Митогенезата на ВМРО ДПМНЕ е врховистичка?

15.11.2022 12:38
Митогенезата на ВМРО ДПМНЕ е врховистичка?

Не е новост кога ќе речеме дека историјата ни дава можност низ разбирање на минатото подобро да се осознаеме себеси во сегашноста. Тоа понекогаш од нас бара сериозен напор за преиспитување на историјата, па и на природата на историското знаење. Имено, филозофијата на историјата бара од нас во континуитет да преисипитуваме од што точно се состои таа: од индивидуални или колективни дејствија, од партикуларни или општествени настани, или можеби од политичките, социјалните, културните, технолошките, природните структури, околности и контексти.

Несомнено е дека сите наведени варијабли се значајни детерминанти за толкување на историските факти и секогаш треба да се земат предвид кога имаме намера да ги презентираме минатото и настаните случени пред нас, а кои имаат значење за нас во сегашноста. Историјата, како секоја друга наука со намера да се закити со атрибутот хуманистичка, не може и не смее да биде ослободена од морални, и етички консидерации, па дури и од субјективни и херменевтички аспекти при анализите. На пример, Хегеловата филозофијата на историјата е интересна во таа смисла зошто, според него , историјата се разбира како процес кој се движи кон многу специфична состојба: ЦЕЛОСНА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ЧОВЕКОВАТА СЛОБОДА.

Хегел ја разоткрива врската меѓу таканаречената „објективна“ историја и она што се нарекува субјективен развој на индивидуалната свест (дух/Geist) како интимен аспект. Ова е централна теза во неговата Феноменологија на духот. Хегел вели :„Историјата е процес преку кој духот се открива себеси и својот концепт“. Со други зборови, тој укажува на низа специфични моменти сметајќи ги за значајни во т.н. светско–историска смисла, а кои ги поврзува со процесот на постигнување на последната фаза на историјата: ОТЕЛОТВОРУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВАТА СЛОБОДА.

Но, зошто тука зборуваме за Хегел и за неговото разбирање на односот меѓу историјата, свеста и слободата?

Причината е едноставна. Прво, прашањето на слободата отсекогаш било интересно за човекот како посебна индивидуа, но слободата е категорија со која се занимаваат и колективитетите. Колективот често ја разјадува слободатата на своите индивидуални членови, па така слободарските концепти концепти запаѓаат во контрадикции и судири. Историјата е преполна со примери кога ги сретнуваме тие контрадикторни стремежи за слобода, и колективни и лични.

Токму таква контрадикторна динаника и интерпретација на слободата се случила и во рамките на нашата историја, ако воопшто можеме така да ја именуваме историјата на ВМРО – како наша?! Со други зборови, периодите пред отелотворувањето на државно-правниот субјективитет на македонската Република, а поврзани со револуционерните движења кои се залагаат за СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА (штo и да значи тоа), се преполни со контроверзи. Тие секако поризлегуваат од различните интрепретации за тоа што е СЛОБОДЕН МАКЕДОНЕЦ и како треба да изгледа неговата СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА.

Овие прашања се актуелни и легитимни и денес.
Она што е застрашувачко, а е поврзано со барањата за ослободување на поединците и колективите, како во минатото така и денес, е дека НАСИЛСТВОТО НЕРЕТКО СТАНУВА ИНСТРУМЕНТ ЗА СЛОБОДА – па така слободата често е обременета од нејзините задушувачки еманации - насилството и злоупотребата.

Зарем ова не е контрадикторно и контрапродуктивно? Одговорите варираат.

Ако ја прашате, на пример, Менча Корничу (осудената атентаторка на Тодор Паница), таа веројатно ќе одговори негативно на горното прашање. Оти убиството на Паница ќе биде извршено во име на ослободување на Македонија – со што пред нас се разоткрива фактот дека во времето на Менча и Паница дефинитивно се етаблирале различните концепти и верувања во врска со тоа што е и каква треба да е слободната македонска република.

Случајот со атентатот на Паница, имено, во една хегелијанска смисла го актуелизира токму прашањето за дострелите слободата, токму во врска со македонското прашање кое во времето пред македонската државотворност, а поврзано со ВМРО, изобилува со контроверзи, како што впрочем и атентатот на Паница ќе ни разоткрие.

