Сто години од фашизмот како владејачка идеологија

18.11.2022 13:08
Сто години од фашизмот како владејачка идеологија


Пред неколку недели се навршија сто години од доаѓањето на власт на фашистичката идеја. После импровизираната масовност наречена Марш на Рим, залудените од налудничавиот говорник Бенито Мусолини создадоа ситуација кога италијанскиот суверен Викторио Емануел Трети му го додели мандатот за создавање влада на човекот што одеше на чело на колоната (маршот траеше од 27 до 29 октомври 1922 година).

Идниот премиер, кого ќе го нарекуваат Дуче (водач) нанесе толкаво зло на човештвото што тоа и денес, на многу начини, сѐ уште ги вида раните иницирани од споменатиот настан. Но тој, Мусолини, како зачетник внесе и еден вирус во општествените уредувања; токму на 100-годишнината од триумфот на една маргинална група парадоксот денес се повторува низ една имитаторска партија која, во комбинација со уште две други десничарски партии, седна на тронот на власта во Рим.

Историјата се повторува, многумина се прашуваат? Одговорот е: секако не во целина, но како политички феномен има многу сличности и во атмосферата на новиот триумф на политичките маргиналци, и во некои дури идеолошки синхроницитети. Сепак, како што рекле мудрите, не преживуваат трајните работи туку оние што можат да се приспособат на промените. Што не остава простор за безгрижност…


Giacomo Balla, Марш на Рим, 1932

Да се обидеме да раздвоиме некои слики од политичкиот мозаик што треба да објасни како фашизмот толку лесно доаѓа на власт, за потоа многу тешко да се искоренува. Гледаме, дури и по еден век. Најпрво, факт е дека Мусолини и неговиот помоќен но помлад собрат Адолф Хитлер низ историска ретроспектива го даваат привидот на леснотијата на покорувањето.

Универзитетскиот професорот по општа историја на Белградскиот универзитет, Милан Ристовиќ, тврди дека Маршот на Рим би се сопрел со само еден вод вооружени војници од некоја римска касарна. Тој вод со само еден плотун во воздух би ги растурил неколкуте илјади собрани луѓе качени на велосипеди и слабо вооружени, во црни кошули, дојдени од разни краишта на Апенините. Никој не издал таква наредба, иако дел од парламентарните партии ја барале таа интервенција од кралот, тврдејќи дека станува збор за пуч, што секако веднаш нè води кон заклучокот дека некој едноставно сакал овие маргиналци да застанат на чело на државата.

На првите избори во 1919 година Мусолини не собрал ниту пет илјади гласа! Резултатот наречен кралски мандат за состав на влада во период од само три години е резултат на фактот дека со нечија невидлива рака таа безначајност може да прескокне многу бариери – финансиски и медиумски, пред сѐ. Во 1921 година таа маскирана поддршка направила партијата да скокне на 100 илјади гласачи, поголем дел подготвени да облечат партиски униформи и да станат „скадристи“, подготвени секаде да го следат својот нов водач. Во време на преземањето власт Мусолини веќе собрал 300 илјади членови.


Mario Mafai, Fantasia no. 7 – Interrogation – Via Tasso, 1940-43

Што заклучуваме од ова досега? Како прво, не смеат во нивната амбиција да се потценат ни најмалите партии, кои кај нас обично се нарекуваат „пајтон дружини“. Како второ, на ова се надоврзува сознанието дека фашизмот е вклучен во некоја поголема лабораторија, некаков пра-Вухан (го користиме ова име заради асоцијативност, без други претензии кои и онака би биле мисинг контекст) од страна на моќници што мислеле дека колку е поминијатурна партијата избрана како „бело глувче“, дотолку таа, по еднократно искористување, полесно ќе се контролира. Во историјата на фашизмот тоа секогаш било голема илузија!

За почеток, да забележиме дека покрај поддршката на длабоката држава, овие партиички морале да добијат грб (или рамо) на некој постар и помоќен брат, со кого потоа, со времето, тие со него ќе ја ротираат својата позиција: помоќниот ќе падне на коленици, носејќи го кон пиедесталот дотогаш послабиот.

„Мусолини влезе во парламентот како претставник на десницата од т.н. национален блок на премиерот Џовани Џочити, искусен и вешт политички мешетар и водач на либералите, кој се плашел од левицата а оценил дека ќе успее лесно да ја неутрализира крајната десница. Тоа бргу се покажало како уште една од погрешните, поточно фатални политички калкулации на традиционалните политички елити“ – пишува споменатиот Ристовиќ.


Franco Garelli, Стрелање, околу 1944

За да заокружиме со првичните споредби на тема фашизмот некогаш и денес, да кажеме дека Дуче од почетокот бил социјалист, дури и главен уредник на весникот „Унита“, но бил исфрлен од партијата која била антимилитаристичка, кога тој ја поддржал власта во нејзините воени операции во текот на Првата светска војна.

