Пад

06.12.2022 21:03
Пад (расказ)


Тоа утро се будевме полека и спокојно, како да го имавме сето време пред нас.

Го насетив по дишењето дека е буден, уште пред да се придвижи. Развлечено се преврте кон мене, ми ги провлече прстите преку стомакот, па го пикна носот во моето рамо. Јас го погалив по лепливото лице и по влажната коса, и на уште непрогледано го помирисав. Го обвиваше тежок облак мирис – киселкава пот, блажникава сперма, плунка впиена во перницата. Се преврте врз мене, со главата врз мојот стомак а рацете околу колковите; јас со дланката го притиснав на грбот. Се припи во мене како дете, галежливо триејќи се.

Го успори дишењето: во подготовките за говор, Лука ги сецкаше рефлексите. Ја имаше таа симпатична навика со некаква мека промисленост да го тапка просторот внатре и надвор од себе, пред да пушти да мине оформениот збор. Во подготовките за говор Лука и месото во долги линии би си го расекол, за да го ослободи натиснатиот метеж.

Заправо, грешам – таква сум јас, кога не говорам.

„Имав необична сензација ноќеска. Фасцинантно, впрочем. Не се сетив, одма, сабајле кога се разбудив“, говорот уште му беше неартикулиран - „ама после полека ми дојде“. Со прстите си одвои долго влакно од јазикот. „Некако, толку пропаднав во твоето тело, ти се препуштив, што во еден момент несетено се изгубив. Некое време заборавив каде сум, не бев тука, во собава, само осеќав притисок во ушите, како да се наоѓам на голема длабочина. Се разложив во длабочина околу мене... Не знаев дали си ми љубовница, дали си ми сестра, мајка. Само паѓав, во некаква етерична мекост.“

Тој лежеше со главата врз мојот стомак, а јас дишев плитко и воздржано, плашејќи се дека неговите зборови се обвиени со тенки мембрани што ако нагло ги кренев градите ќе пукнеа. Говореше слабо, испрекинато, со стегната возбуда.

За миг, со раката со која не го милував посакав да фрлам прекривка и да го скријам од вид неговото голо тело. Лежевме во краток молк. Ми тежеше, но не сакав да го оттурнам.

„Што размислуваш?“ игриво ме праша.

Размислував за овој мал, чудникав транс што ми го сподели, за сексот претходната вечер, и не знам зошто пред очите ми се појави еден приказ што прогонувачки ми навираше одвреме-навреме - за чувството што сигурно ги обзема бродоломците исфрлени на брег. Таа бессилност, претпоставував, испиеност, и едновременото олеснување од ослободувањето од суровоста на водата. Телото што е десетпати потешко и едновремено бескрајно ослободено. Луѓето во морска бура, се сетив, најчесто се дават не од морето, туку од дождот. Пробувајќи едновремено да се одржат на површината не успеваат да вдишат бидејќи дождот е премногу силен.

„Некогаш кога спијам не успевам да вдишам“, реков. „И ми влегува тоа во сонот – се загрцнувам, ме фаќа паника. Можеби е блокада на душникот, или ми залетнува плунка. Можеби заборавам да дишам. Некогаш, пак, присетувајќи се дека сонувам, се трудам да се смирам или да се разбудам – плашејќи се дека и моето вистинско тело, покрај соновното, се гуши. Впрочем, во тој момент моето вистинско тело навистина се гуши!“

„Сонот ти пука и се прелива во реалноста“, се насмевна Лука. Почна силно да се растегнува ширејќи се преку работ на креветот и сочувствително ме потапка. „За среќа секогаш рефлексно се будиме.“

„Не“, ги отворив очите, за прв пат тоа утро, „туку телото -  телото ми се поплавува!“

Прозорците беа широко отворени и низ нив светкаше плаво небо. Заборавив дека овде пред прозорецот немавме дрвја. Нејасно почувствував како не сакам, тоа утро, да го гледам небото.

„Аман, смрзнав, затвори.“

Се’ уште не знаев дека парче од него како скршено стакло ќе ми прсне во очите.

Ме гушна, долго и влажно ме бакнуваше. Го посакав – повторно и повторно.

Два часа подоцна бевме почнале да се пакуваме.

„Готови се сендвичите, торбите со алишта се покрај вратата; немој да ги заборавиш телефоните па да се враќаме ко прошли пат!“, енергично ми велеше, додека додавав уште облека во ранецот.

Ги бев собрала костимите за капење, за секој случај. Потоа и екстра чорапи. Опремата Лука веќе ја беше спакувал.

