Кон изложбата „Анатомија на копнежот“ на Ване Костуранов

11.11.2022 10:18
Кон изложбата „Анатомија на копнежот“ на Ване Костуранов

"Нагоре"

На изложбата „Анатомија на копнежот“ на Ване Костуранов знаев дека ќе видам куќички, многу насликани куќички. Куќичките се заштитниот знак на неговиот сликарски израз. Токму ова самозададено ограничување на субјектот кој се слика, како и дводимензионалноста во сликарската техника укажуваат на највпечатлив начин дека во некои случаи, само во некои! – помалку значи повеќе. Минимализмот на Костуранов максимално ја открива неговата неограничена имагинација, неговата детска мечта и љубопитство неизгаснати во умот, во знаењето и во вештините на зрелиот уметник. А Ване е зрел уметник кој секогаш зема предвид дека во идеален свет зрелоста не служи за да се надмине детската „наивност“, туку врз неа да гради одржлив свет. За жал, „реалниот“ свет е сѐ, само не одржлив. Затоа Ване си го слика на платно и со срцето си живее во дом насликан како една од неговите куќички.

Како Ване и куќичките тежнеат нагоре. Така се вика една од сликите, „Нагоре“. Три реда куќи огреани од мало жолто сонце. Немирот е видлив на секоја од нив, или подобро да кажам, во секоја од нив. Тука се на сликата, но како да се подготвуваат за некакво дефиле, за пречек на некој важен гостин или за одбележување на некој важен настан. Сѐ на сликата е пријателски разиграно, како секој да тежнее кон секого. На куќичките воопшто не им пречи што се толку блиско една до друга, дури се и залепени. Во централниот дел во горниот ред има куќичка која е речиси невидлива. До неа има исто така едвај видлива скала, од оние најобичните, две долги талпи поврзани со кратки попречни летви – користена од памтивек. Но обичната скала не е воопшто обична. Таа се извишува над куќите и води високо низ просторот до самото сонце. Ете ги пред нас, stairways to heaven!, крајната цел на секое тежнеење нагоре. Но не е само скалата сублимат за желбата да се искачиме до небото. Секоја од куќичките е раздвижена. Не на нетрпелив или уште помалку на насилен начин. Раздвиженоста е како акт на некое љубопитно дете, кое се подига на прсти за да види што има зад оградата. Сѐ во оваа композиција е пријателски настроено и сведочи за општата желба кон она нешто што нѐ восхитува и истовремено нѐ надминува. Го насетуваме дека е тука до нас и со нас, а сепак е исто така и несогледливо отаде и недофатливо за ниту едно од нашите сетила. Заедно со куќичките и со скалата и сите ние кои ја гледаме сликата одеднаш разбираме сѐ за патот нагоре – за во следниот миг тој пак да се нурне во уште поголема тајна.

„Меѓата на светот“

Да се трага по оваа тајна е исто како во бајките да се бара крајот на светот. Од не така одамна со восхит откриваме дека нашиот свет нема краеви и дека е многу мал, а дека оној голем свет, вселената, е според наши мерки практично бесконечна. На бајките им е зададен смртен удар. Освен што не им е! Бајките можеби не соодветствуваат со емпириските, егзактни научни откритија за реалноста, но според суштината на својата порака се многу пореални од кој било учебник по математика или по физика. Древните бајки ја кажуваат вистината многу повеќе од денешните вести. Така, уметникот Костуранов, вљубеник во бајки, на слика ни покажува каде се наоѓа меѓата на светот. И тој е токму таму каде што Ване насликал мала осамена куќичка под српот светлина кој доаѓа од Месечината. И земјата и небото се во тон на сиво, првото потемно, а второто посветло. Но во тоа сиво има и бело за оној кој има очи да го види. Белината на поголемиот дел на месечевиот диск и двата бели снопа како да растат од куќичката. Тука е меѓата на светот, но тоа никако не е крај на светот! Бајката на постоењето продолжува на јаве како и во сите други бајки кои раскажуваат за тоа. Куќичката мирно си стои на работ и нуди спокој за секого кој ќе стигне до неа. Вештината на Костуранов да наслика и да именува е негов заштитен уметнички знак. Во делото „Меѓата на светот“ тоа особено доаѓа до израз.

