1031 hPa
71 %
8 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 17:59
Зошто, спротивно на Европа, на моралот и здравиот разум, Србија тврдоглаво одбива да ѝ воведе санкции на Русија?
Дежурното објаснување гласи - заради големата русофилија во српското општество. Наводно, нашиот просечен Петар Петровиќ од уплатницата за РАТ (републичка административна такса), и вооружен со комплети книги од Толстој и Достоевски „на метар“ на социјалистичките регали, едноставно ги обожава Русија и Русите.
Па тогаш не е политички лукративно да се раскине оваа љубовна врска. Високите функционери и властите и опозицијата се тркаат во лојалноста кон Русија, додека ТВ Хепи, Вечерње Новости и останатите таблоиди сипаат проруска пропаганда директно во мозок. Сето тоа зашто во Србија постои натприродна блискост и љубов кон Русија, нејзината култура и цивилизација. А дали е навистина така? Секако дека не е.
Во прашање е мит, идеологија или политичка фикција. Прво, вистински русофили и љубители на руската култура има во целиот свет, а најмногу на Запад. Ширум Западна Европа, како и во Србија, постојат прекрасни катедри за руски јазик и книжевност, односно словенски студии (Универзитетот во Манчестер нуди и двопредметни студии по социологија и руски јазик и култура).
Во Америка, студии по руски јазик и книжевност постојат на најугледните универзитети како што се МИТ, Беркли, Стенфорд, Колумбија, Јеил итн. Второ, и покрај задолжителните лектири (а и тоа е прашање), во Србија не се чита современа руска книжевност. Во кината нема руски филмови, не се користат руски социјални мрежи, не се консумира руската кујна, од патиштата исчезнаа Ладите и Москвичите, а руската стока сè уште е синоним за сомнителен квалитет.
Трето и најважно - како секоја држава и општество, и Русија е мошне комплексна творба, составена од луѓе со разни хабитуси и светогледи. И затоа, кога се повикуваме на Русија, клучното прашање е - на која, каква и чија Русија? Чија е „наша“ Русија?
На пример, Русија е земја на Лав Толстој. Тој бил и истакнат пацифист, социјалист или анархист, и „Војна и мир“ ја насловил според истоименото дело на францускиот анархист Прудон. Со своите идеи за ненасилен отпор, Толстој влијаел на Махатма Ганди (со кој се допишувал) и на Мартин Лутер Кинг.
Ги критикувал православието, расизмот и бракот како институција, па бил анатемисан и исфрлен од Руската православна црква. Значи, кога нашиот русофилен Петар Петровиќ мисли на Русија - дали навистина мисли и на анархо-пацифистот Толстој, кој би се гнасел од руската агресија на Украина? И зошто не мисли?
Русија е и земја на Александар Пушкин. Потомок на црнец од Камерун, кој рускиот режим заради песната „Ода на слободата“ го протера во егзил. Имено, Пушкин бил под големо влијание на либералниот индивидуализам на Кант и на идеите на француското просветителство - кои сигурно не се меѓу идеалите на нашите политички русофили.
Русија е и земја на Фјодор Достоевски. Иако турбо-православен и конзервативен, и тој бил уапсен заради критика на режимот, осуден на смрт, а потоа испратен на тешка робија во Сибир. А дали нашите русофили ги сакаат Пушкин и Достоевски - или пак Русија која ги апсела? Проблеми со рускиот режим имале и Гогољ (цензура и прогон) и Тургењев (исто). Апсен е и Пастернак, а цензуриран Булгаков. Го гледаме образецот?
Русија е и земја на посовремената (врвна) книжевност, и која веројатно не ја читал нашиот русофилен Петар Петровиќ. На пример, земјата на Осип Манделштам, кој заради песна за Сталин бил прогонуван, апсен и испратен во Гулаг (каде починал). Или, земја на Ана Ахматова, која била под надзор целиот живот. Земја на авангардистот Данил Хармс, кој повеќе пати е апсен и умрел од глад во затвор. Русија е и земја на Јосиф Бродски, кој беше затворен во лудница заради „општествен паразитизам“.
Овој „паразит“ потоа ја напушти Русија и замина во САД, каде предаваше на најголемите американски универзитети и доби Нобелова награда за книжевност (1987). За себе зборуваше дека е „руски поет и американски граѓанин“. Русија е и земја на Владимир Набоков, либерал, критичар на религијата и предавач на руска книжевност на Универзитетот Корнел (тојпорачува „Јас сум американски писател роден во Русија“) чија „Лолита“ ја екранизира Кјубрик.
Русија е и земја на исклучителна класична музика. На пример, Николај Римски-Корсаков, отстранет од универзитетот заради неподобни политички ставови. И земја на Игор Стравински, кој го поминува животот во емиграција. Како и земја на Петар Чајковски, кој не бил прогонет, но бил - хомосексуалец. И му диригираше на њујоршкиот симфониски оркестар на отворањето на Карнеги хол во омразената Америка. Што мислат за тоа професионалните путинофили?
