Психологијата на климатскиот крах

04.11.2022 01:41
Психологијата на климатскиот крах

Во списанието Лансет неодамна беше објавена студија која откри поврзаност помеѓу агресивното однесување на интернет и временските прилики. Истражувачките го споредиле говорот на омраза на Твитер со температурите и откриле пораст на онлајн агресијата во случај на пониски или повисоки температури. Најизразен пораст на онлајн непријателство е откриен во случаите со екстремни жештини.

Во време на глобално затоплување студијата нè наведува на песимистички заклучоци: ако жештината ја зголемува човечката агресивност, тогаш тоа се навистина лоши вести за човештвото кое ќе мора да се прилагоди на живот на жешка планета, без оглед на успесите во ублажувањето на климатските промени.

Влијанието на климатските промени на конфликтноста, насилството и агресијата е мошне добро истражено, а врската е интуитивно позитивна: но само под претпоставка за светот во кој живееме. Иако се корисни зашто укажуваат на биолошките граници за поднесување на високите температури, студиите не треба да се сфатат како суво злато: луѓето се општествени битија и повеќе од сè првенствено ги дефинираат општествените односи во кои се впуштаат. Тие не се непроменливи, туку се менуваат во склад со борбите на општествените актери.

Капитализмот на катастрофата

Шпекулациите или тврдењата за човечката природа отсекогаш биле присутни во интелектуалниот живот на човештвото, а одиграле и особено важна улога во формирањето на политичките трендови на модерната доба. Последнава деценија или две, поп психологијата - паралелно со подемот на американската интернет десница - исто така се етаблираше во пошироките дискусии. Со јасен нагласок: човекот е себично, натпреварувачко и агресивно битие.

Секако, тоа се идеалните карактеристики на актерите на слободниот пазар. Во капиталистилстичките општества овој вид однесување се поттикнува, па дури и се произведува. Таквото гледиште служи за приказ на капитализмот како природна состојба - општествен поредок кој најдобро ѝ одговара на човечката природа.

Од оваа перспектива разбирливи се погледите на психолошките студии. Во општествениот поредок кој се темели на присвојување на заедничкото богатство - природните ресурси и општествениот труд и во кој поголемиот дел од населението не може самостојно да одлучува за своите животи, а државата авторитарно го контролира своето население и ги брани своите граници од другите, додека во исто време цвета опресија заснована на полот, бојата на кожата или други обележја, не треба да се очекуваат поинакви одговори. Заострувањето на природните животни услови ќе го заостри и однесувањето на луѓето кои ќе се најдат во таков свет.

Токму таквиот општествен поредок е причина за забрзаното исцрпување и уништувањето на природата. Капитализмот произведува природни и општествени катастрофи. Дури и кога се во прашање само силите на природата, на пример, геолошката сила во случај на потрес, но катастрофа истовремено предизвикуваат и општествените услови: полоша станбена изградба во помалку богати средини, нееднакви можности за обнова на домовите, (не)достапни ресурси за брза помош итн. Каузалноста е очигледна во климатскиот колапс: капитализмот го придвижуваат фосилните горива кои се главна причина за глобалното затоплување.

Природните и социјалните катастрофи исто така се деловна можност од перспектива на капиталот. Наоми Клајн го сврте вниманието кон тоа со изразот „капитализам на катастрофата“. Тешко е да се негира дека капиталот не ги користи катастрофите како катализатор за експропријација, дерегулација, приватизација, односно капиталистичка експанзија. Во моментов тоа можеме да го гледаме „во живо“ додека трае војната во Украина. Зошто би замислуваме дека можеме да очекуваме поинакви трендови во времиња на поинтензивен колапс на климата?

Комунизмот на катастрофата

Во одговорите на катастрофата може да се пронајде и упориште за оптимизам. Ребека Солнит се спротивстави на уверувањето дека катастрофите го извлекуваат најлошото од луѓето со идејата „заедница на катастрофа“ - нови колективни врски на солидарност и заемна помош и соработка кои се воспоставуваат помеѓу луѓето во катастрофални ситуации. Нејзин пример е ураганот Катрина кој го опустоши Њу Орлеанс, а во нашето опкружување можеме да се потсетиме на големите поплави на Балканот во 2014 година.

Солнит предупредува дека по катастрофа често прва задача на државата е да воспостави „ред“, а не да им помогне на жртвите. Во случајот со ураганот Катрина полицијата се фокусираше на спречување „кражби“ и притоа уби многу преживеани кои се обидуваа да побегнат од поплавениот град. Притоа не е редок уште еден одговор на државата - да потфрли во поголема или помала мера; не може да се соочи со последиците, а воедно и (привремено) ја губи власта на тоа подрачје. Со тоа се отвора уште повеќе простор за самоорганизирана солидарност на луѓето.

