Њујорк Тајмс започнува свој Викиликс

28.01.2011 12:14
Њујорк Тајмс започнува свој Викиликс

Весникот Њујорк Tајмс работи на развивање систем кој на доставувачите би им овозможил објавување на доверливите документи директно во весниците, и тоа сосем анонимно. Се верува дека овој проект претставува нов тренд во медиумите и своевиден одговор на брзиот раст на Викиликс.

Иако целата приказна сè уште нема официјална потврда, извршниот уредник на Њујорк Тајмс, Бил Kелер, најави дека системот би можел да биде сличен на Transparency Unit на Ал Џезира, претходно лансиран систем кој овозможува објавување доверливи документи.

Исто како и Викиликс, така и овој проект на Ал Џезира на корисниците им овозможува да ги поднесат документите преку шифриран систем кој не ги бележи нивните лични информации. Ал Џезира ја започна оваа иницијатива на почетокот на годинава, но поголемо внимание привлече со објавувањето на над 1700 документи во врска со израелско-палестинскиот судир.
„Канцеларијата на Њујорк Тајмс, која се занимава со интерактивните и компјутерскi потпомогнатите вести, преку советите на истражувачите и правните служби, ќе осмисли систем на своевиден безбеден проток на информации за дојавувачите“, изјави Келер за The Cultline.

Овој потег би претставувал одговор на брзиот раст на Викиликс, иако Њујорк Тајмс блиско соработуваше со оваа организација и нејзиниот основач Џулијан Асанж. Тие беа партнери при објавувањето на „Авганистанските дневници“, „Ирачките воени документи“ и истекувањето на информациите од дипломатските кругови.
Се поставува прашањето дали Викиликс е почеток на новиот тренд? Оправдано е да се претпостави дека сите големи светски весници ќе имаат свој мал Викиликс на кој анонимните доушници ќе објавуваат доверливи документи кои истекле од разни амбасади, министерства, влади...

Новинарот од весникот Њујорк Тајмс, Рафи Качадуријан, во својот авторски коментар праша дали потегот на станицата Ал Џезира претставува првиот чекор во создавањето новинарска трка во масовното објавување доверливи документи.

„Би бил изненаден ако новинарските организации веќе не работат на своите шифрирани портали слични на Викиликс“, напиша тој. „Њујорк Tајмс и Gардијан, на пример, имаат голем поттик да ги следат потезите на Ал Џезира и на луѓето да им дадат можност да пренесат чувствителни материјали директно до нив, а не преку посредник како Викиликс.“

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото