Во полза на повампирениот фашизам

24.11.2022 11:03
Во полза на повампирениот фашизам

Како старееше, баба ми – сите ја викавме Бака – зборуваше сè помалку, читаше сè повеќе и повеќе, а настаните ги коментираше само со некоја стара, општопозната и банална изрека. Приближувајќи се до својот крај, го намалуваше асортиманот на изреките (а објаснувањата, што порано радо ги даваше, веќе ги сметаше за излишни). Една од најчесто користените поговорки и беше: „Ако козата лаже, рогот не лаже“. Со поговорката секогаш одеше израз на триумф со насмевка што го слави очигледното, она што разумот мора да го прифати како непобитен материјален доказ на вистината, а не зборовите што толку често наместо значење и смисла, пренесуваат само магли и лаги.

Мојата Бака беше чедо на 20 век. Родена 1900 година, како најстаро од девет деца, со името Јожефа, ја запишаа во книгите на родените како Јозефина, а најголем дел од животот помина како Јосипа, како што се уште пишува на мермерот што ја покрива. Имаше живописен и тежок живот, уште од самите негови почетоци. Како девојка, во Првата светска војна, мораше да го прехранува целото многубројно семејство, спасувајќи го од смрт од страшната глад што владеела во тоа време, и тоа – за нас – на сосем неверојатен начин. Секој ден взори ќе ја предводеше бандата од четирите најстари браќа и сестри, и ќе ја водеше со часови одење високо во планините, каде што во јутени вреќи од селските буништа собирале лушпи од компири и про’ртени отпадоци, како и полузагниени листови од кисела зелка што селаните ги фрлиле, од кои „посластици“ по експедицијата мајка им го подготвувала секојдневниот ручек.

Потоа ја преживеа и светската депресија, и серија работнички штрајкови што завршувале со купишта мртви тела, па прераната смрт на својот маж – дедо ми Гане, па три тифуса, гноен плеурит, емфизема, па неверојатната смрт на првородениот и единствен син и мојот несуден вујко Миро (во чијшто спомен го добив и името), и тоа на денови пред крајот на Втората светска војна (загуба што не ја преболе до смртта). Не се жалеше на глас, беше цврста ко дабово стебло, но речиси да ми е драго што не го доживеа нашево време, време во кое веќе не само што не се распознава кој лаже, туку веќе не се знае ни која е козата, а ниту, пак, кој е рогот. А, кога не се разликуваат козата и рогот, исчезнува и самиот концепт на објективната, материјална вистина.

Пишував некни за скандалозната мешотница на 77-мата седница на Генералното собрание на Обединетите Нации, кога се гласаше за од Руската Федерација предложената резолуција за „Спротивставувањето на глорификацијата на нацизмот, неонацизмот и другите практики што придонесуваат кон напливот на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и слични нетолерантности“. За резолуцијата во која се алармира на современото појавување екстремистички и расистички движења и идеологии, како и манифестации на насилство и тероризам поттикнати од ултранационализам, расизам и ксенофобија, заедно со загрижувачкото славење, носењето симболи и подигањето споменици и одржувањето јавни демонстрации во слава на нацистичкото минато, како и негирањето на холокаустот и минимизирањето на жртвите на фашизмот и холокаустот, гласаа 105 земји членки, 15 биле воздржани (ќе се запрашате кои се тие будали што се воздржуваат од поддршката на антифашизмот?), а неверојатни 52 земји членки гласале против резолуцијата, со што јавно и гласно ја искажаа поддршката на фашистичките злостори што убија 70 милиони луѓе во Втората светска војна, меѓу кои – вреди да си припомниме – 30 милиони Словени, 6 милиони Евреи и милион Роми. И, тука веќе нема ни да се запрашате, туку ќе вриснете до небо: кои ли се ова земји-изроди што го слават и го штитат од осуда повампирениот фашизам, нацизам и расизам?