Во некои случаи, каде пред катастрофата веќе постоеле мрежа на солидарност, организациски врски и култура на заемна помош, заедниците на катастрофата започнале процес за поинаква организација на општеството, кој се темели на некапиталистички начела, елиминирајќи ги старите облици на доминација и угнетување. Истовремено се спротивставувале на обидите на капиталот кој во катастрофата препознал можност за гентрификација или други интервенции во општественото ткиво. Во круговите на либертаријанските социјалисти за таквиот одговор на катастрофални ситуации се вдоми изразот „комунизам на катастрофата“.

Но тоа се само минливи моменти на ослободување зашто државата ги „распушта“ или укинува кога ќе се воспостави барем некакво ниво на стабилност. Во исто време, овие моменти на рај се воспоставени во вистински пекол: уништување кое одзема многу човечки животи и важна општествена инфраструктура. Сепак, овие одговори нудат оптимизам - поглед кој е во спротивност со френетичната борба на сите против сите која ја влошува ескалирачката жештина.

Од двете перспективи можеме да направиме еден вид реална синтеза. Ова е излитена забелешка, но очигледно е дека луѓето имаат потенцијал да бидат лоши и добри. Себични, непријателски, шовинистички или алтруистички, солидарни, другарски. Однесувањето на луѓето мора да се разбере во сплетот на општествените односи и нивното сопствено делување.

Реализам

Ако не сакаме да се согласиме со песимистичкиот поглед, тогаш мораме да се посветиме на промена на општествените околности кои нè туркаат во себичност и натпреварување, а планетата во еколошки колапс. Но, за да се променат општествените околности, тие најпрвин мораат да се анализираат и разберат. Мораме да пристапиме кон разбирање на општествените односи и околности од аспект на припишување на луѓето што помалку или нималку вродени карактеристики. Во спротивно своето разбирање на општествените процеси го прилагодуваме на своите претпоставки за човечката природа или врз основа на тие претпоставки градиме цела конструкција полна со погрешни заклучоци и предрасуди.

Кога се разгледуваат причините за недостатокот на вистински масовен отпор на работ на климатскиот колапс, често се наметнува хипотезата дека деградацијата на природата е премногу апстрактна, дека кризите се минливи и дека работните луѓе не ги чувствуваат доволно на сопствената кожа. Ако малку ја прошириме хипотезата - дека сепак имаат доволно комфор за негување на внатрешниот егоизам - таквото гледиште предвидува и друга страна: дека нема јасен одговор што да се направи. Причина за отсуството на одговор или неговата маргиналност е и неразбирањето на општествените околности - односно теорија која би можела да придонесе за развој на таков одговор.

Трендовите за влошување и брзо приближување на климатските „точки на пресврт“ се случуваат и покрај разните напори на напредните општествени сили. Тоа придонесува за ширење дефетизам, па и климатски нихилизам: „не можеме да запреме ништо, немаме решенија“, што го надополнува начелото „уживај додека можеш“.

Но, притоа не смееме да го заборавиме воведното предупредување за биолошките учиноци на големите жештини и екстремните временски појави кои се последица на загревањето на планетата. Климатскиот колапс не е нешто од дистописката иднина, на глобалниот југ уште денес забрзано се уништуваат природните услови за живот, особено за малите земјоделски произведувачи, работните луѓе се туркаат во уште полоша беда или бегаат барајќи нов живот, а сè поизразени се и конфликтите за основните природни ресурси. Нема да помине долго време пред некои подрачја да станат ненаселиви заради комбинацијата на топлина и влага. Без оглед на трендовите, не смееме да се откажеме од борбата за ублажување на климатските промени. Науката за климата е јасна: сè уште има простор за маневрирање.

Но стеснувањето на маневарскиот простор и хоризонтот на климатскиот крах не значи и крах на смислата на општествената борба. Поуките за „заедницата на катастрофи“ или „комунизмот на катастрофата“ покажуваат колку, без оглед на ситуацијата, е важна борбата за институциите на солидарноста - како за државно организираната солидарност (на пример, јавното здравство), така и за облиците надвор од државата, односно новите автономни облици на солидарност.

Од друга страна, хоризонтот на климатскиот колапс наметнува радикализам во борбата, и тоа во лексиконското значење на зборот: борба која „се однесува на суштината, на темелот, и се остварува одлучно, без попуштање“. Суштина или темел се капиталистичките општествени односи кои забрзано ги уништуваат животните услови на човештвото и нечовечката природа и наметнуваат конкуренција и агресивност.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Mary Iverson

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

Свет / Екологија / Теорија
Општество / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Психологија / Наука / Екологија
Општество / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото