Македонија како сложен мозаик

01.12.2022 11:34
Македонија како сложен мозаик

Следнава статија* е објавена за прв пат на 8 јануари, 2015 г. во весникот „Македонска Трибуна“, печатениот орган на Македонската патриотска организација (МПО)**. Во текстот тогашниот претседател на МПО, Џордан Лебамов, ги споделува своите видувања за стратешките насоки во кои треба да се движат дебатите поврзани со современите манифестации на Македонското прашање.


Уште од времето кога за прв пат ѝ се посветив на МПО, пред многу години, ја имав честа да разговарам со низа влијателни луѓе и да присуствувам на важни настани. Се разбира, мојот татко, Иван Лебамов, е еден од луѓето кои одиграа клучна улога во мојот живот. Тој беше нашиот семеен историчар и учител на моето поимање на македонската култура – како и за нашата улога во одржувањето на таа култура.

Имаше и други личности кои ме вдахновуваа; на пример, легендарните Петар Ацев и Борислав Иванов. Како дете, татко ми често ме водеше на неговите средби проследени со долги беседи. Не ми беше сосема јасно зошто требаше и јас да бидам таму, но сепак молчешкум си седев и ги следев разговорите. Често се одвиваа пристојно, но понекогаш знаеја да бидат жестоки. Но секогаш завршуваа со моите поздрави „до гледање чичо / гуд бај анкл“.

Студирав меѓународна политичка теорија на Универзитетот во Јужна Калифорнија и, непосредно пред да почнам со специјализација во областа на правото, решив да направам привремена пауза. Отсуството го искористив за да отпатувам до Стариот крај и да го посетам домот на дедо ми во Костур; домот на баба ми во Лерин; и роднините во Скопје. Со себе понесов три писма: едното напишано на бугарски, второто на македонски, третото на грчки. Сите три писма објаснуваа дека јас сум Џордан Лебамов, син на Иван Лебамов, кој е, пак, син на Аргир Лебамов, итн... Ги имав точните адреси на сите роднини кои планирав да ги посетам. Кога ќе тропнев на вратата од домот, и кога домаќините ќе ми отвореа, им ги нудев трите писма. Кое писмо и да го избереа, тие срдечно ме пречекуваа во својот дом. Без разлика дали себеси се чувствуваа како Грци, Бугари, или Македонци – тие ме восприемаа како дел од фамилијата.

Со помош на татко ми успеав да добијам специјална виза за посета и престој во тогашната комунистичка Бугарија. Сакав да научам да зборувам „по нашки“, и затоа најмив професор од Универзитетот во Софија за да ми дава приватни часови. За време на викендите одев на гости кај роднини кои живееја во Пловдив, како и кај семејни пријатели во Банско.

Форт Вејн, како и многу други американски градови, е дом на разновидна македонска заедница. Дел се чувствуваат како Македонци од бугарско потекло, дел како Грци-Македонци, а дел само како Македонци. Јас сум пријател со сите нив. Многу од моите пријатели зборуваат „по нашки“. Не толку на литературниот бугарски кој го изучував јас, туку на јазикот на баба и дедо.

Денеска наутро дознав дека починал гувернерот на Њу Јорк, Марио Куомо. Многу добро се сеќавам на говорот што тој го одржа за време на 67-та годишна конвенција на МПО во Питсбург, Пенсилванија, во 1988 г. Зборовите кои тој ги изнесе ми оставија силен впечаток, и до ден денешен одекнуваат во мене. Куомо не веруваше во теоријата за melting pot, т.е. во концептот за американското општество како котел во кој разните идентитети взаемно се претопуваат. Тој ја разбираше Македонија како сложен мозаик, составен од прекрасни поединечни делчиња; но кој, во својата целост, е повозвишен од поединечните составни парчиња.

Дебатите за тоа кој е Македонец и кој е нашиот вистински идентитет треба да се одвиваат на здрава почва. Таквите дебати не смеат да создаваат раздор. МПО е доволно голема за да им даде место на сите наши идеи. Тоа не значи дека треба да го заборавиме наследството од нашите основоположници. Јас бев воспитан како Македонец од бугарско потекло. Во исто време апелирам да не ја заборавиме нашата историска парола: ние се бориме за „Македонија како Швајцарија на Балканот“. Како место во кое секој се чувствува безбедно; и во кое никому не му се ускратуваат човечковите права.

***

Џордан Лебамов е роден на 1 декември 1965 г. во градот Форт Вејн, сојузна држава Индијана, во САД. Создава успешна кариера во областа на правото и со својата активна општествена дејност се стекнува со репутација на почитуван граѓанин на Форт Вејн.

Џордан Лебамов е долгогодишен член на православната црква „Св. Никола“ во Форт Вејн и истакнат деец на Македонската патриотска организација (МПО). Во периодот 2014-2018 г. бил претседател на Централниот Комитет на МПО.

Починал на 8 март 2020 г. оставајќи ги зад себе сопругата Никол и синовите Себастијан и Џулен.

Џордан е син на Иван Лебамов, американски политичар од македонско потекло и поранешен градоначалник на Форт Вејн кој значајно придонел за меѓународното афирмирање на осамостојувањето на Република Македонија во 1990-те години. Потеклото на семејството е од селото Вишени, Костурско.


Превод и подготовка: Бојан Лазаревски

(*) Оригиналниот наслов на статијата е „New Energy… Old Values“.
(**) МПО е организација на најстарата македонска емиграција во Северна Америка, основана во 1922 г. како политичко крило на историската ВМРО, од страна на емигранти по потекло од леринската и костурската околија на Егејска Македонија.

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Теорија
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Балкан / Историја
Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото