Може ли левицата да си го најде својот пат?

05.12.2022 11:39
Може ли левицата да си го најде својот пат?

Тешко поднесувам случајно насилство, но понекогаш случајните пофалби ми паѓаат уште потешко. Еден атински таксист, симпатизер на нацистите, неодамна ми рече: „Гласам за Златна зора, но вам ви се восхитувам“. Подобро ќе беше да ме удреше во стомак. Истата мачнина ја почувствував пред некој ден кога ги читав предлозите на унгарскиот премиер Виктор Орбан за постигнување мир во Украина - слични на оние кои ги предлагам од почетокот на инвазијата на Путин. Се чувствував бедно, небаре Орбан лично ме пофалил.

Со години трпам голема непријатност кога луѓето чии анализи делумно се совпаѓаат со моите ќе се покажат како фашистички антисемити, нереформирани сталинисти, малоумни либертаријанци или обожаватели на Трамп. Во таа смисла добрите анализи на банкарските измами прераснуваат во подли напади на Евреите, критика на златната доба на рано финансијализираниот капитализам во славопојки за САД, а форензичката анализа на склоностите на централните банки да се коцкаат со нашите пари завршува со лудачки предлози за воведување некоја крипто валута, во склад со опасната либертаријанска идеја за аполитични пари. Во случајов, сосема разумните критики на либералниот империјализам и презирот на либералниот естаблишмент кон работниците се претвораат во предлози за кревање ѕидови на границите, лов на обоени луѓе или упаѓање во Конгресот.

Светата должност за разоткривањето на преминот од хуманизам во мизантропија сјајно ја исполни Сергеј Ејзенштајн во филмот Крстарицата Потемкин од 1925 година. За време на жестоките демонстрации против бруталноста на царската војска, Ејзенштајн прикажува агитатор кој се обидува да го насочи гневот на демонстрантите против Евреите - но тие сложно го надгласуваат и замолчуваат. Камо да беше толку лесно во реалноста!

Во 2011 година се уверив во тоа. За време на величествените демонстрации во Атина, кога десетици илјади грчки граѓани се собираа на Синтагма цели 72 вечери за да протестираат против осиромашувањето на Грција наметнато од страна на злогласната Тројка (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), меѓу нас се моткаа фашисти. Како провокаторите во филмот на Ејзенштајн, тие ја хушкаа толпата со повици за бесење на членови на парламентот и со прикажување на Ангела Меркел во нацистичка униформа.

Иако левицата се дистанцираше од фашистите собирајќи се на долниот дел од Синтагма, жал ми е што никогаш одлучно не се позанимававме со фашистите, како демонстрантите во филмот на Ејзенштајн. Уште полошо, последователните порази кои со децении ги трпи меѓународната левица направија многу левичари да ја преземат одвратната логика дека непријателот на мојот непријател е мој пријател.

Во 1981 година учествував на малите лондонски демонстрации против Садам Хусеин, тогашниот миленик на западот, чиј режим изврши инвазија на Иран. По краткиот притвор ме дочека критика од моите пријатели од левицата. Ми рекоа дека сум наивен зашто не согледувам дека поддршката за Ирак, кој е единствен во регионот што му се спротивставува на Израел, е составен дел од нашата поддршка за Палестинците. Дваесет и две години подоцна, по протестите против инвазијата на Ирак од страна на САД, друга група левичари ме критикуваше затоа што се противам на инвазијата. За нив не беше можно истовремено да се осудат и крволочниот Садам и катастрофалната инвазија.

Распадот на Југославија ме доведе во сличен процеп. Во 1999 година за време на војната на Косово левицата се подели на два табори, кои ми беа подеднакво одбивни. Некои упаднаа во замката на поддршката на режимот на Слободан Милошевиќ како последна брана пред американскиот империјализам и германскиот економски експанзионизам на Балканот. Други бомбардирањето на НАТО на СРЈ го сфатија како либерална интервенција, неопходна за воведување демократија на Балканот. Тоа беа осамени денови за оние кои со ист жар им се спротивставуваа на фашизмот на Милошевиќ и нелегалното НАТО бомбардирање на српските цивили.

Најтежок таков момент за мене настапи во 2001 година, за време на состанокот на факултетскиот одбор на Атинскиот универзитет, кога на дневниот ред се најде предлог на Владимир Путин да му се додели почесен докторат, во замена за слична чест која државниот универзитет во Москва би му ја доделил на нашиот претседател. Само јас гласав против, со аргумент дека Путин на своите раце има крв од 200 000 Чеченци. Учените колеги од левицата подоцна ме прекоруваа затоа што не сфаќам дека поддршката за автократскиот псевдо-цар во Русија е мала цена за запирање на ширењето на американската моќ во источна Европа. Денес моите источноевропски другари ме нарекуваат путинов корисен идиот зашто не верувам дека бескрајната војна ќе доведе до демократизација на Русија.

Со години очајувам заради овие слепи дамки на меѓународната левица која заради тоа губи драгоцено време. Така беше досега. Но новата иранска револуција ни пружа нова шанса. Жените, студентите и работниците кои се бунтуваат во Иран се нескршливи: не наседнуваат на фашизмот кој стои зад обидите на режимот да се претстави како антиимперијалистички, не ја испорачуваат својата земја на хегемонијата на САД, ни својата економија на финансијализираниот капитал. Тие на тежок начин учат како да ги одбијат погрешните бинарни спротивности (неолиберализам-етатизам, империјализам-автократија, патријархат-конзумеризам). Се надевам и верувам дека со тоа ќе нè научат и нас. Уште една причина да ја поддржиме нивната борба.

Превод: Алек Кузмановски

Сликите се од филмот Battleship Potemkin (1925) на Сергеј Ејзенштајн

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото