Креативци, треба да зборуваме за вештачката интелигенција!

14.11.2022 02:24
Креативци, треба да зборуваме за вештачката интелигенција!

По објавувањето на книгата „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ од Бранко Прља во која се искористени илустрации направени со помош на Стејбл Дифјужн (Stable Diffusion), се очекува се поголема употреба на вештачката интелигенција во креативните сфери во Македонија.

Книгичката можете да ја симнете бесплатно тука (овозможено од Арно.мк).

AI се развива многу брзо и го гледаме тоа во „real-time“

Во светот нештата се многу понапред. Иако се работи за технологија која е во широка употреба само неколку месеци, според The New York Times „апликациите како DALL-E 2, Midjourney и Stable Diffusion го менуваат начинот на кој филмаџиите, дизајнерите и другите креативни професионалци работат.“

Го прашавме Бранко Прља за неговото мислење на таа тема.

„Веќе долго време следам што се случува на полето вештачка интелигенција, но тоа што ме изненади е колку брзо истата навлезе во светот на креативноста,“ рече Бранко.

„Не би очекувал ни на сон дека истото ќе се случи толку брзо, мислев дека технологијата ќе се развива полека и постапно во следниве децении. Но, тоа што се случи е неверојатно. Најинтересно е дека во светот на оваа технологија промените се случуваат многу брзо, речиси секој ден има нова апликација.“

„Кога ја правев книгата за Курт Кобејн станав свесен на моќноста на овие алатки од прва рака. Се занимавам со пишување и дизајн, и навистина уживам во правењето книгичките за едицијата Мала фактопедија, но Стејбл Дифјужн сосема ја смени мојата перцепција на уметноста, креативноста, па и на реалноста,“ додаде Бранко.

Сакате ваш портрет во стилот на Рембрант? Нема проблем!

Навистина, ако машините можат да ја „имитираат“ човечката креативност, тогаш која е нашата улога? Да измислуваме нови стилови кои ќе можат да ги копираат? Или наскоро нема да им требаме ни за тоа?…

Апликациите функционираат така што можете да ги тренирате и сами за одреден лик или стил. На пример сакате да направите сопствен портрет во стил на некој познат уметник. Рембрант, Ван Гог, Банкси?… Нема проблем.


Алберт Ајнштајн во стилот на Рембрант, Ван Гог и Банкси, илустрации направени за помалку од 5 минути!

Се што треба е да аплоадирате само 30 сопствени фотографии и да го тренирате AI. Сето тоа трае еден час. Потоа треба да проверите дали некој друг го тренирал AI за стилот на овие уметници. Ако не е направено, можете да го направите и сами. Тренирањето на стил е потешко од тренирање на лик, но може да го направи секој. И воала!

Ако ве „мрзи“ да губите време за тренирање одреден стил се што треба е да почекате некој друг да го направи тоа, а веројатно е дека ќе го направи скоро.

Откако ќе ја создадете вашата слика потоа постојат други AI алатки со кои можете да менувате делчиња од неа, да ја предимензионирате позадината итн. Не ви се допаѓа како излезе раката на илустрацијата, нема проблем, само означете ја и AI ќе ви „нацрта“ нова!

Што е prompt и како функционира?

Текстуалните инпути, тоа што ќе го внесете како упатство за AI да произведе слика се вика prompt. Ова е интересно само по себе бидејќи секоја апликација има уникатен начин на кој ќе ја процесира вашата текстуална наредба. DALL-E 2 и Midjourney се поинтуитивни, додека Stable Diffusion бара повеќе труд и повеќе текст.

Но, нештата не се толку едноставни. Мора да знаете што сакате и да експериментирате со резултатите кои ќе ги добиете. Луѓето најчесто се откажуваат по неколку обиди зашто не го добиваат тоа што го замислиле.

Сепак, не се работи за „нуклеарна физика“ (иако технологијата која стои зад AI е веројатно покомплицирана!), и секој може да го совлада пишувањето prompts во однос на неговите потреби. Всушност, ова е толку интересна дисциплина, што веќе постои нова професија. Сакаш да бидеш текстописец на prompts? Нема проблем!

Вештачка интелигенција како џек-пот!

