На 1 декември Георги Господинов на промоција во Скопје

30.11.2022 12:10
На 1 декември Георги Господинов на промоција во Скопје

На 1 декември во киното Фросина во МКЦ од 21 ч. ќе се одржи промоција на романот „Засолниште во времето“ со гостување на авторот, прославениот бугарски писател, Георги Господинов.

Романот од бугарски на македонски го преведе Душко Крстевски.

Објавувањето на романот и промоцијата се дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“ на издавачката куќа Или-Или во Програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Модератор на промоцијата ќе биде Дарин Ангеловски а промоторки на романот Оливера Ќорвезироска и Калина Малеска.

Во Својот роман „Засолниште во времето“, бугарскиот автор го претставува светот во којшто луѓето го бараат засолништето во минатото. Она што првично било замислено како терапија за луѓето со Aлцхајмер и деменција, станува дистопија: во секоја европска земја се одржува референдум за изборот на деценијата во која би сакале да се вратат.

***

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици.

На македонски се објавени: „Природен роман“ (Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) , и збирките раскази „И сè стана месечина“ (Или-Или, 2017) и „Сите наши тела“ (Или-Или, 2019).