Се бара прецизирање на критериумите за државно финансирање на медиуми

17.11.2022 15:22
Се бара прецизирање на критериумите за државно финансирање на медиуми

 „Во времето на „Шарената револуција“ ние како новинари „пуштавме нокти“ за да се исфрлат директните пари од државата во медиуми. И едвај успеавме во времето на Груевски да ги укинеме рекламите, кон крајот од неговиот мандат. И сега како да кажам, за што се боревме? За реприза на тоа истото“, коментира за „Локално“ новинарот Звездан Георгиевски, отакако во Собранието влегоа измените на Законот за медиуми со кои по скратена постапка се отвора врата за враќање на државните реклами на приватни радија и телевизии.

Предлогот за промена на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, познат и како Закон за медиуми, доаѓа од пет пратеници од власта и е на дневен ред во Собрание.

Со него се бара бришење на членот 102 од законот, со кој беше запрено одливањето државни пари за кампањи во приватни медиуми.

До ова доаѓа по пауза од четири години откако овој модел тогаш под знак прашалник го ставаше и СДСМ и во своите реакции го нарекуваше „купување на медиуми со државни пари за една политичка партија“.

Новинарите со кои разговараше „Локално“ велат дека повеќе од очигледно е дека јавни пари директно ставени во медуми се секогаш извор на корупција.

Звездан Георгиевски

Новинарот Георгиевски вели дека еден медиум за да добие пари од државата „секогаш треба да и биде по ќеиф“.

Од друга страна новинарите признаваат дека професионалното новинарство чини пари, и дека без средства нема добри медиуми и нема квалитетни и добри новинарски содржини, но Геогиевски вели дека има илјада други модели како вистински се обезбеди подршка на медиумите.

„Државата може да ги ослободи медиумите од некои даноци, ако им треба техника на медиуми да ги ослободи од царина, да има даде субвенции за печатење. Не да им даваат пари на газдите директно – тоа е чиста корупција“, вели Георгиевски.

Рекламите се можеби најглавниот извор на финансирање на медиумите, вели новинарката Мира Костиќ, нагласувајќи дека доколку се планира враќање на пари од државата во медиумите, тоа треба да се обмисли крајно внимателно.

Мира Костиќ

„Со рекламите од државата односно преку финансирање на медиуми, на ваков начин може да се врши огромно влијание, не дека и сега не се врши, но така се врши директно влијание зашто кој те плаќа, тој ти диригира услови како да работиш. Исто така треба да се има предвид дека во државата има голем број медиуми во однос на вкупниот број жители и треба да се заострат и прецизираат критериумите за отворање на медиуми и стриктно да се држиме до тие прописи. И сега има критериуми за отворање на медиуми. Но има медиуми кои и случајно не ги исполнуват условите да работат професионалано“, истакнува Костиќ.

Со измените во законот се планира парите за финансирање на медиумски реклами да бидат од Буџетот, „во висина од задолжителни 0,1 отсто од реализираните вкупни приходи во годината што ѝ претходи на фискалната година за која се утврдува износот.

Ако овој предложен модел се примени на Буџетот за 2021 година, во тој случај националните, кабелски и сателитски телевизии и радијата годинава би добиле помеѓу 3,5 и 4 милиони евра државни пари.

Извор: Локално.мк

ОкоБоли главаВицФото