„Кога почнав да експериментирам со AI сфатив дека поради нејзините речиси неограничени потенцијали целата работа наскоро ќе стане глобално популарна,“ рече Бранко Прља. „Секој може да создаде фантастични илустрации со помош на AI, но тоа не е единственото што ја прави привлечна. Кога ги правев двете книгички од Мала фактопедија (бр.15 и бр. 1, реиздание) станав опседнат со AI. Експериментирањето секој пат дава интересни резултати, но не е едноставно да се задоволиш со еден резултат.

„Целиот процес со создавањето слики со помош на AI по малку наликува на рулет – никогаш не знаеш што ќе добиеш и кога ќе ја добиеш вистинската илустрација тоа е џекпот!“

Социјалните медиуми на времето беа критикувани токму заради тој принцип на „џекпот“ со кој го задржуваат вниманието на корисниците и ги прават речиси зависни. AI нема таква намера, но секако има таков ефект.

„Сo денови не можев да се одвојам од апликацијата и ноќе со часови останував буден мислејќи на нови стилови и prompts кои ќе ги пробам за подобри резултати. Навистина е зависно, но веројатно се работи за добра зависност,“ дополнува Бранко.

Што велат уметниците?

Грег Рутковски (Greg Rutkowski) e најпознатиот уметник на денешнината благодарение на AI! Тој е поприсутен како prompt на апликациите за AI отколку Пикасо или Ван Гог. Бројот на сликите создадени со помош на AI во негов стил веќе ја надминува неговата децениска креативна продукција.


„Кафез за змејот“, Грег Рутковски


Илустрации во стилот на Грег Рутковски добиени со помош на Stable Diffusion

Самиот Грег на тоа го гледа како проблем и во право е. Кога ви е потребна илустрација во стилот на Грег, нема да ја нарачате од него или да ја купите од неговата архива, туку ќе си направите сами стотици илустрации во негов стил со помош на AI.

Освен тоа, проблемите настануваат и кога корисниците тренираат AI во стил на одреден уметник без негово одобрување. Грег Рутковски предлага да се исклучат живите уметници од AI базите. Заради неговите ставови тој е критикуван од AI заедницата.

Постои ли соломонско решение за помирување меѓу креативците и AI?

„Секогаш кога ќе се јави нова технологија постои страв кај луѓето. Повторно ни се случува моментот кога Metallica сакаше да ги тужи Napster за пиратерија и предизвика бурни негативни реакции кај публиката. Сега на сцената е Грег Рутковски против AI,“ вели Владимир Карер за Арно.мк

„Грег може да избере да стане омразен уметник или во историјата да биде запишан како прв AI уметник. Вештачката интелигенција е тука и нема да замине,“ дополнува Владимир.

Како единствено решение ни се гледа фер однос, т.е. склучување примирје помеѓу уметниците и вештачката интелигенција така што компаниите кои ги прават овие апликации ќе им даваат процент на уметниците со секоја продуцирана слика во нивен стил. Може да биде еден цент или делче од цент.

Се разбира ова може да е изгубена битка, бидејќи технологијата е веќе слободна и бесплатна за користење. Постојат многу отворени прашања кои допрва ќе се отвораат, а уметниците, креативците, информатичарите и AI ќе мора да најдат начин да се усогласат и да работат за заедничко добро.

Користењето на AI во македонската уметност

Бранко Прља, по неговата книга за Курт Кобејн, која е прва во македонското издаваштво, дизајн и уметност која користи AI, подготвува и други такви книги.

„Едицијата Мала фактопедија ја започнав пред пет години, во 2017, со книгичката „Необични факти за Алберт Ајнштајн“ и тиражот на оваа книгичка е одамна исцрпен. Затоа моментално правам второ изменето и дополнето издание со илустрации правени со AI. Се обидувам да држам чекор со технологијава и ми се чини дека веќе доста напреднав во однос на првата книгичка за Курт Кобејн направена со помош на AI. Таму, сепак, ми одговараше тој малку поуметнички, речиси детски, несофистициран, гранџи стил на илустрирање на кој и самиот Кобејн бил фан. Со новата книга освојуваме нови хоризонти!“

Погледнете извадоци од второто издание на книгата „Необични факти за Алберт Ајнштајн“ која е во подготовка.


Слики добиени со користење prompt “Albert Einstein and Brad Pitt” во стил на стрип (comic book style).

Сликите се потоа доработени и со изменет колорит.


Споредба помеѓу првото и второто (изменето и дополнето) издание на книгата „Необични факти од животот на Алберт Ајнштајн“.

Извор: https://arno.mk/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото