1028 hPa
35 %

12 °C
Скопје - Нед, 09.02.2025 14:59
И во осумдесеттата татко ми лови штиглици. Ги фаќа на балконот од шесткатницата, од страната на улицата со дрворед, наесен, во сезона кога не им е до парење.
Го поставува кафезот со еден штиглиц внатре, на ѕидот од балконот, а другиот отворен кафез со примка и семе, некаде во близина. Затворениот штиглец пее и по сè изгледа моли со гласот да му се ублажи осаменоста. Слободниот, пак, како да му е пишано, долетува по гласот на другарот по сој и повеќе заради другарството отколку заради семето, застанува на гранката-лост што ќе го затвори над неговата глава капакот од кафезот.
Би ловел и славеи, ми објаснува стариот, покажувајќи ми едно скоро испилено славејче што го учи да пее на мајчин славејски јазик преку магнетофонска лента. За тоа ми треба само една шума каде што би долетале, еден црвец наместо семе за мамка и уште една трошка помалку жал за она што се вика слобода.