За овој атентат Австрискиот суд ја утврдува вината на Корничу, а од судскиот записник дознаваме дека во нејзината организација постоело различно рзабирање на слободата. Оттука можеме да разбереме дека македонската митогенеза за ослободувањето и осамостојувањето изобилува со толку различни сфаќања и интерпретации за тоа што значи слободна Македонија; меѓу другото значи и серија на атентати и убиства во име на „слободата“.

Каква е таа Слободна Македонија: слободна во рамките на Бугарија или слободна како Голема Македонија?

Убиството на Паница и судењето на неговата атентаторка Менча во австрискиот суд ги откриваат несогласувањата во тогашниот вмровски свет, меѓу поврзаните настани и личности, а посебно несогласувањата околу Ванчо Михајлов.

Сето тоа може да нè доведе до непријатното прашање: дали е можно да се зборува за слобода и слободна Македонија во контекст на фашизмот?

Легитимно е прашањето дали е морално исправно да ја поврзуваме и интерпретираме историјата на Македонија со историјата на фашистичкото крило на ВМРО со оглед на фактот дека државотворната афирмација на Македонија се случи со АВНОЈ/ АСНОМ.

Роденa во Крушево, Мелпомена Димитрова Карничева ја познаваме како сопруга на Иван (Ванчо) Михаилов и како атентаторка на Тодор Паница. Менча од блиска пријателка станува негов егзекутор зашто тој од страна на врховистичкото крило е обвинет дека има врски со Коминтерната и со српските тајни служби. Како што дознаваме од одбраната на Менча, Паница бил прикажан како агент на српската реакција, односно болшевистички платеник.

Тодор Паница е само еден од 119 убиени членови од Левото крило на ВМРО, кои биле под раководство на Димо Хаџи Димов, односно, како што е наведено во Arbeiter Zeitung на 2.10.1925: „убиството што го извршила Карничу е само едно од синџирот убиства во странство извршени од режимот на Цанков“. Поточно, Паница како предводник на Серската револуционерна група, заедно со многу други, ќе биде убиен од групата предводена од Цанков и Протогеров.
Од судењето на Менча разбираме дека поделеноста во рамките на ВМРО се движи на линијата врховисти наспроти автономисти, леви против десни, социјалисти и фашисти, врховисти и санданисти. Паница ѝ припаѓа на автономашката санданистичка лево ориентирана и социјалистичка групација, додека Сарафов, Гарванов, Протогеров и Цанков се во другата група. ОБЕТЕ ГРУПИ ИМААТ СОСЕМ РАЗЛИЧНО РАЗБИРАЊЕ НА ИДЕЈА ЗА СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА.

Толку различно разбирање што насилството ќе стане алатка во име на таа слобода. Уште повеќе, соработката на Ванчо Михајлов со НДХ и со Хитлер, од една страна, и отелтворувањето на македонскиот државен субјективитет во рамките на СФРЈ пред нас ја отвара можноста да размислуваме многу повеќе и многу подлабоко за нашата историја, посебно онаа пред државната, пред АВНОЈ/АСНОМ во 45-та.

Во тој правец важно е да нагласиме дека, иако фашизмот бил инфилтриран меѓу Македонците, македонската победа во борбата за слобода е поврзана со партизанското движење и со социјализмот. Се чини дека тоа е среќна историска околност оти фашизмот како антицивилизациски и антихуманистички проект сам по себе е во контрадикција со слободата. Затоа и епизодата на преддржавната фашистичко-врховистичка историја на дел од ВМРО никако не треба да се заборави, но во контекст на тоа дека била десеткувана со победата над фашизмот.

По овие наводи сакам да запрашам дали свесно, во чие име и со каква визија за слободна Македонија, г-динот Христијан Мицкоски ја даде изјавата во која не сака јасно да се огради од врховизмот, во услови на полна уста антибугарски и антифашистички пароли? Дури рече дека го почитува континуитетот на врховистичкото наследство и Ванчо Михајлов, во услови на комплексни околности за Македонија. Конечно, како ги поврзува завчерашните изјави со една постара кога повика: „СЕ ОБЕДИНУВАМЕ КАКО ТЕНКИ ГРАНКИ ВО ЕДЕН СНОП” при што направи директна референца на Мусолини и фашизмот (за оние кои не знаат нека видат на Google што значи реченицава и нека го видат амблемот на италијанските фашисти).

Накусо, дали митогенезата на ВМРО-ДПМНЕ е врховистичка и што значи тоа за Македонија денес?

Слики: Свирачиња

Извор за текстот: Либертас

ОкоБоли главаВицФото