Жоровиот континент на минатото

02.12.2022 12:51
ЖОРОВИОТ КОНТИНЕНТ НА МИНАТОТО

 

(штрудлите, песните, расказите и романите на Георги Господинов)

 

За да втасаме до „Засолниште во времето“, предлагам да тргнеме по долг, опширен, но удобен и читлив пат. Тој трае многу страници, ама на него ништо не може да ни истрча пред очи, или може, но нема премногу да нѐ изненади, зашто однапред, од претходните патувања и пишувања на Господинов, знаеме на кој пат, низ кој негов текст, што може да ни истрча или протрча. Збор, реченица, приказна, туѓа или најнаша; лик – ист, а различен, измислен од раскажувачот или раскажан од измислувачот. Дали приказната се измислува за да се раскаже или се раскажува за да се измисли е еквивалентно на она што Господинов го пишува за Гаустин, неговиот најамблематичен лик-коавтор, книжевното му алтер-его: „Веќе не можам да се сетам, јас ли го измислив Гаустин, или тој – мене“. Но, промената на позициите на ликот и на раскажувачот во текстот е само една од важните карактеристики на ова раскошно книжевно писмо. „Пишувам во несигурното прво лице за да бидам сигурен дека сум жив, пишувам во скривницата на третото лице – за да бидам сигурен дека сум тродимензионален и дека имам тело“, вели Господинов. Наизменичната промена на раскажувањето во прво, па во трето лице, прилега на виртуозно изведена книжевна чекорница, на свечено дефиле, особено во романот „Физика на тагата“. Слободниот проток низ граматичките категории лице и број се дел од мапирањето нов книжевен континент – Жоровиот Континент на минатото, копно до копно, вода до вода, лавиринт до лавиринт со Европа, Азија, Африка, Австралија, Северна Америка, Јужна Америка и Антарктик. Господинов е Пири Реис на нашето време, отомански адмирал и картограф на меѓата меѓу 15 и 16 век, прославен по цртањето на мапата на светот што не го знаел, каде што не бил. Пири Реис и Георги Господинов се чудесните мистични морепловци, творци на соврше¬ни мапи на сè уште неоткриени континенти. Со мапите на Пири Реис бил опседнат Ататурк, со мапите на Господинов сме опседнати сите негови читатели. Како што Пири Реис цртал прецизни мапи на непознати земји, така Господинов првин го измислува, а потоа и го населува својот Континент на минатото. Пири Реис во современата македонска книжевност го оживеа Александар Русјаков во романот „Хотел меѓу две војни“ за неслучената љубов на Кемал Ататурк и Елени Каринте; Георги Господинов во современата светска книжевност со своите книги го оживеа минатото на нашите неслучени и заклучени сегашности.

Чезата на приказната
А сè почнува не од собата и од ве-цето на нашите, туку од ходникот и од лавиринтот на туѓите приказни. И така уште од првиот роман на Господинов – „Природен роман“ од 1999 година, објавен на македонски јазик во 2003, во издание на Темплум и во превод на Никола Маџиров, преиздаден во 2018 од Или-или. Во „Природен роман“ го нема Гаустин, го нема минатото во вообичаената раскажувачка руба, но, ги има приказните, туѓите, што се раствораат како коцка шеќер во нашите кафиња. Или обратно – нашите, што се раствораат како коцка шеќер во туѓите кафиња. Нервот на Господинов за влегување, продавање и препродавање, за пакување и препакување на туѓите приказни е високо сензибилизиран и за конфабулирање на сопствените. И одеднаш, сѐ се изедначува, протокот на своето и туѓето станува наше заедничко детство, а детството, вели Господинов, е наша единствена татковина. „Природен роман“ донесе моќен татнеж во книжевниот свет. Овој Неидентификуван Литературен Објект, ова книжевно НЛО, беше и остана атрактивен, модерен и блескаво автентичен роман со свежа постмодернистичка фактура и иновативен до коска, најмногу во однос на формата. Тој моментно нè регрутираше и нè мобилизираше во читачка војска на книжевниот фронт што подготвено го чека „нападот“ на наредното писание од оваа рака. Моќната ерудиција на Господинов впрегната во функционален книжевен јарем, чезата на приказната истовремено ја движи на повеќе страни: кон префинетите друмови на суптилна нарација, но и кон тумбите на вулгарното и скатолошкото. Господинов е образован автор кој вешто симулира повеќе раскажувачки фактури испишувајќи се себеси и како лик на самиот раб меѓу времињата, на самиот раб меѓу стварноста и фикцијата, на самиот раб меѓу напишаните и ненапишаните книги, меѓу прочитаните и книгите што допрва ќе ги читаме. „Барам пукнатина во текстот за да се вовлечам во него“, вели Господинов во „Природен роман“, а веќе во наредните романи – пукнатината станува ходник. Митскиот топос на ова раскошно писмо е ходникот преку кој книжевноста влегува и излегува во што сака. Од песна во расказ, од драма во трактат, од список во филозофија, од знаење во роман. Еве сме приближени до неговата поетика на времепоседништво уште во „Природен роман“. Денес Господинов е најголемиот времепоседник во современата книжевност.