„Сина улица“

Иако е минималист во својот уметнички израз, Костуранов не се притеснува да внесе комплексност во своите слики. Таков е случајот со сликата „Сина улица“. Стилот е впечатлив и препознатлив, а изборот на боите храбар и решителен. Сликата ни ја претставува сината улица, освен што една од куќичките е жолта, друга е бледорозова, а на неколку од сините куќи има и нијанса на црвено. Не би можело да се каже дека се работи за класичен покрив со црвени ќерамиди. Повеќе би можело да се каже дека студениот тон на сината е разбиен со топлата црвена, додека заедно со жолтата и розовата, уметникот како да ни кажува, „оваа улица е сина, со сини куќи, но животот во нив не е студен или отуѓен. Формите, големината, прилепеноста, како и идиосинкратската поставеност на прозорците сведочат дека зградите се како и човечките животи – на еден суштински начин сите исти и сите од крв и месо, а на многу дистинктивни начини сите се специфично свои. Колку со сината боја Костуранов ја обединува публиката која ја гледа неговата слика, толку и ја воведува во одаите на своето јас. Сликата е парадигма на нивните животи, додека тие се парадигма на сликата. Тоа е тајниот „премин“ на секој вистински уметник кој со себе ја води и публиката во „езотеријата“ на неговиот свет, чекор кој е секогаш ризичен, самопожртвуван и храбар.

„Чудна средба“

За уметникот пред сѐ тоа значи храбро соочување со себеси – преземање на ризикот да им дозволи на потиснатите прашања, засновани врз болка, несигурност и несовршеност да му се втурнат в лице. Само така платното, боите и четката ќе дадат искрен одговор, најпрвин за уметникот, а потоа и за публиката. Овој креативен процес Костуранов го претставил на сликата со име „Чудна средба“. Средбата е чудна затоа што сведочи за израз на приврзаност, на благонаклонетост, на ранливост, на доверба, или со еден збор на љубов. Целата „населба“ сведочи за радоста на двете централни градби да бидат една до друга. Би можеле тие да бидат секоја во свој простор, ограден, со пространи градини и со педантно искосена густа како тепих зелена трева. Овие две куќи секоја по два ката немаат ништо од тоа, но се имаат една со друга. Средбата меѓу нив е „чудна“ затоа што во циничниот свет на суровиот неокапитализам нема место за каква било сентименталност. Големите палати со цели паркови и шуми околу нив и одвоени од „обичната маса“ се предзнакот на социјалниот изолационизам и индивидуализам кој успехот го гради не со приближување, туку со отуѓување.

„Потеклото на надежта“

Филозофијата на Костуранов е во директна противречност на патот да ваков „успех“. Овој уметник не се откажал од една од највпечатливите карактеристики на човештвото уште од праисторијата – надежта. Четките на Ване се натопени во магија. Во буквална смисла на зборот, но и во пренесена. Магијата е буквална зашто во сликата „Потеклото на надежта“ Костуранов исто како и да успеал да го најде почетокот на виножитото. Додека во пренесена смисла надежта е едно мало црвено дрво. Отспротива, куќичките, кои како во страв да се обидуваат да се откорнат од своите темели, ова дрво ги успокојува и ги поттикнува да продолжат да бидат она што се и за што се создадени – безбедни катчиња за оние чии животи зависат од нив. Бришаниот простор меѓу дрвото и куќичките го претставува животот, оној за кој ние во Македонија таговно пееме, „Со маки сум се родил јас, со маки јас ќе си умрам“. Песната ја пееме токму затоа што така ќе ни олесни барем малку, но и затоа што се надеваме дека нема со маки да умреме. Пеејќи за маките од раѓањето до умирачката, ние тоа му наздравуваме на животот. Ване го прави истото со оваа слика. Сѐ е полесно, поубаво, повесело и порадосно кога е натопено во надеж!

