1022 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 19:59
Ако во идеален случај може да се владее, а при тоа да не се чинат злосторства, не постои случај во ко кој може да се владее а при тоа да не се чинат неправди. Не е така лесно да се држи во свои раце неограничената власт; во тоа се истакнуваат луѓето кои знаат да ставаат маски, да лажат, а кои се всушност убијци од голем формат. Гледано од перспектива на актуелните граѓани кои го живеат тој миг на владеење, никој не заслужува поголем восхит, но гледано од историско стојалиште, никој не делува покутро од тиранинот чијашто одлучност ја ослабнала неговата морална обзирност. (Емил Сиоран)
Демократијата за да се потврди како принципиелен и оправдан контекст мора да има неколку параметри а еден од нив е партицпативноста на гарѓаните во предлозите и процесите на одлучување. Токму тоа е она што недостига во нашиот контекст и токму затоа основното начело на демократија можеме да кажеме дека е загрозено.
Општи назнаки за семантиката на просторот
Денешниот немир е главно поврзан со просторот, многу повеќе отколку со времето. Со нејасните граници помеѓу приватното и јавното. Денешниот немир е поврзан со утописката верзија на посакуваниот град. Градот станува утописка рефернца во која се впишуваат интимните и колективните претпоставки. Ние губејќи го заедничкиот простор, урбан, политички, социо-културен, јавен простор ја загубивме својата интимна приказна.
Прашањето каков град сакаме не може да се одвои од прашањето какви луѓе сакаме да бидеме. Какви општетсвени односи сакаме да градиме, какво секојдневие сакаме, кои технологии ги сметаме за прикладни, какви естетски и културни вредности застапуваме. Правото на град е право да менуваме, да создаваме простори во кои заедниците ќе можат да се препознаваат, да припаѓаат како слободни, креативни и критички јадра. Менувајќи го градот според свои заложби, социо-културни визии и потреби се застапуваме за колективно не поединечно право. Слободата да се создаваме и да се менуваме во своите градови е едно од најскапоцените човекови права.
Денес идеалите за човековите права достигнаа на средиштето на сцената, и во политичка и во етичка смисла. Всушност живееме во свет во кој правото на приватната сопственост и на профитот стануваат доминантни. Но сепак постојат битки и за некои колективни, заеднички права кои ги наминуваат партикуларните интереси на оние кои ја имаат моќта на одлучување. Една од тие битки е правото на град.
Затоа треба да структурно да се застапуваме за своедна обликувачка моќ, граѓанска моќ над бескрупулозните начини според кои нашите градови се преобликуваат, задушувајќи ги и поништувајќи ги сите демократски принципи кои задираат длабоко во формулирањето на урбаната и солидарна, племенита организација на јавниот простор кој треба да почива врз темелите на граѓанското учество и заеднички изградените вредносни системи.
Градот станува сè поневидлива категорија... Обвиткан е со флуидноста на стравот дека нема да се сретнеме самите себеси во него, нема да се препознаеме. Соочени сме со кризата на целокупната перцепција. Затоа мораме да ги редефинраме економските, политичките, културолошките и останатите градски облици како и општествените потреби кои се инхерентни на урбаната заедница. Индивидуалните потреби се обоени од постранзициониот грабеж не само на просторот туку и на содржината, од постранзициониот искривоколчен неолибералниот капитал, и со тоа се подложни на манипулација. Но постојат потреби во градот кои не припаѓаат исклучиво на капиталот. Постојат потреби кои се во релација со творечката активност, со создавањето, креирањето на секојдневието. Постојат специфични урбани потреби како што се потребите за одредени места на средба и на симултаност, места на кои средбата нема да се смета за профитна разменска вредност.
Живееме во доба (како што вели Фуко) во кое едновремената отсутност во сè подоминантниот привид на присутност на просторот го креира нашето секојдневие. Доба во кое светот се става во искушение заради тоа што се поставував како мрежа која ги поврзува точките создавајќи дополнителен неред. Идеолошките конфликти кои лежат во основата на контроверзноста на нашето доба се случуваат заради насилното укинување на урбаната меморија и културното наследство, заради агресивното преобликување на континуитетот па следстевно и на сегашноста. Кај нас тоа се случува особено во последниве години. Сведочиме на тоа како меѓународно варолизираните и социо-културно потврдени историски вертикали и урбани топоси бескрупулозно се поништуваат, агресивно се преобликуваат и се испраќаат во заборавот без аргументација, туку хировито, со цел да се ревоспостави нова историја.
Но, градот во Република Македонија станува сè поневидлива категорија... Обвиткан е со флуидноста на стравот дека нема да се сретнеме самите себеси во него, нема да се препознаеме. Соочени сме со кризата на целокупната перцепција. Тој стана алатка за натпревар помеѓу политичките псевдо-елити и парадигма за насилно менување на историјата и на идентитетот во име на некои криминални интереси.
