча цик-цак. Тоа е техника која со години ја вежбаше; четири чекори лево, пет десно, седум лево и два десно. Доаѓа до првата рампа, ја прескокнува. Трча понатаму. Доаѓа до втората рампа. Зад себе слуша војнички глас кој остро го повикува да застане.

Првиот рафал му свирнува покрај ногата. И уште еден покрај главата. Третата рампа е оддалечна само неколку метри. Нов рафал. Богдан се фрла преку рампата, се тркала. Ползејќи доаѓа до унгарската погранична куќа. Врти зад аголот. Конечно тука застанува.

Околу него има војници во унгарски униформи. Лицето на Богдан премачкано со кал се претвора во една голема среќна насмевка.

Во тој момент најблискиот војник со сета сила го удира со чизмата. Богдан почнува да лелека.

Два дена унгарските војници го испрашуваа каде тргнал, кој му помогнал, по кој пат одел. Среќен дека конечно е од другата страна на границата зборувал, изговарал имиња, откривал тајни патишта.

Кога на крајот од испрашувањето го фрлиле во мрачна просторија му требале дваесет и четири часа да сфати дека, како и педесеттината други со кои го делел подот во лажната погранична куќа, западнал во стапица на романската полиција.

Вистинската романско-унгарска граница изгледала потполно исто како и оваа, само што била неполни два и пол километри понатаму кон запад.

Фотографиите се од филмот The Manchurian Candidate (2004)
Превод: Дејан Трајкоски
Извор за текстот: Рајко Грлиќ, Нераскажани приказни (ПРОЗАРТ, Скопје, 2022)

ОкоБоли главаВицФото