Колку многу агенти

05.12.2022 13:12
Колку многу агенти

Пренесено од Дојче веле

 

Политичката сцена како да преминува во шпионско милје. За тоа специфичeн придонес има премиерот Димитар Ковачевски. Веќе неколку месеци, особено при неговите тврди дебати со опозициските пратеници во Собранието, Ковачевски изгледа како неортодоксен политичар, чиј вокабулар често отскокнува од она на што сме се навикнале сите овие години. Во тие години како алки на синџир се редат обвинувањата за корумпирани политичари, предавници на народот и татковината, прислушувачи, контролори на животот и смртта, криминалци, уништувачи на иднината (кога веќе сегашноста е толку мачна), но сега тоа на моменти изгледа застарено.

Кога пред некој ден Ковачевски од партиска трибина во Велес го нарече лидерот на Левица, Димитар Апасиев, „агент на хаосот“ тоа изгледаше како сосем нов момент во повеќедецениското меѓусебно обвинување на политичките ривали. Тоа е сериозна новина во една политичка кампања. Опозициските првенци тврдат дека Ковачевски ангажирал прилично стручна странска агенција која ќе го подучува премиерот во неговата битка да ја скрши опозицијата во нејзиниот пат по победата на ланските локални избори. И дека таа агенција, како што дознаваме, не е од овие регионални простори, туку некаде од југоисток.

Да го наречеш некого „агент на хаосот“ потребно е поспецифично познавање на политичката култура за водење кампањи. Којзнае, можеби Ковачевски (или оние што го подучиле) ја имал на ум документарната минисерија на ХБО емитувана во 2020 година наречена „Агенти на хаосот“ која се занимава со руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година. Дводелната серија, која доби многу пофалби, објавува снимки кои дотогаш не беа видени од руските фарми за тролови и видеа извлечени од длабоките руски мрежи. Пораката на минисеријата е дека овие агенти на хаосот сакаат да ја поткопаат американската (а преку тоа и светската) демократија.

На сличен начин во Велес Ковачевски го објасни дејствувањето на Апасиев:
„Најзабележителен и најопасен во моментов е Димитар Апасиев. Тој е агент на хаосот. Тој верува дека колку повеќе е лошо за земјата – толку е подобро за него. Неговата цел е да запали оган за луѓето да се стоплат и да заборават дека горат нивните чевли. Еве каде многу луѓе грешат и токму тука е опасноста. Економската криза и фрустрацијата ги очајуваат луѓето и ги тера да размислуваат да му дадат шанса. Во руралните средини, меѓу младите, дури и меѓу средната класа кои се борат за време на кризата. Не лажете се – тој станува посилен“, рече Ковачевски.

„Воведете малку анархија“

Употребата на синтагмата „агент на хаосот“ влезе во мода од неодамна, така да се рече. Од 2008 година и филмот за Бетмен на Кристофер Нолан, „Темниот витез“. Покојниот Хит Леџер таму го играше Џокер и репликата од филмот оттогаш стана многу популарна:

„Воведете малку анархија, нарушете го воспоставениот поредок и сè ќе стане хаос“, вели Џокер и продолжува: „Јас сум агент на хаосот и ја знаете работата за хаосот? Тоа е фер“.

Филмските критичари ги толкуваа зборовите на филозофскиот анархист. „Тој служи како хаотична маскота за раздор во премногу уреден свет што иронично, за нив, нема смисла. Џокер го нарушува статус-квото, стои во опозиција на сѐ што има да понуди општеството и се смее отстрана“.

Има некои сличности улогата на Апасиев со онаа на Џокер од „Темниот витез“. Тој сака да го предизвика демократскиот систем за преку една мала анархија да почне да се превртува со хаос. Тој навредува и омаловажува политичари, новинари, оние кои мислат поинаку, сака да го вознемири општеството. И се обидува да искористи секакви моменти. Пред некој ден, на 29 ноември, поранешниот Ден на републиката, заедно со другиот пратеник од Левица, Борислав Крмов, отидоа во Белград, во Куќата на цвеќето, за да се поклонат пред гробот на Тито. Грото на нивните гласачи се меѓу младите луѓе разочарани од неподносливоста на доминацијата на двете главни партии, па Апасиев реши да го прошири својот политички повик кон оние далеку повозрасните, кои сѐ уште се сеќаваат на нивниот живот во Југославија и, секако, на Тито.

Визитата е проѕирно планирана, оценките во партиското соопштение мора да бидат силни – „Јосип Броз Тито, најголемиот државник на овие простор, под чие водство македонските партизани победија во војната“. А сега Македонија повторно била „втурната во виорот на мрачните сили“ кои со „Преспанскиот договор и капитулацијата пред неофашистичките барања на Бугарија го исплука гробот на Ј.Б. Тито и ги згази идеалите на македонските партизани, на НОБ и АСНОМ“.

Можеби ќе речете дека има малку повеќе цитати од едно партиско соопштение на Левица за посета на гробот на Тито. Но во тоа има политичка логика и поврзаност со она што Ковачевски го кажа на трибината во Велес. Тој таму уште рече:

„Прво што прави Мицкоски секое утро кога отвора очи е – проверува во телефонот што кажал претходната вечер Апасиев, па водејќи се од тоа дава наредби каква ќе биде нивната комуникација тој ден. Да не случајно ВМРО-ДПМНЕ да биде помалку екстремна од Левица за да не им пребега некој член во партијата на Апасиев. Затоа Мицкоски еден ден вели дека ја поддржува ЕУ, а веќе следниот ден во Собранието ја блокира сета законска регулатива што се однесува на Европската унија. Човек без визија заедно со пироман со визија за хаос. Додадете го во мешавината и Груевски, кога под неговото 11-годишно владеење земјата беше блокирана во Европа – и тука е совршената бура (позајмен термин од економијата – н.з.)“.