Затоа сметам дека градот во пост-посттранзициона Македонија стана место за отпор на вистината. И токму ваквите констелации бараат од нас одговорност да создадеме одново град кој ќе биде агонистички и антагонистички простор.
Токму затоа Нашата битка, во овие услови, е битка за правото на град. Идејата за одржлив праведен урбан развој на градот, во кој правото на учество на граѓаните во носењето одлуки за својата културна меморија и уште помалку за новите облици кои треба да ги има градот сфативме веќе во изминативе девет – дест дека е само залуден копнеж. Нашето право на град, нашите потреби, соништа, нашите урбани приказни, нашите средби со себе, со континуитетот, со заедницата се целосно проголтани од еден авторитарен концепт на владеење.
Креирање митови
Дали нашата сè уште не докрај артикулирана и именувана траума (а дали ќе има крај!?!), наречена Скопје 2014, ќе стане референтна точка на едно не-место во кое историјата се руши самат од себе и во себе, преку естетската и урбаната идеологија, создавајќи шизофреност во, ионака, кревкиот културен идентитет.
За тоа како идеолошкиот државен апаратус го исцртува идентитетот
Општеството и неговите политички екстензии создаваат идентитетски шнитови, калапи со кои ќе го постават човекот онаму каде што е потребно за да го завладеат. Ние сме само места на конфликтните јазици на моќта. Кога веќе мислевме дека таквите опресивни, паноптикумски, надзирачки практики почнуваат да бледнеат, Скопје 2014 нè потсети дека секогаш има можност за создавање нови матрикси на апсорбција на естетското низ политичкото и политиките преку државниот идеолошки апарат.
Доминантното чувство е дека овој фантомски политички проект, кој се остварува според најдобрата пропагандистичка традиција, задира длабоко во прашањето за слободата. Идентитетот изразен преку правото на град не ја прифаќа тоталитарната нарација на наложеност. Но ја практикува многу често третирајќи ја како единствена опција.
Релативноста на фактите, на историјата, на речта и на делата, во зависност од контекстот, создаваат актуелности и вистини, кои се контрадикторни, неретко утописки и често илузивни. Склопчени во меморијата на културата и историјата, ништо друго не можеме да направиме, во политичките, културните, па и интимните играрии, освен една илузија да замениме со некоја друга.
Се бара авторот на нашите идентитети во урбаниот простор
Кога се обидуваме да го промислуваме „археолошкиот“ локалитет наречен Скопје 2014, а со работен поднаслов идентитетска гасна комора, тогаш согледуваме дека таквата активност претставува ткаење на еден простор на халуцинација. Историска, духовна, емотивна, интелектуална – перформативна. Визуелна и аудитивна. Секој има свое историско паметење, секој создава сопствени културни конструкти. Халуцинираме, фантазираме, конфабулираме. Всушност стануваме (ко)автори.
Но, според Ролан Барт, кој одамна ја прогласи смртта на авторот, авторот е трансцедентна анонимност. Слично како и идентитетот. Авторот на идентитетот не е ништо друго освен парче време во парче простор. Тој е употреба на времето со кое треба да се завладее во јавниот простор.
Нека се замисли монструозниот автор на оваа директива наречена Скопје 2014 над тезите на Ролан Барт. Може ќе сфати дека одамна е мртов...
За отпорот
Отпорот да се соочиме со фактот дека некој преку проектот Скопје 2014 сака да нè стави во состојба на постојано пресоздавање, дека некој ни шепоти за тоа кои треба да бидеме, дека некој сака да го фиксира она што нам ни е флуидно, нестабилно и поттикнувачки креативно и богато, а тоа е идентитетот, е всушност отпор кон оние стратегии на дејствување со кои кулисите на моќ, што политичкото ги создава, го конструираат идеолошкиот апаратус1 на нашето естетско поимање на светот. Оти, естетското не е содржано само во уметноста – тоа понира во целиот социо-културен канал на комуникации помеѓу јавната и приватната сфера.
Дозволете ми еден мал екскурс во светската книжевност на тема идентитет. Постои една референтна точка, еден трансмитер низ кои се вкрстуваат, провлекуваат, среќаваат и разминуваат речиси сите аспекти на талкањето низ идентитетската запрашаност. Таа референтна точка се именува како Хамлет. Чинам дека никој подобро во историјата на светското книжевно и културно наследство не ја отсликал апсурдноста на потребата да се „припаѓа“, но воедно и да се биде ослободен од идентитетската даденост, од идентитетскиот конструкт.