„Војна“

Надежта ни е потребна повеќе од „лебот наш насушен“. Првите жртви во војната се луѓето, а веднаш по нив се куќите, нашите домови во кои личните и колективните сеќавања се мешаат со секој сегашен миг на животот. „Војна“ на Костуранов е потресен приказ на овој ужасен феномен на човечката цивилизација. Напукнатите згради кои „крвават“ го возмутуваат умот. Вештината и мајсторијата на Костуранов е преку еден единствен медиум на куќички да ни ги раскаже сите можни психосоматски состојби на човештвото. На сликите веднаш до „Војна“ слични, речиси исти вакви куќички, во слична и речиси во иста положба и сооднос зборуваат за радост, за спокојство за мир, за заедништво, за пријателство, за растење, за ... Но „Војна“ зборува за неискажливите страдања чии први, најчести и најбројни жртви се најранливите, оние што немаат никаква врска со причините, а уште помалку со поводот на која било војна. Куќичките на оваа слика се прилепени една до друга во страв и во агонија. Ја изгубиле својата основна функција да понудат безбедност и благосостојба. Сега, самите жртви, се станати закана и замка за нечии животи. Розовата боја, омилената боја на благородните овошки во цут напролет, е засенета од засирена црвена и од бездушна сива. Зградите се во движење, во бегство, но во композицијата нема простор каде што би се движеле на безбедно. Уметникот е свесен дека човековите страсти, кога не се превоспитани, здобиеното знаење го користат дијаболично – да се одземе, да се отме, да се разруши и да се убие. Куќичките на Ване го знаат ова и се тргнати во невозможната мисија да избегаат во некој подобар и поубав свет.

„Прва исповед“

Патот до ваквиот свет почнува со самоспознавање и со исповед. Тоа е она што го гледаме и го „исчитуваме“ од сликата „Прва исповед“. Главната реч ја имаат две куќички, едната црвена, а другата бела. Она што се забележува веројатно доаѓа од потсвесното на авторот. По внимателно набљудување на сите слики од колекцијата за оваа изложба се увидува дека само на оваа слика и само врз црвената куќичка Костуранов насликал прозорец со четири помали рамки во една поголема рамка. Таа пак, е совршено поставена врз покривот на куќичката. Крст врз црковен покрив? Белата и црвената куќичка се поврзани со тесна полукружна патека. Симболиката е навистина исклучителна зашто на ниедна друга слика нема ваков прозорец и ваква патека! Вака ли Костуранов го замислува „тесниот пат“? Патот на кој може да се тргне само со исповед, со покајание и со барање прошка. Ова дело е сликовен израз на иста тема во прозна форма од писателот Лаза К. Лазаравиќ – „Први пут с оцем на јутрење“. Љубовта која поттикнува на покајание и почнување нов живот преку превоспитување на страстите.

„Воздишка“

Кога тоа ќе се случи може да се даде оддишка и да се воздивне. „Воздишка“ е исклучителна глетка! Под темносините облаци и насреде ширната земја две куќички се припиле една до друга како да им зависи животот од тоа. Ама ете сега се гушнати и светот не изгледа толку голем и страшен, облаците им ги мијат покривите со дожд и не им се закануваат со молњи и со громови. Една убава ослободувачка воздишка и животот е убав!

За тоа копнеат куќичките на Костуранов кој севкупниот копнеж на човештвото го насликал во „Анатомија на копнежот“. Градбите, поточно една масивна градба лебди на небото, а до нив досегнува една скала, исто така речиси редовен мотив заедно со куќичките на сликите на Ване. Нијансите се темни, дури и црни, но преовладува сината боја. Секој копнеж на оваа земја, во светов каков што го познаваме се состои од болката заради спознанието на тегобноста на постоењето и на восхитот заради радоста на тоа исто постоење. Каков е крајниот исход на постоењето на единственото битие на земјата кое е свесно дека постои засебно од сета друга појавност? Дали по неколку милијарди години, кога Сонцето ќе ја потроши сета своја енергија и ќе експлодира, тоа ќе биде конечна пресуда за смислата на животот? Или дотогаш нашите потомци ќе се засолнат во некои новооткриени светови? Или сепак на крај, сѐ одново ќе воскресне? Човештвото нема одговор. Оттаму и копнежот кој е дел на секоја човечка генерација од колевка до гроб. Ване Костуранов ја поставил скалата по која може да се искачуваме и да ја видиме анатомијата на тој универзален човечки копнеж.

„Анатомија на копнежот“

Со колекцијата „Анатомија на копнежот“ Костуранов покажува дека уметничкото може да биде сведено на една мала точка, на еден потег на четката, како и да биде неисцрпно нанесено во бесконечно разни форми, бои, техники и композиции. Ване го обединува најдоброто од двата краја на уметноста – не престанува да си црта куќички како и секое друго дете и не престанува со четката да досегнува до неизмерните длабочини, височини и широчини карактеристични за врвен уметник.

Коста Милков
Балкански институт за вера и култура