Левица, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, веќе подолго време го нарекуваат СДСМ само СДС, како да е усогласена заедничка политика. А Левица, слично како ВМРО-ДПМНЕ, ја оквалификува владејачката партија како „врховистичката СДС“. Но на Апасиев и другите очигледно не им е сеедно по сите напади на Ковачевски на митинзите кои, сепак, имаат одек кај граѓаните, па во партиското соопштение ламентираат дека „под раководство на СДС деновиве се одвива најцрната кампања против Левица“.

Би можело уште да се нагаѓа од каде произлезе оваа синтагма на Ковачевски за „агент на хаосот“. Можеби тоа не е од „Темниот витез“ или мини-серијата за руското мешање во американските избори. Туку поради вклучувањето и на други „агенти“ за употребата на ваквиот вокабулар изворот на оние што знаат како се водат кампањи оди подалеку – во 1967 година, кога американскиот писател на научна фантастика Норман Спинрад го објави својот роман „Агент на хаосот“ и оттогаш тој термин влезе во јавна употреба.

Братството на атентатори

Години пред вистинскиот Џонсон да стане глобален агент на хаосот, измислениот Џонсон од романот на Спинрад беше гневен шеф на Демократската лига, една од трите сили кои се натпреваруваат за доминација во светот. Главниот непријател на Лигата беше моќниот тоталитарен Хегемонски совет, предводен од Владимир Хустов, но поопасен противник демнеше во заднина и ги прогонуваше двајцата: Братството на атентатори, предводено од Роберт Чинг, инаку познат како Агент на хаосот. Книгата започнува со прашањето: „Кој од овие лидери би го следеле?“ Но, Спинрад предупредува да не се донесува избрзана пресуда. „Не одлучувајте премногу брзо“, пишува тој. Според Спинрад двете нешта кои работат заедно - демократијата и тоталитаризмот - завршуваат со трета работа, што е хаос.

Можеби свесно, можеби несвесно, но со оваа тирада на Димитар Ковачевски против Левица, партија која сѐ повеќе наликува на екстремно десничарската Алтернатива за Германија, а не на колабираната германска Левица, лидерот на СДСМ, всушност, на одреден начин, му помага на Христијан Мицкоски. Нивните партии се двете клучни сили, како во романот на Спинрад, а третата, Братството на атентаторите, сака да ги елиминира. Се разбира, Левица не може да се поистовети со атентатори во буквален смисол, но нивната политика наликува на демократски атентат.

Колку и да изгледаат грубо зборовите на Ковачевски за Мицкоски (и обратно – оние на Мицкоски за Ковачевски) тие, всушност, може да му бидат од помош на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Нападот од ривалот може да биде од помош, ако внимателно се прочита, за неволјата што може да дојде од оние во близината, за кои мислиш дека ќе ти бидат од корист. Како што беше онаа славна реплика од прислушуваните разговори: „Каменот доаѓа од блиску“.

Има моменти на просветлување кај Мицкоски и партијата, како пред некој ден кога силно му аплаудираа на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер по говорот во Собранието, иако тој го рече и ова, во голема мерка мислејќи на нив: „Уставниот амандман е повеќе од тоа да се добие поен во домашната политичка дебата, се работи за повеќе од тоа за што политичките партии или поединци стекнуваат слава. Сега не е време да се западне во поедноставени слогани и националистички чувства. Сигурен сум дека патот кон Европа вреди дури и за следниот, предизвикувачки чекор“. Иако десничарскиот свет се обидуваше да се фати само за една реченица на Штајнмајер, која логично произлегува од германскиот демократски вруток: „Правилно е да се дебатира страсно за овие прашања (за промената на Уставот – н.з.). На важни општествени дебати им е потребна оваа страст“.

Сцената од Собранието беше дијаметрално спротивна на оној водвиљ што го приредуваа вмровските пратеници за времето говорот од летото на Германката Урсула фон дер Лајен(претседателка на Европската комисија) и транспарентите кои ѝ ги исфрлаа пред очи. Дали некои други „агенти“ се вмешале во нивните редови и им рекле дека двојна грешка десеткратно се плаќа? Дали оние од германската Фондација „Конрад Аденауер“ им сугерирале дека отсуството на аплаузите по навистина исклучително одмерениот, но со чисти пораки говор на еден германски претседател ќе им нанесе непоправлива штета? Или пак колективниот ум во партијата разбрал дека „инцидентот“ со Фон дер Лајен драматично ја помина мерката и за него знаат во сите главни метрополи?

Во крајна линија, тоа не е најважното. Најважното е дали ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во тајниот клуб на агентите на хаосот додека стои на вратата, а од внатре го мами македонскиот Џокер, или ќе остане на вистинското поле за вистинската регуларна политичка битка. За да ја донесе одлуката, Мицкоски има неочекувана помош од Ковачевски, иако таа тој можеби не ја гледа. Како што можеби ни самиот Ковачевски не може да ја види додека го напаѓа.

Фотографиите се од филмот The Dark Knight (Christopher Nolan, 2008)

ОкоБоли главаВицФото