Има сè помалку сперматозоиди

23.11.2022 02:31
Има сè помалку сперматозоиди

Така вели едно неодамнешно истражување. Ширум светот има помалку сперматозоиди. Не пропаѓа само планетата, исчезнуваат и сперматозоидите. Веста за резултатите од истражувањето би можела да биде драматична, но не е. Вистина е дека истражувањето го покажа токму тоа - дека има помалку сперматозоиди од порано. Само, порано бројот на сперматозоидите се одредувал поинаку. Оттука сомнежот: дали воопшто можат да се споредат резултати добиени на различни начини. Имено, дури и од истите примероци да се пребројувале сперматозоидите на различни начини, добиените бројки не би се совпаѓале.

Но, резултатите од истражувањето за намалениот број сперматозоиди сепак би можеле да бидат и точни. Покрај климатските промени ни фалеше уште и недостаток на сперматозоиди. Ако се набљудува целиот човечки род, тоа би била потврда за биолошкото опаѓање на неговата репродуктивна моќ и прва, рана најава за изумирање. Ако, пак, се гледаат само мажите и ако знаеме дека бројот на сперматозоиди е поврзан со општото здравје на машкото тело, тогаш намалувањето на оваа бројка би значело и дека е загрозено и општото здравје на мажите. Како планетата да им се осветува, бидејќи тие се нејзини главни загадувачи.

Дека репродуктивната моќ на човечкиот род воопшто би можела да биде намалена одамна е тема на научната фантастика. Најчесто на тој начин се мотивира мешањето на државата (секогаш тоталитарна) во машко-женските односи за репродукција. Правењето деца престанува да биде слободна волја на мажите и жените и станува наметната обврска од страна на државата. „Приказната на слугинката“ зборува за тоа, иако не станува збор за распространета машка јаловост. Маргарет Етвуд тргнува од претпоставката дека сè помал број жени можат да забременат. Романот и филмот „Деца на човештвото“, напротив, поаѓаат од (замислена) целосна машка јаловост.

Авторката на романот (од 1992) П. Д. Џејмс замислила дека од една година (1994) на целата планета веќе не се родило ниедно дете. Причината е стерилитет кај мажите. Џејмс ја користи оваа наративна нишка за да ја елаборира политичката и општествената критика на колективното и индивидуалното однесување на луѓето соочени со крајот на светот (својот). Во романот станува збор за Англија од 2021 година: укинати се демократските установи, а последната генерација деца вообразено ужива во привилегиите. Алфонсо Куарон во 2006 години сними филм според романот. Ја искористи појдовната замисла, но значително ја измени приказната така што воведе мигранти и на нив пренесе некои елементи од изворниот заплет.

Марк Фишер, за кој веќе зборувавме, на почетокот на својата книга за капиталистичкиот реализам, од филмот на Куарон издвојува една сцена: главниот јунак и неговиот пријател посетуваат сочувани уметнички дела сместени во обновената зграда на една електрана. На прашањето на главниот јунак за кого се чуваат сите тие дела кога нема веќе деца, пријателот одговара спокојно: се трудам да не размислувам за тоа. Од оваа сцена Фишер извлекува далекусежни заклучоци за себичната логика на капитализмот лишен од грижа за иднината. Од денешна перспектива и Куарон и Фишер повеќе личат на пророци отколку на режисери, односно критичари.

Кога ќе се погледнат заклучоците од конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (Цоп27), впечаток е дека иднината малку ги интересира претставниците на државите кои беа присутни. Да речеме, тие одлучија да се направи посебен фонд за надомест на штетите од климатските промени во сиромашните земји. Но, иако се сложија дека треба да постои таков фонд, не кажаа ништо во однос на тоа кој ќе го полни и со колку средства. Пророчко е и обесмислувањето на уметничките дела на Куарон и Фишер зашто нема да има кој да ги гледа: така денес климатските активисти ги објаснуваат своите галериски „напади“ на познатите слики.

Двајцата, заедно со британската книжевничка, би можеле да се покажат како пророци и ако се потврдат резултатите од истражувањето за намалениот број на сперматозоиди. Најпосле, главниот заплет во филмот, како и денес, (особено) во нашиот дел од светот, се врти околу мигрантите. Имено, на брегот на Британија пристигнува и една бремена бегалка. Куарон, за разлика од Џејмс која ја пишуваше критиката, сакаше да направи филм за надежта, а надежта, како што гледаме, впечатливо ја поврза со мигрантите.

Тешко е да се заокружат овие приказни, научни и фикционални, за сперматозоидите, климатските промени и мигрантите, а всушност за сосема можниот крај на светот (човечки) и да се добие некаква поента. Не ги ни изложивме заради нивните потенцијални поенти. Тие се тука заради еден локален контраст. Додека на глобален план се размислува (или не се размислува, кога сме веќе кај тоа) за намалениот бројот сперматозоиди, за климатските промени и огромните мигрантски бранови иницирани од нив, главно кон Европа, значи кога станува сè поочигледно дека светот што го познаваме се ближи кон крајот, ние се подготвуваме за војна поради - ни помалку ни повеќе - автомобилски таблички. И тоа кога е сосема извесно дека наскоро веќе нема ни да се возат автомобили.

Некој набљудувач од Марс би рекол - голема работа ако веќе немате сперматозоиди, кога не знаете да направите ништо паметно со нив.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Katherine Nelson

Извор: https://pescanik.net/

ОкоБоли главаВицФото