Цврсто потпрен на светската книжевна историја, традиција и филозофија, Господинов пишува за себе како за друг, а за другиот како за себе. Упростените (или барем рационализирани) аспекти на „Природен роман“ зборуваат дека тој е фреска на модерниот Бугарин заробена во малтерот на новото и непознатото. Или, кажано со дневно-политички јазик: транзициски роман кон една сјајна книжевност. Господинов истовремено раскажува и теоретизира, предава и испрашува, дефинира поетика со лик и лик со знаење... и затоа кога ќе напише „Седам зад весникот и слушам што зборуваат луѓето, се растворам во нивните приказни како коцка шеќер во кафе“, му се вовира на читателот директно под јазикот, крепејќи ја рецепцијата со блажина.

Трагата на Гаустин
Еве сме на трагата од Гаустин, „бездомникот во времето“ првично втисната во песокта на песните и расказите на Господинов, а потоа и во неговите романи „Физика на тагата“ и „Засолниште во времето“.

Господинов вели: „Да му ја откриеш трагата на Гаустин, кој се префрла од деценија во деценија, како што ние менуваме летови на аеродромите, е шанса што се пружа еднаш на сто години. Гаустин, кого најпрво го измислив, потоа го сретнав од крв и месо. Или беше обратно, не се сеќавам. Невидливиот пријател, повидлив дури и од мене самиот. Гаустин од мојата младост. Гаустин од мојата фантазија да сум некој друг, на друго место, да живеам во друго време и други соби. Имавме заедничка опсесија по минатото. Разликата беше мала, но суштинска. Јас си останував туѓинец насекаде, а тој се чувствуваше еднакво добро во сите времиња. Тропав на вратите на разни години, а тој веќе беше таму, ми отвораше, ме воведуваше и исчезнуваше“.

Гаустин е еден од најзанимливите ликови-коавтори во современата книжевност. Неговото име ја зело иницијалната буква Г од револуционерот Гарибалди (или од некој Ганчо, можеби), а остатокот е варијација од Августин, омилениот филозоф на мајка му која 3 семестри студирала филозофија. „Гаустин“ е и истоимен расказ на Господинов и носечки лик во друг расказ („Човекот со многуте имиња“ од збирката „И други приказни“ објавена во Темплум во 2006 во превод на Никола Маџиров), и лирски херој во авторскиот поетски избор „Балади и распади“ од 2011 во издание на Блесок, исто така во превод на Никола Маџиров. Но она што е исклучително интересно е фактот што главата „Запознавање“ во „Засолниште во времето“ е истиот расказ „Гаустин“ од збирката „И други приказни“, само во различен превод, овојпат на Душко Крстевски, преведувачот на „Физика на тагата“, на „Засолниште во времето“ и на збирките раскази „И сѐ стана месечина“ и „Сите наши тела“. Споредбата на двата превода за кои претпоставувам дека меѓусебно не ги знаеле преведувачите, или не биле наполно свесни дека станува збор за идентични неколку страници, еднаш како расказ, другпат како глава во роман, самата по себе е вистинска лингвистичка авантура која заслужува засебен текст. Оваа постапка на инкорпорирање на целосен расказ без никаква интервенција во романескно ткиво е позната и прославена и во македонскиот книжевен контекст. Имено, романот на Влада Урошевиќ „Мојата роднина Емилија“ од 1994, еден од најзначајните експерименти во домашната литература последниве децении, има голтнато 12 („затворени“) раскази на Урошевиќ – такви какви што се и ги има претворено во („отворен“) роман – таков каков што треба да биде. 12-те раскази-глави се од две претходни различни збирки на Урошевиќ: шест од збирката „Ноќниот пајтон“ од 1972 и шест од збирката „Лов на еднорози“ од 1983. Последните шест раскази од осумнаесеттр глави на романот се нови, специјално пишувани за „Мојата роднина Емилија“.

