Стојков: Вештачки е десеткуван бројот на Македонците во Бугарија

28.11.2022 00:29
„Вештачки десеткуван број на Македонци“: Стојков со објаснување за пописот во Бугарија

За време на последниот попис на населението на Бугарија во септември минатата година како Македонци се изјасниле 1.143 лица, иако се прикажани во колоната „други“. Ова вчера беше презентирано во бугарскиот Национален статистички институт во Софија. Македонците и другите помали етнички групи ги немало во пописните резултати, но на новинарско прашање на прес-конференцијата кои се другите етнички групи, сосема на крајот биле спомната бројката.

Членот на претседателството на ОМО Илинден-Пирин, Стојко Стојков во разговор за „Локално“ вели дека бројката од 1143 Македонци не е реална бидејќи има граѓани кои се плашат да се изјаснат.

-Тие не се мала бројка. Ова бројка е нереална како и сите останати после 1956 г. Таа веројатно ја одразува само бројката на оние што се попишале онлајн. Зашто пописот беше спроведено исклучително непрофесионално и некоректно. Користејќи го Ковид-19 како изговор, попишувачите генерално не ги посетуваа и прашуваа луѓето, туку само им беа земани личните податоци, а потоа попишувачите сами си ги пополнуваа. Во ретките случаи кога ги посетувале, според нашите информации прашањата за народност и мајчин јазик не им биле поставувани, информира Стојков за состојбата околу пописот во Бугарија.

Според него, во случаите кога самите попишувани ги подигнале овие прашања се стигнувало до различни видови на спорови за тоа има ли Македонци и македонски јазик и настојување да не бидат запишани луѓето како Македонци.

-Но дури и кога некој успеел да се попише Македонец, нема никаков начин да се контролира дали и така останал попишан или потоа истото е сменето. На наш обид да направиме таква проверка ни беше одговорено дека според законот немаме такво право дури за нашите лични податоци. Додајте и тоа дека луѓето се наплашени после децении репресии, заменети со децении дискриминација, додајте дека официјална државна политика е дека македонско малцинство нема, додајте ја антимакедонската хистерија што се создаде преку медиумите во последните години и еве ви го резултатот, објаснува Стојков.

За колку оваа бројка им дава на македонските здруженија да делуваат во однос на своите права, Стојков вели дека ништо не е променето.

-Реално и покрај сите наспроти властите не успеаја да постигнат да ги снема Македонците. Тие како и порано продолжуваат да тврдат дека македонско малцинство нема. Ништо се нема сменето, дециден е соговорникот.

Стојков е дециден дека продолжува негирањето на Македонците како народ од страна на бугарската држава.

-Апсолутно. Затоа и ова очигледна не-желба да се спомне дури и овој вештачки десеткуван број Македонци. Бугарија продолжува да оперира според максимата на диктаторот Тодор Живков: „Во Бугарија македонско малцинство нема и не може да има“. Но Македонците ќе продолжат да постојат и да се борат, порачува членот на претседателството на ОМО Илинден-Пирин.

Извор:https://lokalno.mk/

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан

ОкоБоли главаВицФото