Веќе пишував, знам – се повторувам, но ме грабна за очи и не ме испушта фотографијата со таблата во ОН на која се читаат имињата на земјите членки и нивните гласови. Црвената боја од гласовите против антифашистичката резолуција буквално ми ја бушеше ретината: громогласно ЗА фашизмот и за неговите денешни повампирени појави гласаа сите од „наше маало“, од нашиот табор професионални и вечни слободари, демократи, либерали, хуманитарци и културњаци. Со САД на чело, Велика Британија, Франција, потоа од Америка окупираните некогашни членки на Тројниот пакт – Германија, Италија и Јапонија, и сите земји од ЕУ и НАТО… како и купче вазали на крајот. Сите со кои Македоња сака да ја дели вечноста, целиот „слободен и напреден свет“ се изјасни во полза на повампирениот фашизам или во полза на ставот дека тој не постои, та за неговата осуда не вреди да се гласа, што е едно те исто.

Македоња, се разбира, како антифашистичка творба парекселанс, гласаше за резолуцијата, со амандман со кој објаснува дека е против неонацизмот, но и против руската агресија во Украина. За жал, не. Македоња Вечна си гласаше како и сите од „наше маало“, против антифашистичката резолуција, а во полза на повампирениот фашизам (против кој се изјасни со пола уста, во амандманот кој, се разбира, не беше прифатен). Нормално, веднаш ќе ја препрочитате Резолуцијата и ќе видите дека со ниту еден збор не се спомнува, па дури и не се алудира на случувањата во Украина, па остана нејасно како осудата на фашизмот би можела да ја оправда инвазијата врз Украина, освен ако во Украина навистина не се случува повампирување на неонацизмот, и тоа во неговата најужасна милитаристичка форма? И, конечно, каква врска може да има осудата на неонацизмот со руската воена инвазија, доколку земјите од „слободниот свет“ немаат сознание кое можеби оваа осуда може некако да ја поврзе со состојбите во Украина, и тоа на начин што навистина би бил „оправдувачки“ за руската инвазија за „денацификација на Украина“?Додека се мислев околу ова апорија – како „слободниот свет“ здружно и весело застана на страна на фашизмот и неонацизмот – ги затекнав на меинстрим телевизиите, Си-ен-ен, Еуроњуз и Би-би-си, снимките од ослободувањето на Херсон, всушност од самото влегување на украинските војници во градот. На снимките се гледаа радосните и намачени жители на Херсон како ги дочекуваат насмеаните украински војници… И, како што вели старата поговорка за сликата што е повредна од илјада зборови, гледајќи ги нецензурираните први снимки од контактите на украинските војници со жителите на Херсон, со свои очи во неколку наврати видов дека на рамената на украинските војници стои злокобната инсигнија во форма на црн штит и во него вкрстени две рачни гранати со долги дрвени рачки. Ех.

Го препознав симболот на една од најзлосторничките Ес-ес единици во Втората светска војна, основана и командувана од злогласниот психопат Оскар Дирлевангер, позната како Дирлевангеровата Ес-ес бригада. Бригадата била составена од ловокрадци, осудени убијци, криминалци и силувачи, и во војната остави некои од најсадистичките и најкрвавите траги секаде каде што се движела по Источна Европа. Во 1942-43 година била назначена за борба против белоруските партизани, што бригадата го искористила садистички да убие повеќе од 30.000 цивили. Нивниот метод бил да ги затворат сите селани од селото, сè живо – од дете до старица, во селската црква, и да ги запалат сите, пукајќи весело во огнот. Во Варшавското востание убиле повеќе од 40.000 цивили, граѓани на Варшава, а од нивните садистички колежи се гаделе дури и германските офицери и војници. И сиот нивен марш низ Втората светска војна бил послан со десетици илјади садистички убиени невини жртви, целото време гордо носејќи го црниот штит со двете вкрстени рачни гранати.

Вкрстените рачни гранати, како козјите рогови на јавачите на апокалипсата, тој одвратен симбол на нацистичкиот холокауст, повторно весело ездат по рамниците на Источна Европа, на униформите на повампирената Дирлевангерова бригада. Така и гласањето во ОН ја доби својата смисла, зашто роговите не лажат, како што упорно повторуваше баба ми.

Слики: Irene Von Neuendorff

Извор за текстот: Слободен печат