Романот „Бегство од изгрејсонцето“ на Дејан Гаџовски ја доби наградата „Новите!“ за 2022

06.12.2022 16:07
Романот „Бегство од изгрејсонцето“на Дејан Гаџовски ја доби наградата „Новите!“ за 2022

Денес беше доделена наградата „Новите!“ за 2022 година.

 

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“, во состав Фросина Пармаковска, Петар Андоновски и Андреа Делипапаз, одлучи наградата за 2022 година да ја добие ракописот Бегство од изгрејсонцето на Дејан Гаџовски.

Наградата на авторот му беше доделена денес, на 6 декември, во галеријата „Метаноја“. Воедно беше промовирана и наградената книга, објавена во едицијата „Катапулт“, каде што се објавуваат сите победнички ракописи на конкурсот „Новите!“

Наградата изнесува 1000 евра, кои ги обезбедува повеќегодишниот донатор на „Новите!“, Комерцијална банка, Скопје.

Добитникот, Дејан Гаџовски (1976, Скопје), е дипломиран географ. Работи во Министерството за животна средина и просторно планирање, како просторен планер. Хоби му се музиката (бил пејач во рок-бенд во 90-ите), преводот и пишувањето (претежно стручни и научни текстови, но и сатира). За себе вели: „Урбан лик, бивш диџеј, настапувал во повеќе скопски култни кафулиња, светски патник, со многу пријатели во странство“.

Во продолжение пренесуваме неколку фотографии од доделувањето на наградата, заедно со образложението на жирито.

Главниот уредник на Темплум, Н. Гелевски, Ф. Пармаковска (членка на жирито), добитникот Д. Гаџовски (лево) и К. Милков (десно), од галеријата „Метаноја“

Д. Гаџовски и Ф. Пармаковска

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Бегство од изгрејсонцето е краток роман во дванаесет поглавја, романтична приказна за неуспешната љубов на двајца луѓе од различни земји - музичар и уметница. Дејството се одвива во Скопје и Берлин. Освен романтична, приказната е и „филозофска“ - за смислата на животот, судбината, човечкиот карактер, психологијата, религијата...

Главниот лик е постар човек кој сака уште еднаш да ја види својата најголема љубов и да се обиде да ја убеди да ги поминат барем последните години од животот заедно. Човекот се сели во нејзиниот град, Берлин. Пред да ја сретне, во домот за стари лица, тој на најблискиот пријател му ја раскажува целата своја животна приказна.

Романот претставува своевидна исповед за љубовта и минатото, водена низ постојана интроспекција и дијалог со внатрешниот глас. Можеме да зборуваме за роман-потрага; потрага по среќата и потрага по одговорот на прашањето: што ќе беше да беше поинаку? Може ли да се смени минатото и каква рефлексија би имало тоа на сегашноста, на иднината? Средбата, случајноста, мигот се значајни одредници на патувањето низ кое нѐ поведува нараторот и главниот лик; патувањето започнува од младоста, поминува низ целиот живот, сѐ до староста и последната станица, домот за стари лица во Берлин.

Поглавјата во романот одговараат на различните локации на патот низ кој минува главниот лик. Главната траекторија на приказната е повлечена меѓу Скопје и Берлин.

„Бегство од изгрејсонцето“ е патување, временско и просторно, низ внатрешните лавиринти, но и низ надворешните, географските. Љубовта и нејзината рефлексија од младоста во подоцнежните дни во најголема мера го условува патувањето на протагонистот. Романот не е обична потрага по личност, туку обид за сублимација на испуштените можности, за нивно надополнување и реорганизирање во нешто што би можело да се замисли како идеално решение, како алтернатива на реалноста каква што можела да биде а не била.

Случајноста е многу важно делче од сложувалката на романот, случајноста како миг што ја пресвртува судбината, при што мигот и секавичната краткост на љубовта стануваат главните чинители во (пре)обмислувањето на животот. Може ли (ре)обмислувањето и добро испланираното соочување да го постигнат истиот ефект како случајната средба полна со спонтана возбуда и нескротлива еуфорија? Може ли младешката љубов, силно обележана од безгрижноста и мигновеноста да се почувствува повторно и исто во пензионерскиот дом во Берлин во поодминати години, во зајдисонцето на животот?

Овие прашања во романот се проблематизираат низ интроспекции и реминисценции, но и низ интересниот динамичен дијалог со Џејмс, Другиот (другото јас), внатрешниот глас, постојаниот соговорник и верен придружник на главниот лик. Така што, испаѓа, дека потрагата по љубовта воедно е и потрага по себеси, по изгубената верзија на себе. Одговорот на прашањето, што ќе беше да беше поинаку, поттикнува неминовно соочување со себеси, со сопствените желби, верувања, стравови. Одговорот на тоа прашање има клучна важност во обидот за себедефинирањето, и тоа во возраст кога веќе нема време место за компромис, за залажување и одложување, возраст кога единствено вистината доаѓа предвид, на самиот залез на животот кој симболично се поврзува со „бегството од изгрејсонцето“.

Романот можеби не е ведар, но испраќа доволно јасна порака дека работите не се лоши како што изгледаат на прв поглед, дека е потребно да се наслушнува „другиот во себе“ и да не се очајува за пропуштените можности.

Живите слики и описи, едноставниот и прецизен јазик, финиот ритам, динамичното раскажување, важните универзални теми, освен што придонесуваат романот да се чита лесно и течно, укажуваат и на веќе формиран автор кој сигурно чекори низ сеизмички осетливото тло на светот на книжевноста. А бидејќи световите на книжевноста често се испревртени и измамнички, ова „бегство од изгрејсонцето“ може да значи - ако ништо друго, можеби поради цикличноста, поради кружната природа на нештата - и пат кон некое ново раѓање, да речеме книжевно.

Д. Гаџовски, Ф. Пармаковска и Н. Гелевски


Фото: Марина Туфекчиевска