Како да се разговара со децата за мрачните страни на историјата

09.11.2022 01:36
Како да се разговара со децата за мрачните страни на историјата

Јувал Ноа Харари

Не можеме да ги заштитиме децата од историјата. Милиони семејства ги изгубија своите домови во Украина заради руската инвазија. Во Делхи рекордната температура од 50 степени целзиусови ги принуди децата да бидат затворени во своите домови во текот на летото, ги спречи да си играат и да одат на училиште. Цената на храната расте вртоглаво додека децата во целиот свет страдаат од глад. Младите генерации се соочуваат со големи историски прашања: Зошто постојат војни? Какво е местото на човекот во природата? Што се парите и зошто се толку важни?

Понекогаш децата кон овие прашања се однесуваат многу посериозно од возрасните. Тие се сомневаат во нештата кои возрасните ги подразбираат. Понекогаш возрасните се лутат кога детето реагира со „зошто?“ на секој одговор што го добива, но повеќето деца сакаат да допрат до суштината на нештата на начинот од кој се откажале возрасните.

Уште едно нешто од кое не можеме да ги одбраниме децата е нивната изложеност на фиктивни историски приказни. Децата од рана возраст се бомбардирани со преданија и митови не само за неодамнешните актуелни настани, туку и за темелните движења на човечката историја - кои сме, од каде сме дошле и како сме стигнале овде.

На пример, во Израел повеќето деца, дури и од секуларни семејства, многу порано слушаат приказни за рајот и гледаат живописни слики од Арката на Ное отколку што слушаат за неандерталците и гледаат слики од добата на палеолитот од пештерата Ласко или островот Сулавеси. Тоа има своја цена. Постои директна врска помеѓу исконската заповед „Раѓајте се и множете се, и наполнете ја земјата, и владејте со неа, и бидете господари на рибите морски и птиците небесни и сите ѕверки што се движат по земјата“ и актуелната еколошка криза. Може да се утврди и врска помеѓу историските митови за кои се учи во руските училишта и инвазијата на Украина и светската криза со храна.

Кога луѓето се изложени на вакви митови додека се млади, тешко е подоцна да се ослободат од нив. Затоа е неопходно да се разговара со децата за сериозни прашања на одговорен и научен начин заснован на докази, а не само на вера. Но како да се направи тоа? Тоа не е лесен предизвик. Неодамна се најдов пред таков предизвик пишувајќи книга за деца за историјата на светот.

Постојат теми за кои е забавно да се пишува. На пример, како живееле ловците собирачи во камената доба кога луѓето лутале во дивите шуми, а децата поминувале време учејќи да се качуваат на дрвја, да следат животни и да палат оган. Но некои други теми се далеку покомплицирани. На пример, што се случило кога древниот сапиенс го сретнал неандерталецот? Тоа покренува прашања како што се расизмот, војната, изумирањето и уништувањето. Каков бил животот на детето од примитивната мешовита заедница чија мајка била сапиенс, а таткото неандерталец?

Нужно е да се разговара за мрачните страни на историјата, но како притоа да не ги исплашиме децата? Основното начело е дека е подобро да се почека со детални описи за злосторствата до возраст кога децата ќе бидат во состојба да ги поднесат. Наместо опис на злосторствата, кога се зборува за мрачните страни на историјата подобро е да се нагласи дека луѓето можат да избираат и да дејствуваат. Дури и во многу тешки околности луѓето вообичаено можат да ги променат нештата кон подобро. Ова не е само обична желба, туку основен принцип на историјата. Историјата не е само истражување на минатото и не е листа со војни, катастрофи и мртви водачи кои владееле пред илјадници години. Историската наука проучува како се менувале нештата.

Ако мислиме дека светот отсекогаш бил ист и дека начинот на кој живееме е единствениот можен, секако дека ќе мислиме дека не можеме да промениме ништо и дека не постојат решенија за големите проблеми што ги имаме. Дури и ако ситуацијата е неправедна, што може да се направи? Вообичаено велиме „таков е животот“. Но кога учиме историја сфаќаме дела луѓето не живееле секогаш на овој начин и дека светот се менува постојано. Луѓето го направиле овој свет и тие можат да го променат. Секако, тоа не е лесно, но веќе се случило многупати.

Тоа е силата на проучувањето на историјата: таа помага во менувањето на светот. Тоа е и причина зошто многу влади се плашат од проучување на историјата. Авторитарните власти ретко забрануваат учење математика или физика. Но често на луѓето и особено на младите им забрануваат да учат одредени делови од историјата. Тоа се протегнува до далечното минато, до одамна мртвите владејачи кои владееле илјадници години пред нас: тие од гробовите ги пружаат своите вкочанети раце за да ја заробат нашата свест и да ги запрат промените.

Овие древни владејачи измислиле и прошириле приказни за богови и народи, за пари и љубов и милијарди луѓе денес веруваат во нив и им се потчинуваат. За да се ослободиме од овие замки мораме да разбереме како воопшто настанале ваквите приказни и како се ширеле. Така ќе разбереме дека тоа всушност се само приказни. Децата кои прашуваат „зошто?“ се силата која до срж може да ги разнишна древните преданија.

Постои уште една точка во која треба да се биде внимателен кога се разговара со децата за сериозни прашања. Мораме да го избегнеме не само предизвикувањето парализирачки страв кај децата, туку и префрлањето на нашата одговорност кај нив. Ние возрасните често очекуваме децата да им се приклучат на нашите проекти и да ги решат проблемите кои ние сме сакале да ги решиме, но не сме успеале. Затоа кога разговараме со децата за сериозни прашања, пожелно е повремено да застанеме и да се запрашаме зошто го правиме тоа.

Секој човек носи голем товар. Кога децата ги учиме историја, често се обидуваме еден дел од тој товар да го префрлиме на нивниот грб. Сакаме младите да продолжат да ги одржуваат верата, сеќавањата, идентитетите и војните кои ни се натоварени во текот на животот. „Подгледнете деца, јас го носев товаров, а сега вие сте на ред да го носите“.

Тоа не е праведно. Многу подобра причина за изучување на историјата е да им се помогне на децата да се ослободат барем од некои стравови, илузии и омраза. „Погледнете го товаров, деца. Го носев со години и бев несреќен. Не морате и вие да го носите“.

Проучувањето на историјата би можело да биде оружје за ослободување, а не за угнетување на луѓето. Инструмент кој ќе доведе до нови договори, а не до вечно одржување на старите конфликти. Главната цел на проучувањето на историјата не е сеќавањето на минатото, туку ослободување од неговата смртоносна прегратка.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото