Свесната реалност е само сеќавање на несвесни акции

07.11.2022 01:16
Свесната реалност е само сеќавање на несвесни акции

Дали некогаш сте го имале она чудно чувство да го пуштите умот на пасење додека патувате со автомобил, а потоа кога ќе стигнете на целта не се сеќавате на ништо од патувањето? Или можеби сте се мачеле да заспиете додека мозокот бескрајно ви кружи so наметливи мисли? Дали некогаш сте биле „во зоната“ додека длабоко сте ангажирани во некоја активност, како пуштање музика или спорт?

Ова се некои од вообичаените искуства кои инспирирале тим од научници повторно драматично да ја преиспитуваат еволуцијата на свеста која луѓето (а можеби и некои други животни) ја поседуваат за својот ум и светот. Предводени од Ендру Будсон, професор по неврологија на Универзитетот во Бостон и Центарот за Алцхајмерова болест, истражувањето изнесува предлог дека „свеста, во својата срж, е систем на памтење“, а дека другите функции кои ги поврзуваме со свеста, како решавањето проблеми, „се развиени подоцна во историјата на еволуцијата“, се наведува во студијата објавена неодамна во списанието Cognitive and Behavioral Neurology.

Една важна последица од оваа хипотеза е дека нашите одлуки и акции прво се извршуваат несвесно, а потоа свесно се сеќаваме на нив околу половина секунда подоцна. На овој начин нашиот мозок нè залажува да мислиме дека правиме свесни акции во сегашноста кога доживуваме само одложени сеќавања на настаните. На пример, напоменуваат авторите, претходните студии открија дека на субјектите им биле потребни околу 500 милисекунди свесно да регистрираат стимулација. „Всушност, тврдевме дека ние не ги перципираме настаните свесно директно во реално време“, наведуваат авторите. „Светот го доживуваме како сеќавање. Со други зборови, ние технички не забележуваме ништо директно; впрочем ние го доживуваме сеќавањето на перцепцијата.“

Всушност, она што го нарекуваме свест првично е развиено за да ја олесни епизодната меморија - според теоријата мозокот комбинира сензорни влезови за да формира сеќавање на настаните. Сеќавањето и свеста се нераскинливи зашто еволуирале како дел од истиот систем.

„Нашата теорија за свеста ја отфрла идејата дека свеста на почетокот еволуирала за да ни овозможи да го сфатиме светот и да се однесуваме во склад со него, а потоа, во некој подоцнежен момент, се развила епизодната меморија за складирање такви свесни претстави“, рекоа Будсон и неговите колеги во студијата. „ Нашата теорија е дека свеста се развила со еволуцијата на епизодната меморија едноставно - и моќно - за да се овозможи феноменот на сеќавањето“.

Според истражувачите, потеклото на свеста од меморијата и нејзиното понатамошно постоење како најнапреден дел од мозочниот систем ги објаснува сите видови набљудувани феномени. На пример, забележуваат дека спортистите прво несвесно преземаат акции во дел од секундата, додека свеста (или сеќавањето) за тие акции пристигнува дури подоцна.

„Исто така тврдиме дека свеста е дополнително кооптирана за да произведува други функции кои не се директно релевантни за памтењето сами по себе, како што се решавањето проблеми, апстрактното размислување и јазикот“, забележа тимот. „Веруваме дека нашата теорија на свеста за меморијата е корисна (а можеби и точна) зашто помага да се објаснат феномените кои се препознаени како долгогодишни загатки за претходните теории“ и исто така ни помага да ги разбереме клиничките синдроми, експерименталните студии и секојдневните искуства“.

Научниците дискутираа за потеклото и функцијата на свеста илјадници години наназад, а темата сега допира разни области кои ги вклучуваат неврологијата, еволутивната биологија, филозофијата и етиката. Некои истражувачи сугерираа дека свеста еволуирала како механизам за посредување и контрола на нашето внимание, а други сметаат дека тоа е поврзано со јазикот и културата.

Будсон и неговите колеги забележуваат дека многу претходни студии ја најавија клучната улога на епизодната меморија во свеста, но оваа хипотеза ја подигнуваат на следното ниво сугерирајќи дека процесот на памтење епизоди во нашиот живот е темел на нашиот свесен ум. Велат дека тоа би ја објаснило нашата честа неспособност да ги контролираме своите мисли и нашата способност несвесно да извршуваме сложени задачи, како што се возењето или правењето музика.

„Нашето централно тврдење е дека свеста суштински и изворно е дел од експлицитната меморија. Ние доживуваме како светот напредува сериски зашто нашиот систем за свесно памтење создава линеарен, кохерентен тек на искуства од нашите несвесни, паралелни мозочни процеси“, заклучи тимот.

Секако, сето ова е само теорија - може да биде отфрлена и на нејзино место да дојде некоја друга. Авторите забележуваат дека претходните експерименти кои можат да укажуваат на несвесно памтење ја комплицираат нивната идеја, но додаваат дека можеби постојат алтернативни објаснувања за утврдените резултати. Без оглед на тоа, станува збор за фасцинантна хипотеза.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Megan Aline

Извор: https://www.vice.com/