1026 hPa
49 %

8 °C
Скопје - Вто, 11.02.2025 16:59
Во денови кога се прелистуваат летните спомени, воздухот сè уште шушка како свила под крилцата. Ретка хармонија на летањето со белина ги засипува небесните патеки: тие се час кружни, час параболични.
Одеднаш, надоаѓа студена воздушна струја и крилатите шамичиња за миг замрзнуваат во летот, се придвижуваат малку по инерција, а потоа паѓаат вертикално. Кога ќе ја допрат земјата, ѕвечкаат стаклено и се ронат на парчиња.
Излажани од љубовта и времето, птиците согоруваат метеорски и незаборавно, воскреснувајќи во хартиените играчки на децата.
Tоде Илиевски (Мраморец, Охридско, 1952 - 2022, Охрид) – поет, писател за деца и за млади, енигматичар и шаховски проблемист.
Автор е на поетските книги „Концерт за шумите“ (1992), „Зелен блен“ (2001), „Лов на Лебедовото езеро“ (2008) и „Пролетен ветер“ (хаику, 2012) и на четири книги поезија за деца.