Создавајќи и промовирајќи „лудило кое има метод“, значи функционално лудило, кое е единствениот спас во битката со владејачките тоталитарни нарации, Хамлет нè подучи дека зборот на оној што ја има моќта да го одредува доминантниот концепт на идентитетските рамки е празен, безвреден, манипулативен. Нè соочи со тоа дека постојат разни шаблони за везење на својата приказна. Разни шаблони за создавање стратегии, кои ќе ја задушат мултидискурзивноста на идентитетот. Идентитетот е мноштвен, мултидискурзивен и неговите значења се мобилизираат зависно до потребите. Па така, во едни читања идентитетот е културно наследство, во други научено дејствување, а во трети симболичка практика. Мене ми се чини дека најчесто е сè заедно. Згора на сѐ, овој конгломерат на идентитетски читања секогаш својата сенка, за добро или зло, ја втиснува во конструирањето или деконструирањето на градот.
Говорот на идеологијата преку културното наследство
Со лакрдијата наречена Скопје 2014, која, ако не знаевме кој ја смисли, и доколку опериравме со други референци од теоријата и историјата на уметноста, ќе можевме да ја прогласиме за вистинска постмодерна карневализација на државноста и на моќта (но за жал, тоа не е така), се отвора важно прашање, кое кај нас стихијно, ad hock, тотално дезориентирано се ползува во политичките програми на нашите политички субјекти (што сè повеќе наликуваат на објекти): дали на културата ú е потребен национален идентитет? И што всушност значи националниот идентитет? Како тој се (де)конструира? Во какви историски рамки идентитетот се збогатува, станува нешто кое слободно се надополнува и гради, а кои општествени и политички контексти придонесуваат за негово назадување, петрифицирање и создавање поголема конфузија, па дури и раскол.
Се разбира, идеолошката и политичката практика на моќта, и на потчинувањето преку ентропиското ползување на уметничкото и естетското, е парадигматична за сите тоталитарни режими, па следствено и за нашиов псевдо-демократски, кој сета своја лага, сето свое насилие и бестијалност, сета своја невоспитаност и сета своја паноптикумска тортура ја прикрива зад проектот Скопје 2014. Креаторите на овој монструозен и девастирачки проект, кој е близу до генетски и идентитетски инженеринг, велат дека станува збор за илуминации на нашето историско и културно наследство.
Културното наследство и културниот идентитет е нешто што може да постои само во критички „разговор“ и во дијалог со она што историјата го имплицира денес. Културното наследство евоцира ментални слики на стаклените, проѕирни претпоставки и артефакти. Притисокот што културното наследство ни го создава е поврзан со фактот дека тоа исчезнува, „како камен од песок“, се распаѓа и трансформира како такенина која се користи за тапети. Затоа, нели, сакаме да го конзервираме, да создадеме канони според кои тоа ќе трае. Да го оспоменичиме во музејски формат. Само се прашувам дали ваквата методологија на архивирање може да претпоставува дека идентитетот треба да биде врамен во некаква прецизна и конечна перспектива на толкувањето.
Културното наследство е совршен превод на она што било во она што е. Во таа смисла можеме да кажеме дека тоа е „договорно“.
Историјата, слично како и фикцијата, е дискурс, нарација, мета-јазик кој го создаваме преку одредени системи и модели во дослух со активниот миг што го живееме. Значењата и облиците не се во настаните туку во системите кои тие минати настани ги претвораат во сегашни историски факти. Тоа значи дека секој од нас ја има одговорноста за конструирање и функционализрање на квалитетните и значенски валидните историски и идентитетски факти.
А што со градот – има ли тој право?
Теориското промислување принудено е да ги редефинира економските, политичките, културните и останатите градски облици, функции и структури како и општетсвените потреби инхерентни на едно општество. Потребата за „град“ е воедно потреба и за творечка активност.
Дали е можно урбаноста и потребите кои таа ги носи со себе да останат места на кои размената нема да се смета за трговска, нео-либерална и профитна вредност?
Идеологиите и практиките кои ја сочинуваат „науката“ за градот говорат дека, често, градот и хоризонтите на очекување кои тој ги илуминира, а кои ние ги креираме, попримаат облик на обемен историски текст, документ, изложба, музеј. Таквиот, историски обликуван град веќе и не живее, се измолкнува и не е дофатлив. И токму тоа на градот му го прави проектот Скопје 2014 – проект кој сака да создаде анти-град, проект кој сака да создаде симулакрум и директно да нè втурне во бестијалноста на општеството на спектаклот.
