Дали треба да останам, или да заминам?

08.11.2022 10:51
Дали треба да останам, или да заминам?

Изборот да се избегне одреден угнетувачки режим со напуштање на својата земја секогаш предизвикува голема доза на надменост меѓу противниците на режимот кои заминуваат и оние кои остануваат. Горчливиот јаз што често се развива меѓу луѓето кои треба да бидат на иста страна, но направиле различни егзистенцијални избори, е победа за таквите режими.

Не се знае сосема точно колку Руси ја напуштиле својата земја од почетокот на војната против Украина. Некои велат повеќе од милион, некои помалку. Но, обичните бројки можеби се помалку важни од профилот на повеќето луѓе кои заминуваат. Тие се меѓу најобразованите Руси: писатели, информатичари, новинари, филмаџии, музичари, академици, актери итн.

Некои заминуваат затоа што немаат избор. Новинарите кои беа критички настроени кон војната, како што е Евгенија Албатс, уредничка на The New Times, мораа да побегнат за да не бидат уапсени за ширење „лажни вести“ или затоа што се „странски агенти“. Други заминуваат затоа што сметаат дека животот во Путиновата Русија е неподнослив.

Олга Смирнова, примабалерина на балетот Бољшој, се пресели во Амстердам. Таа изјави дека „никогаш не би ни помислила“ дека „ќе се срами од Русија“, но дека војната направила да биде невозможно да се остане. Стотици илјади млади мажи побегнаа пред неодамнешната „делумна мобилизација“ на претседателот Владимир Путин, наместо да ризикуваат да бидат испратени да се борат во војна која никогаш не ја сакале.

Еден мој пријател во Москва ми кажа дека луѓето што имале шанса да заминат и го направиле тоа, сега се побројни од оние што избрале да останат. Сепак, некои истакнати личности кои се противат на војната на Путин се сè уште таму од секакви причини: тие не сакаат да ги остават своите семејства; не можат да најдат начин да продолжат да работат на друго место; сакаат да бидат сведоци за тоа што се случува во нивната земја. Независниот новинар Дмитриј Муратов вети: „Ќе работиме овде додека ладната цевка не ги допре нашите жешки чела“.

Ваквите избори никогаш не се лесни. Луѓе во некои други времиња и во други земји, како нацистичка Германија или комунистичка Кина, се имаат соочено со слична дилема. Ако заминете, ризикувате да станете неважни во сопствената земја и непожелни гости во странство. Ако останете, може да завршите во затвор, или уште полошо.

Оние што заминуваат се често критикувани дека се кукавици или предавници, додека дисидентите кои остануваат се притиснати меѓу странските сили и нивната сопствена влада. Русите кои ја сакаат својата земја, но ја мразат војната, се во иста позиција како и патриотските Германци кои ги мразеа нацистите. Имаат многу малку пријатели.

Изборот помеѓу останување и заминување секогаш предизвикува голема доза на надменост на сите страни. Оние кои се безбедно надвор од земјата, заштитени од бруталноста на војната и диктатурата, честопати инсистираат на тоа дека оние што остануваат мора да го покажат своето противење на владата. На конференција во Рига, поранешниот светски шампион во шах и политички активист Гари Каспаров изјави дека Русите кои сакаат да бидат „на вистинската страна на историјата треба да ги спакуваат куферите и да ја напуштат земјата“. Оние кои не го прават тоа, рече тој, „се дел од воената машина“.

Филмскиот режисер Кирил Серебреников беше измачуван од руската влада со години, но тој сепак одбиваше да си замине сè додека војната не ја прелеа чашата. Тој добро го срочи проблемот да се биде Русин кој му се спротивставува на Путин: „Оваа војна ја водат претседател и политичари за кои не гласав, но во очите на многумина, јас сум нивен ненамерен соучесник“.

Томас Ман, најпознатиот германски писател во неговото време, избегал од нацистичка Германија веднаш штом Хитлер дошол на власт во 1933 година. Неговите жестоки напади врз режимот на Хитлер биле емитувани за време на војната на Би-Би-Си. По војната, Ман тврдел дека сите Германци биле извалкани од нацистичките злосторства. Тој верувал дека и писателите кои ги држеле главите надолу се исто така оцрнети.

Ова предизвикало остри одговори од писатели како Френк Тис, кој не бил нацист, но избрал да остане во Германија. Токму тој ја измислил фразата „внатрешна емиграција“ за интелектуалците кои држеле само до себе, за да останат надвор од неволја. Луѓето како Ман, тврди Тис, беа кукавици, кои им го свртеа грбот на своите сонародници кои страдаа.

Тајс отишол и подалеку и тврдел дека оние што останале покажале поголема храброст. Тој зборувал за многуте Германци кои останале и никогаш не им простил на оние, како Ман или филмската ѕвезда Марлен Дитрих, кои заминале.

Горчливиот јаз меѓу луѓето кои треба да бидат на иста страна, но направиле различни егзистенцијални избори е еден од триумфите на угнетувачките режими. Тоа уште повеќе ја ослабува можноста за спротивставување.

Секогаш кога кинеската влада ослободува неколку добро познати дисиденти и им дозволува да се преселат на Запад, луѓето брзо ги поздравуваат таквите гестови како победи за човековите права. Всушност, овој вид на протерување е ефикасен начин да се ослободите од критичарите кои наскоро ќе бидат заборавени дома или ќе бидат отфрлени како ирелевантни. Честопати, цената на слободата во странство е да се води осаменички живот на огорчен критичар на оние од кои си заминал.

Егзодусот на најдобрите и најпаметните од Русија може да се покаже како благодет за научните, уметничките и академските институции на Запад. И тоа сигурно ќе им наштети на долгорочните економски перспективи на Русија. Но, на Путин веројатно нема да му пречи, се додека може да остане на власт.

Русите кои ќе останат ќе ги трпат долгорочните последици од милитаризмот на Путин, можеби дури и повеќе од Украинците кои сега го носат најголемиот товар од војната. Според зборовите на Илја Колмановски, познат новинар по биологија и наука, кој конечно ја напушти Русија поради војната, „со текот на времето, луѓето ќе сфатат дека инвазијата на Путин беше и напад врз Русија“.

Превод: Марина Туфекчиевска
Фотографии: Decision to leave (2022)
Извор: Project Syndicate

ОкоБоли главаВицФото