Истава постапка на поситен раскажувачки план ја има и кај Господинов, токму со Гаустин како лик над ликовите, како лик над жанровите. Експлицитно во „Засолниште во времето“, имплицитно во „Физика на тагата“.

Освен автоцитатноста на повеќе нивоа, во своите книги Господинов користи и „поневидливи“ поврзување. Имено, сцената од „Физика на тагата“ кога двајца млади читајќи рецепт од готвач и во мислите приготвувајќи колач, во стварноста забележуваат траги од брашно што воопшто го немаат во станот, бескрајно потсетува на песната „Мајка ми чита поезија“ од авторскиот избор „Балади и распади“ (поточно од циклусот „Неделите на светот“) која речиси целата е извесен прецизен рецепт. Доколку мајката го приготви и го испече рецептот – ќе се добие штрудла; доколку не – песна.

Но, дали ова значи дека Господинов сето време испишува една книга? Не. Господинов располага со бескраен книжевен рефус што го пакува по сопствена мерка. Не сака чисти жанрови – „Чистите жанрови не ме интересираат многу“, вели. „Романот не е Ариевец. (...) Ја замислувам книгата која ги содржи сите родови и жанрови. Од монолозите, преку дијалогот на Сократ, до епот во хексаметар, од приказната преку трактат, до список. Од висока антика до инструкции за кланица. Сѐ може да биде собрано и пренесено во една таква книга“, вели тој и суверено се движи од „романот од фасетен вид“ – „Природен роман“ кон т.н. тотален роман – „Засолниште во времето“.

Хелиумот на нарацијата
Во „Физика на тагата“ маестрално е изведен слободниот проток помеѓу граматичките категории лице и број. Најконкретно и најочигледно целиот роман е шалтување од прво во трето лице (проток во рамките на граматичката категорија лице) и шалтување од еднина во множина (проток во рамите на граматичката категорија број). Примерите за првиот проток, истекувањето, флуидноста помеѓу првото и трето лице при раскажувањето, се на ниво на раскажувачка стратегија во овој роман и тоа го дава целосниот стилски ефект; а примерите за граматичкиот проток по број (еднина/множина) главно се изведени со неусогласување на бројот во куси искази од типот на „јас сме“ на почетокот и „јас бевме“ на крајот од романот. Првото лице еднина на заменката без конгруенција се врзува со првото лице множина. Наместо јас сум (според граматичкиот канон) имаме јас сме, наместо јас бевјас бевме, со што уште повеќе се дуе семантичкиот балон на фразата со хелиумот на впечатлива нарација.

Јазли-јазли со минатото
Читањето нечиј опус во континуитет, самото по себе носи огромна книжевна возбуда; читањето, пак, на опусот на Господинов во континуитет носи многу повеќе од возбуда. Носи фасцинација, кодирање и декодирање на писмото, на постапките. Откривање цел пишувачки свет „искрцан“ (истоварен) и населен на тукушто мапираниот Континент на минатото, Жоровиот континент. Но, може ли новиот континент да го наруши вртењето на земјата? Може! Затоа што и нашите животи се исповрзани и заплеткани во јазли-јазли со минатото кое малку по малку ни стана замена за иднината. Нашето утре стана вчера, а книжевното писмо на Господинов генерално го детектираше и го дефинираше токму тоа – прецизно и разбирливо, иако завиткано во недобројните лушпи на приказните – дека минатото е тиранин што тргнал да го освојува светот. Најдоброто засолниште, убежиште, уточиште, скривница од времето, е токму во времето, зашто кога минатото станува тиранин, тогаш сегашноста престанува да ни биде дом, а иднината запира, се поништува. Оригиналниот наслов на романот на бугарски „Времеубежиште“ е лингвистички композит кој најдобро го опишува токму ова, дека не се знае дали убежиштето/засолништето е во, од или на времето. Со разложување на композитите на одделни морфолошки единки, особено со внесување на предлозите, се прецизираат врските меѓу зборовите, но тогаш кога се сака тие да бидат прецизни. Во случајот на оригиналниот наслов на бугарски, претпоставувам дека Господинов прибегнал кон композит сметајќи дека со непрецизноста (со отсуство на предлози) ќе го прошири семантичкото поле. Зашто времеубежиште, или на македонски – времезасолниште, е убежиште/засолниште и во и од и на времето одеднаш. Придавката временско пред убежиште/засолниште најбезболно го ослободува композитот од предлозите, но, затоа, пак, се оддалечува од диктатот на оригиналот за именка, макар и композитна. За таква варијанта, со придавка, без предлог, се решил преведувачот на хрватски – „Временско уточиште“. Преведувачот на македонски, Душко Крстевски, се решил за разложување на композитот на две именки и предлогот во меѓу нив, што исто така е легитимна лингвистичка постапка.