Доба на теророт на демократијата. На постмодерната демократска етичност која е конфузна и која манипулира со „цитатите“ кои останале некаде благородно врежани во хипертекстот на нашата меморија, а кои го покренуваат парашањето за тоа што е право на индивидуалното артикулирање на етосот а што е парадигма на воспевот на толпата која секогаш и секогаш е пендрек за практикување моќ. Таа, лажната посткомунистичка, постранзициона демократија, на некој чуден начин, особено во нашиве полуартикулирани политички системи, ве лоботомизира, ве зомбифицира, ве инструментализра – бидејќи вие, немате право да му противречите на „совршениот демократски код“, за кој не знаете многу, и кој ви се пројавувава во давинчиевско сфумато, но „владетелот“, новиот демократски монарх, авторот на сите „проекти“, „идентитети“, „награди“ и „казни“, ви рекол дека не ви е добар диоптерот, треба да посетите офтамолог за да ј видите сликата кој тој вели дека е таква каква што треба да биде.
Политичката програма на урбаната реформа, која не се дефинира според можностите и потребите на постоечката заедница, е карактеристична за секој валдетел кој ултимативно сака да ја впечати својата трага на владеење како апсолутна, единствено нормирана и безусловно прифатлива. Општетсвото во кое живееме е парадигма токму за ваквата претпоставка – инсистирањето на културното наследство, на национално врамениот идентитет што соодветствува на „потребите“ и параметрите на мала владејачка група, е алатка за манипулација со поголемиот дел од заедницата. Станува збор за обид да се симулира чувство на безбедно припаѓање преку монументални урбанистички и естетски дразби со цел да се прикрие ентрописката природа на државниот и политичкиот апаратус. Климаксот на оваа чудесна рожба на идеолошкиот апарат е проектот Скопје 2014.
Во добата во која „идеолозите“ постојано инсистираат на структура, на проекти, на планови, деструкцијата на градот ја манифестира длабочината на феноменот на социо-културна дезинтеграција. Преку перципирањето и креирањето на проектниот урбанитет, државниот идеолошки апаратус ја открива својата празнина. Помеѓу подсистемите и структурите кои се консолидирани преку различни средства (присила, терор, идеолошко уверување), се наоѓаат јами, а понекогаш и бездни. Тие празнини не се случајни – тие содржат лебдечки елементи, но не и сила која може да ги поврзе. Во ваквата коњуктура сведочиме на тоа како идеологијата се обидува преку наметнувањето на големите историски нарации, кои во голема мера се артикулација на псевдоструктури на знаење и на моќ, да создаде модел кој ќе биде прифатен како апсолутност.
Скопје 2014: политика на насилство
Станува збор за политика на насилство која преку уметноста ги присвојува ставрноста и историските факти кои во неа се впишуваат. Од една страна се извршува системска репресија во однос на идентитетскиот избор, а од друга се симулира спас на нацијата и на општествениот систем. Правото на град, правото на урбан живот е укинато. Она што е иманентно на урбаноста, а тоа е впишувањето на времето во просторот, е доведено до шизофрена парализираност.
Дали ние можеме да бидеме хамлетовски храбри да си припишеме идентитет кој бара битка со и за идејата за слобода. Хамлет не дозволи да се доведе во прашање вербата во нестбилноста на идентитетот. И уште повеќе, се избори против тенденцијата за негова хомогенизација. Хамлет експлицитно укажа дека идентитетот е перформанс, театар, дизајн. Но, да успеетe да ја дофатите желбата, па згора на сè и да ја дизајниратe е речиси невозможно. Желбата дефинирана како нешто што нема реален објект во стварноста, подразбира недостиг. Целта на огласувањето, на рекламирањето се состои во создавање желби. Па, оттаму, кога се „рекламира“ идентитетот од страна на доминантните, владејачки државни политики и идеологии, агресивно, експлицитно и насилнички, постои опасност да го сведеме на желба и тој да остане еднаш за секогаш во најматните води на несвесното.
Нам не ни преостанува ништо другу туку да продолжиме да си го промислуваме идентитетот, од зад кулисите на историјата, од позади завесата на културата, од зад вратата на нашата интимна и приватна историја, засрамени од лошата сценографија за претставата Скопје 2014. Мислечката активност за нас, несомнено, е најапликативниот израз на слобода. Но слободата, пак, од друга страна, е оној факт кој помалку од кој било друг факт може да се сведе на мислење. Ете уште еден парадокс, кој упатува на тоа дека тешко конечно ќе го (о)смислиме идентитетот.
Верувам во циркуларноста на идентитетот во кој се стекуваат многубројни културни процеси и запрашаности: род, пол, класа, раса, јавното (поимањето и реагирањето на јавното), перцепцијата на Другиот, културната политика, образованието, говорот, тишината. Верувам во привременоста на личните и колективните архиви, и во нивната палимпсестна тенденција.
___________
1. Altiser, Luj, “Ideologija I državni ideološki aparat” во Marksizam u svetu бр. 7-8. Beograd, 1979.
Слики: Свирачиња