Како да се затоплат домовите, а да не се загади воздухот?

16.11.2022 10:34
Како да се затоплат домовите, а да не се загади воздухот?

Извор: Дојче Веле

„Екстремно загаден воздух, доминантен загадувач е ПМ 2.5“ - ваква порака деновиве на своите мобилни телефони можеа да забележат бројни жители на Скопје, кои ја користат апликацијата „Мој воздух“, која што го мери квалитетот на воздухот. Иако грејната сезона само што започна, во делови на Скопје веќе се дише опасен воздух. Енергетската криза само ги зголеми стравувањата на жителите на главниот град како ќе се преживее зимата, во услови кога во недостиг на гас, скапи дрва и пелети, во игра се враќаат поевтини начини на загревање, коишто ја загадуваат животната средина.

Кризата како предизвик

Тешко е да се каже во текот на зимата колку од граѓаните ќе се префрлат на горива коишто ја загадуваат животната средина. Но, податоците на Заводот за статистика укажуваат дека околу 40 проценти од населението живее на граница на сиромаштија пред добивање социјална помош или пензија. „Тоа значи дека кога ќе се зголеми цената на огревното дрво или пелетите, тие домаќинства ќе се одлучат да користат нешто што е полесно достапно и поевтино“, вели Давор Пехчевски, координатор за енергија во Еко-свет.

Тие неодамна реагираа по најавите на ЕСМ дека ќе започне тестирање во топланите во Скопје на нови мотори со дизел гориво: „Ваквите најави од ЕСМ се несериозни и непотребни во услови кога природниот гас е достапен како опција, а неговата цена барем во овој период не е повисока. Од почетокот на ноември веќе секојдневно се надминуваат дозволените вредности на загадувањето на воздухот во Скопје, кое во некои денови е и двојно повисоко од дозволеното. Со користењето на дизел во топланите, дури и само во овој тест период, загадувањето уште повеќе ќе се зголеми“, посочи Пехчевски.

Иако веќе втора зима по ред се соочуваме со енергетска криза, според еколозите, одлуките што се носат за нејзино надминување мора да бидат транспаренти и да носат придобивки на долг рок за да не се повтори кризата и наредната година. Тие се децидни дека грижата за јавното здравје мора да е дел од носењето одлуки во енергетската криза.

„Она што сакаме и го бараме веќе 20 години е да се направи енергетска транзиција на земјата кон обновливи извори. Денеска дури и за загревање на поголеми градови и места постојат технологии за да се користат обновливи извори - може да се користи сончева, геотермална енергија, веќе има складирање на енергија. Тоа е иднината, а не она што сега го правиме, што е 50-60 години враќање наназад - користење на дизел, мазут“, вели Пехчевски.

Компаниите да продолжат да користат гас

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини смета дека компаниите треба да продолжат да користат гас, а не да се оди на понееколошки варијанти, како дизел и мазут. Сѐ што е поевтино не значи дека е добро за граѓаните. „Барам сите да бидат свесни и да не одиме назад“, рече министерот, кој е дециден дека и покрај енергетската криза сите треба да се свесни за животната средина.

.„Имаме за жал загадување, но ако гледаме како било претходните години, имаме намалување на аерозагадувањето. Тоа значи дека нашите политики што пробуваме да ги направиме измена на греење на болници, на полициски станици, градинки и училишта има позитивен ефект. Не можам да кажам што ќе биде утре, но морам да кажам дека сме во енергетска криза, имам разбирање и за граѓаните кои се најзагрозени во вакви кризи, но апелирам на свесност од сите институции, приватниот сектор и граѓаните“, вели Нуредини.

Министерот упати апел до граѓаните и сите институции, како и приватниот сектор за свесност и одговорност со способност за прилагодување. „Да правиме паметни избори не само во начинот на затоплување, бирајќи поеколошки, поефикасни огревни материјали, туку и во рационалната употреба на возилата и правилно положување на отпадот како клучни фактори во загадувањето, бидејќи, на крајот од денот, сите го дишеме истиот воздух. Правото на чиста и здрава животна средина е наше право, но и обврска на секој од нас кон средината во која живее“, нагласи Нуредини.

Досега околу пет големи компании побарале да ја сменат дозволата со која во случај на недостаток од гас ќе користат дизел. „Ако компаниите имаат А интегрирана дозвола, мора да направат барање за измена на дозволата и процедурата трае околу три месеци. Значи ние мора да процениме прво дали таа измена е во согласност со законот“, вели Нуредини.

Во истражувањето на МЦМС - „Толеранција и вредности на граѓаните“, речиси половина од граѓаните (49,5 проценти) велат дека загадениот воздух е најголем предизвик за животната средина. За околу една четвртина тоа е загадувањето на водите (реки, езера) и водата за пиење, а на трето место (18,1 процент) е загадувањето на почвите и депониите. Скоро половина од испитаниците ги посочиле граѓаните како најодговорни за состојбата со животната средина, а мало малцинство одговорноста ја гледаат кај државата и општините.

ОкоБоли главаВицФото