Појавата на темелното фашистичко движење во Италија (Partito Nazionale Fascista, PNF) и оваа што сега дојде на власт во Рим на редовни парламентарни избори (партијата на Џорџа Мелони за која дел од западните теоретичари сметаат дека не е неофашистка, туку постфашистка) – е во разочараноста кај западните сојузници.

Фашизмот настана во време кога Италија не го доби она што сојузниците од Антантата и’ го ветија претходно; на пример, окупација на другиот брег на Јадранот на Париската мировна конференција. Додека сега, во современа Италија, постои силно незадоволство од недоволната солидарност на ЕУ во однос на миграциските бранови од Африка, што се сериозни дестабилизатори за Рим; назадоволство има и кај справувувањето со короната, која најсилно ја погоди токму оваа земја; постои незадоволство и со надворешната политика на ЕУ во војната во Украина, не толку кај Мелони и нејзината партија Браќата на Италија, колку кај нејзиниот коалициски партнер Берлускони од Форца Италија, кој е отворен навивач на Путин и на неговите политики.


Duilio Cambellotti, Освојување на земјата, 1934

Тука наоѓаме уште една важна сличност со добата на доаѓањето на Мусолини на власт. И Дуче и Мелони мораа да влезат во коалиција со други партии за да ја освојат власта. Мелони дури побара поддршка, освен од Берлускони, и од Матео Салвини (Лига), за да обезбеди парламентарна стабилност. Колку се тие блиски говори фактот дека им требале 11 минути да се согласат за коалиционо врзување! Јасно е и дека без поддршката на т.н. индустриски барони во Милано на Апенините не се можни крупни политички промени.

Во идеолошка смисла фашизмот значи враќање во минатото, барање потпора од стари, некогаш и заборавени митови. Мусолини се враќаше кон симболите на античкиот Рим и неговата седумвековна надмоќ на Медитеранот (користењето на зборот fascio, поздравот со крената рака под агол од 45 степени итн). Мелони и нејзината политичка дружина се вртат кон традицијата, религијата, семејството, отворената војна со ЛГБТ-заедницата, работи што наидуваат на позитивни реакции меѓу гласачите кои сметаат дека нивните традиции, што требаа инаку да се грижа на демохристијаните, во политичката прагматика на Апенините во последно време не се случуваат; па Мелани им ја понуди својата програма.

И, како што обично бива – на изборите победуваат парите на сокриените могули и гласовите на сиромасите! За нас секако е важно да се запрашаме, дали врз основа на погоре кажаното можете да извлечете, како читатели, некои поуки за нашава почва, па и со оваа асоцијација: дека фашизмот го водат превртени социјалисти или лица кои себеси на почетоците се сметале за левичари?


Renato Guttuso - Стрелање на патриоти, 1944

Всушност, и кај нас десницата (во поширока смисла) за да дојде на власт коалицираше не не со други десничарски партии, туку со политичкиот центар (Демократска алтернатива) или со левицата (НСДП на Петковски), одбегнувајќи ги џуџестите партии од својата страна на улицата. Би рекле за среќа или барем во претходните периоди, иако сега на двапати имавме случаи на крадење печати од помали политички партии и нивно претворање во сојузници на десницата, со надеж дека лесно ќе се контролираат. Ние ја имаме и сериозната превртливост на помалите партии со подолг парламентарен стаж, но со минијатурен формат, кои сепак знаат во клучни моменти да фрлаат ишарети кон своите наводни политички опоненти, како би можеле во иднина лесно да го користат сопствениот идеолошки семафор со вградена честа промена на боите.

Јасно е дека и тука, како веројатно и во Италија (Берлускони) и во Франција (Ле Пен) руското влијание е многу силно, дури и преку други линкови (одредени политичари во Унгарија и Словенија) кои ја создаваат атмосферата на континуирана политичка нестабилност кај нас. Во таа атмосфера го имавме јакнењето на култот на наводниот водач, политичката корупција од страна на крупниот капитал, недемократски размислувања, блокади на клучни институции неопходни за демократскиот поредок (парламентот, Уставниот суд, неказнивоста на членовите на некои партии и генерално неефикасното правосудство и слично). Тука е и неизбежното враќање во античките времиња, дочекано практично без отпор во академската заедница и медиумите, но и проблематично примање на поблиското минато (колнење на верност над кама и пиштол, враќање кон религијата на оние кои и не знаат да се прекрстат)…

Ваквите динамики, со катастрофалните историски примери, не нудат пријатни асоцијации.


Mario Sironi, Коњ и јавач, 1935

 

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Општество / Европа
Европа / Свет / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија
Европа / Историја
Општество / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото