Учебници со приказни

23.11.2022 01:26
Учебници со приказни

Почетни претпоставки

Овој текст тргнува од претпоставката дека содржините во учебниците би биле поразбирливи ако во нив се интегрираат наративни делови, односно приказни со кои материјалот ќе се поврзе со настани од животот, и тоа во сите дисциплини, без оглед дали станува збор за природни, општествени, хуманистички науки и така натаму. Се заснова на истражување на учебници во македонскиот и во образовниот систем на неколку англофонски земји. Во некои од учебниците содржината се објаснува директно, а во други се пренесува преку наративни делови. Во овој текст се застапени само четири од истражуваните примери: два од учебници за природни науки и два од учебници по историја.

Иако почетната претпоставка беше дека учебниците кои го поврзуваат материјалот со секојдневниот живот се почести во англофонските земји, произлезе дека тоа не е случај и дека, генерално, такви учебници се, општо земено, многу ретки, всушност само инцидентни. Во однос на примерите од македонските учебници, бидејќи станува збор за системско прашање, не се наведени насловите или авторите на учебниците.

Физика и астрономија

Во учебник по физика, на пример, се објаснува поимот електроспроводник. Меѓу другото, наведено е дека електричниот капацитет на едно тело не зависи ниту од масата на спроводникот ниту од материјалот од кој е составен, туку од димензиите на спроводникот и неговата форма. Лекцијата, главно, се фокусира на дефинирање, опис и функција на електроспроводниците.

Од друга страна, објаснувањето за тоа што е паралакса во еден учебник по астрономија (Р. Фридман и В. Кауфман, Universe) не е дадено преку дефиниција, туку преку приказна:

„На 11 ноември 1572 година, во соѕвездието Касиопеја одеднаш се појавила светла ѕвезда [...] По 18 месеци, таа исчезнала. Современите астрофизичари го препознаваат овој настан како експлозија на супернова. Но, во 16. век, повеќето научници се држеле до античките учења на Аристотел и Платон, кои тврделе дека вселената е постојана и непроменлива. Следствено, „новата ѕвезда“ од 1572 година не можела воопшто да биде ѕвезда, затоа што вселената не се менува; место тоа, се сметало дека е некој вид на светол објект близу Земјата [...]

„Дваесет и пет-годишниот дански астроном Тико Брахе сфатил дека оддалеченоста до новата ѕвезда може да се открие со директни набљудувања. Вообичаено искуство е, кога се движите, блиските предмети да ви изгледа дека ја менуваат местоположбата во однос на позадината со подалечни предмети. Овој феномен, во кој привидната позиција на предметот се менува поради движење на набљудувачот, се вика паралакса.

„Тико Брахе укажал на тоа дека ако новата ѕвезда е блиску, тогаш нејзината позиција треба да се смени во однос на ѕвездите во позадината во текот на една ноќ затоа што ротацијата на Земјата ни ја менува гледната точка [...] Деталните набљудувања на Тико не откриле никаква паралакса [...] Оттаму, новата ѕвезда мора да била многу далеку, подалеку од Земјата отколку што кој било можел да замисли.“

Во учебникот по физика, спроводникот се објаснува преку: давање објаснување за тоа што е електроспроводник и како функционира.

Во учебникот по астрономија – поимот паралакса се објаснува преку:

- давање контекст,
- раскажување на приказната за појавата на супернова во 16. век,
- пример од секојдневниот живот за тоа како функционира паралаксата,
- пренесување на ова знаење во астрономијата и како таму функционира паралаксата,
- објаснување како паралаксата била употребена за да се оспори верување старо повеќе од 1500 години преку приказната за мерењата на Тико Брахе.

Историја

Во 1848 година – се вели во еден учебник по историја – голем дел од Европа бил опфатен со револуција. Главната и најчеста причина за сите револуционерни движења била да се воспостави рамнотежа меѓу брзиот капиталистички развој и постојните феудални односи. Револуцијата почнала во февруари 1848 година и се раширила во Германија, Австрија, Унгарија, Италија и други земји. [...] Буржоазијата барала поголема политичка слобода и учество во власта.

Наспроти ваквите општи информации, пристапот на друг историски учебник (Џ. К. Мартин et al., America and Its Peoples) е да се даде лична приказна во контекст на општествените случувања: „Во 1832 година, Сара Харис, 20-годишната ќерка на слободен црн земјоделец, побарала да учи во женската академија во Кентербери, Конектикат. Сакала да добие ‘малку повеќе знаење’, како што ѝ рекла на директорката на академијата, Пруденс Крендал. Најпрво, 29-годишната наставничка се двоумела, но најпосле се согласила да ѝ дозволи да се запише. Речиси веднаш, белите родители почнале да ги повлекуваат своите ќерки од училиштето. Но Крендал одбила да ја повлече својата одлука. [...] Таа го рекламирала училиштето меѓу студентките и привлекла повеќе од 20 црни жени [...] Собранието на Конектикат одговорило со тоа што донело закон што забранил подучување на нерезидентни ‘обоени’ студенти без дозвола на локалните власти. Двапати, младата наставничка била уапсена за прекршување на законот.“

Иако обично се тргнува со објаснување на општествениот контекстот за да се разбере неговото влијание врз поединците, во овој случај, индивидуалната приказна го разјаснува и општесвениот контекст. Преку личната приказна се доловува и контекстот, но и значењето, релевантноста и поврзаноста на општествените и историските случувања со човечките животи.

Приказните како поттик

Ваквите лични приказни што објаснуваат било поими од науката или општествени настани се, генерално, многу редок феномен во учебниците и во Македонија и во англофонските земји. Дали ваквиот пристап во пишување учебници би бил поволен за учениците може да се дознае со истражување на нивната реакција при примена на вакви учебници. Но анализата на самите учебници упатува во овој правец, т.е. упатува на тоа дека овој пристап со внесување наративни делови би можел да ги направи учебниците поразбирливи – и во однос на материјалот што се пренесува, и во однос на сфаќањето на тоа зошто воопшто е важно да се учат содржините што се учат, како и да поттикне размислување за тоа од каде доаѓаат информациите во науките наместо само да се прифаќаат онака како што се дадени.

Слики: Roger Duvoisin