Русија е и земја на модерни (апстрактни) сликари кои ја револуционализираа ликовната уметност - Казимир Малевич, Марко Шагал и Василиј Кандински. „Црниот квадрат“ (1915) на Малевич, навистина „само“ црн квадрат на бела површина, беше најрадикална слика на своето време. И тоа е Русија (а Малевич исто така беше апсен и принуден да го напушти апстрактното сликарство“. Каква црна апстрактна уметност, какви коцки и решетки, икони и „Косовка девојка“, нели?
Русија е и земја на Димитриј Менделеев, творецот на Периодниот систем на елементите - на ужас на просечниот путинофил кој се плаши од севкупната и западна „хемија“ во природата и општеството. И земја на Питирим Сорокин, големиот социолог кој, по егзилот од Русија, триесет години беше професор по социологија на Харвард.
Сите овие руски великани на книжевноста, науката и уметноста - биле интегрален дел од западната култура. Во таа смисла и најголемите владејачи, Петар Велики и Катерина Велика, биле - прозападни модернизатори. Петар Велики буквално им ги бричел брадите на државните чиновници (црквата го забранувала тоа) и заповедал да се носи облека според европската мода.
Ги забранил договорените бракови, им наредил на руските благороднички да одат на балови наместо да седат дома и генерално правел сè заостанатата и феудална Русија најпосле да заличи на земја од Западна Европа. Катерина Велика вовела огромни политички и образовни реформи под влијание на европското Просветителство (се допишувала и со Волтер) и, под нејзина власт, Русија доживеала вистинска ренесанса во науката и уметноста. Значи, и тие исто така биле руски царови и царици.
Сето тоа е контра на путиноидите, дверашите, народњаците и останатите заостанати литијаши. А зошто нашите русофили не се огледаат на Европејциве од нивната божем сакана Русија?
Најпосле, Русија е и земја на новинарката Ана Политковскаја, која известуваше за руските злосторства во Чеченија и го критикуваше режимот на Владимир Путин. Па беше убиена во својот лифт во 2006 година. За време на владеењето на Путин убиени се и руските новинари и уредници Игор Домников, Сергеј Новиков, Владимир Кирсанов, Сергеј Иванов, Едвард Маркевич, Наталија Скрил, Валериј Иванов, Димитриј Швец, Аликан Гулиев, Јуриј Шчекочикин, Алексеј Сидоров, Максим Максимов, Магомед Јевлојев, Иван Сафронов, Станислав Маркелов, Анастасија Бабурова, Наталија Естемиров, Михаил Бекетов, Николај Потапов, Аркадиј Ландер, Тимор Кујашев, Максим Бородин, Денис Суворов... и така повеќе од 300 (триста) новинарки и новинари! А каде исчезна во преводот љубовта за овие Русинки и Руси, настрадани од огнено оружје, труење или мистериозно паѓање од прозор?
Кога денес во Србија се колнеме во Русија - ние заправо не ја познаваме таа Русија. Русија не е Владимир Путин, како што ни Србија не е Слободан Милошевиќ или Александар Вучиќ. Дури и тие да ги предводат и да имаат огромен број следбеници.
На крајот на краиштата, во моментов не постои поголем русофоб на планетата Земја од - Владимир Путин. Ја изолираше својата земја, ѝ донесе меѓународни санкции, испрати во смрт илјадници млади Руси, и му залепи етикета злосторник на рускиот народ. Со зборовите на Томислав Марковиќ, „Сите денешни путинофилски повикувања на руската култура, на големите творци, се бесмислени, јадни, бедни, промашени, неуки и цинични. Путиноидите не се на страната на руските писатели и интелектуалците на кои се повикуваат, туку на страната на нивните цензори, затворските чувари, прогонителите и крвниците“.
Опседнатите русофили во Србија не ја сакаат Русија - туку автократијата и идеологијата на Владимир Путин. Едноумие, чистки, темнина, антизападност и војна. Ако Русија утре стане либерална демократија, со политички плурализам и почитување на човековите права, веднаш ќе се заборави на (пацифистот Толстој) и (педерот) Чајковски.
И преку ноќ ќе се најде некој нов пример во некаков Иран, Кина или Северна Кореја. Најпосле, кога во Белата куќа седна автократот, националист и расист Доналд Трамп веднаш ја засакаа Америка. Па и Шешељ ја фураше сликата на американскиот претседател на своето надмено стомачиште.
На крајот, и моето лично име е - руско (а татко ми е професор по руски јазик и книжевност). Го добив по Максим Горки, писател и хроничар на тешкиот живот во Русија, чие вистинско име било Алексеј Максимович Пјешков. Моите родители го преведуваа неговото „Детство“. Семејството и пријателите и денес ми се обраќаат со рускиот прекар - Аљоша.
Уште еднаш, секое општество и држава се комплексни творби. Но не е сеедно кој аспект од тоа општество или култура ќе го избереме како свој симбол, пример или парадигма. Борбениот Путин или пацифистот Толстој? Авагангардистот Малевич, хемичарот Менделеев, апсурдистот Хармс, новинаркста Политковскаја? И затоа, чија е наша Русија? И зошто велиме Русија - а мислиме на Путин?
Фотографиите се од филмот Левиатан (Андреј Звјагинцев, 2014)
Превод: Алек Кузмановски
Извор за текстот: https://www.danas.rs/