Можеби да, можеби не, но...
Можните зачнувања на книгите на Георги Господинов, најголемиот времепоседник во современата книжевност се потенцијални точки, сугестивни прашања со кои можеме да се движиме низ неговото творештво. Транзит, или целно од еден до друг наслов. Можеме да се движиме и низ само едно конкретно дело и тоа да не се одрази ниту на квалитетот на читањето, ниту на патувањето.

1. Дали романот „Физика на тагата“ се зачнал во расказот „Човекот со многуте имиња“ од збирката раскази „И други приказни“ во кој се раскажува за исчезнувањето на Гаустин во 1937 година?
- Можеби да, можеби не, но непореклив факт е дека „Физика на тагата“ го има голтнато овој расказ или овој расказ има аждерски романескен апетит и ширум отворена челуст за романот што допрва ќе се појави.

2. Дали романот „Засолниште во времето“ се зачнал во романот „Физика на тагата“ со ракописот на децениите и бегството во времето на Гаустин?
- Можеби да, можеби не, но непореклив факт е дека бегањето низ времето на Гаустин во „Физика на тагата“ е бегање на болните од Алцхајмер низ времето во „Засолниште во времето“, но бегање и на здравите и на цели држави во своите некогашни најубави времиња. Она што го прави Гаустин во „Физика на тагата“, во „Засолниште во времето“ им го овозможува на другите – болни, здрави, ликови или држави.

3. Дали со реченицата „Порано можев да престојувам во сите тела на светот“ од романот „Физика на тагата“ се зачнала збирката раскази „Сите наши тела“?
- Можеби да, можеби не, но непореклив факт е дека реченицата е антиципација за збирката куса проза чијшто наслов е самата таа, малку варирана. Каков тип антиципација е ова? Речиси ингениозна, фуриозна, рефус-антиципација, антиципација на лагер.

4. Дали со бегло спомнатата гленофобија (страв од пластични кукли) во романот „Физика на тагата“ се зачнал расказот „Ќерка“, а со него и целата збирка раскази „И сѐ стана месечина“?
- Можеби да, можеби не, но непореклив факт е дека во романот „Физика на тагата“ се појавува еден минорен лик (девојка) кога страда од гленофобија. Во расказот „Ќерка“ од „И сѐ стана Месечина“, еден снеможен господин влегува во купе во воз со кукла в раце облечена како дете. Тој и се однесува со неа како да му е дете, а во возот, всушност, очекува да најде човек кому ќе му го остави на чување своето чувствително „дете“ додека тој е на операција. Раскажувачот е единствениот којшто го прифаќа неговиот „поглед на светот“ како нормален, како реален, како разбирливо можен и кутриот човек нему му ја остава својата ќерка. Раскажувачот ја презема туѓата среќа како своја, туѓата пластика како свое месо, го чува девојчето за време на операцијата на таткото, но и подоцна, бидејќи таткото починува. Раскажувајќи ни ја приказната, две години по случката во возот, раскажувачот вели дека додека тој пишува, девојчето, веќе пораснато, си игра во собата. Со ваков крај, емпатијата оди чекор понатаму (кон идентификација?) каде што чувството за другиот станало чувство и за самиот себе; туѓата брза среќа брзо станала и наша брза среќа...

5. Дали реченицата „Седам зад весникот и слушам што зборуваат луѓето, се растворам во нивните приказни како коцка шеќер во кафе“ од „Природен роман“ ја зачнала сјајната рефус-книжевност на Господинов која во секоја наредна книга се пакува во различни златца на „нечисти, неариевски“ жанрови?
- Можеби да, можеби не, но непореклив факт е дека оваа раскошна, неспакувана, неограничена, тотална книжевност, во смисла на сутесни жанрови и предефинирани форми, навистина функционира како рефус раскажувачка уметност. А рефусот секогаш е најсвеж, највкусен, најтазе, од него може да се спакува каква било форма, кутиче, златце; а од формите, кутичињата и златцата не може да се направи рефус. Звучам како да зборувам за наполитанки од „Европа“, а всушност зборувам шеќерно и со блажина за големата книжевна умешност на Георги Господинов.

Автор: Оливера Ќорвезироска
Слики: Óscar Sanmartin Vargas

ОкоБоли главаВицФото