„Одличен е денов, јеботе! Совршено ведро, никаков ветер, нема најави за промени попладнево. Како добро ни се погоди, а?!“ се наведна преку прозорецот и вдиша гласно и длабоко. Дневната светлина блескаше зад него необично јако за инаку мирното утро.

Се пикнав под креветот за да ги дофатам кутиите со пасошите.

„Спремни сме“, седнав на работ вртејќи се наоколу во надеж дека ќе најдам нешто што недостасува.

„Супер. А плус имаме уште неколку часа додека Оли не’ собере“ – ми пријде од зад грб и ме обви со рацете. „Можеме да се излежаваме во када дотогаш. Ќе ти направам кафе...“

Го прифатив за дланките и го помирисав. Гелот за коса му мирисаше на жито.

„Не можам, Софи ме викна да ја сликам приредбата во школо.“

Се поттргна, затекнат: „Каква приредба?“

„Сега треба да излезам. Немам поим, нешто баналнo.“

„Зошто не ми кажа порано, ќе доцниме“, нервозно ме прекори.

„Дури вчера ми се јави. Немај гајле, набрзина ќе завршам и точно навреме ќе тргнеме“, му упатив насмевка што не го охрабри многу. Го тргна погледот од мене.

„Океј, ама пази на времето. Јави се штом завршиш“, ми рече суво и се упати кон кујната.

Пред излегување пикнав и куп ластичиња за коса во џебот од фармерките, предвидувајќи дека ќе ги изгубам.



Автобусот ме остави пред училиштето. Изгледа беше голем одмор, беше разгаламено, растрчано и радосно. Влегов низ влезот за учителите – за децата имаше посебен влез одзади, до кој мораа да кружат низ целиот двор. Софи љубезно ми се заблагодари што одвоив време. Ми објасни дека имаат мал застој и дека ќе започнат подоцна од предвиденото. Ми ја објасни темата на приредбата, дека во публиката се претежно родители, дека нема да трае многу долго.

Го прифатив понуденото кафе и излегов во задниот двор да запалам цигара. Неколку млади мајки навиката ми ја дочекаа со неодобрувачки погледи, па решив да се повлечам. Побарав некое странично место, па свртев зад школската зграда.

Зад школото имаше точно метар и пол помеѓу ѕидот од зградата и обраснатата ограда од дворот, и тој тесен запуштен простор се протегаше по целата должина на објектот, некои двесте метри. Беше валкано, имаше избледени пакувања од брза храна, мирисаше на мочка. Запалив и се потпрев на ѕидот. Тука беше тивко. Од сенката го набљудував просторот: изронетиот малтер што ги шараше ѕидовите, скршените прозорци на долниот спрат, искинатото знаме завиткано околу себе. Во аголот од дворот, малку подалеку, имаше посебна бaрака што беше тоалет само за учениците. Помислив дека кога врне мораат да трпат или да накиснуваат претрчувајќи дотаму.

Зад синкавиот чад од цигарата одеднаш се створи детенце, малку повисочко од моите колена, се вкопа пред мене и ме зјапаше со страшничко големото костенливо окце зад дебели округли очила. Другото окце му беше преврзано, којзнае зошто, но малиот не изгледаше загрижено поради тоа. Го забележав неговиот црвен детски пластичен саат со стрелки, преголем за неговото тенко зглопче.

Цигарата ми чадеше во очите. Не се помрднав за да не го исплашам, а и за да не се вознемирам себе. Го наведна слаткастото носе, ги стисна рачињата во тупаници и уште стоеше, сега веќе не затекнато туку со храбра и тврдоглава љубопитност. Повлеков и дувнав.

„Сакаш цигара?“ реков. Скандализирано од понудата, вџашено зина, како да лапнува цело јајце, и – побегна.



Приредбата доцнеше триесет и пет минути. Ја отвори директорот, со помпезен говор, качен на зелениот под од монтажната сцена. Двете бордо завеси од тешко платно што висеа од страните на сцената беа предолги за просторијата, па во краевите беа насобрани како да ползат кон центарот. Бојата на ѕидот се луштеше под шарените хартиени букви што го сочинуваа името на училиштето. Започнав од дното на салата ловејќи го морето глави во широк план и бесшумно се придвижував кон напред, држејќи се блиску до ѕидовите. Се обидував да извлечам прво нема елеганција, потоа комичност, од официјалноста на публиката во која половина гледачи беа преентузијастични, а на половина им беше видно досадно. Се правев глува за повеќе и помалку суптилните сугестии од родителите да ги фатам подобро токму нивните дечиња. Во некој момент, и покрај тоа што внимавав на неа, Софи успеа да ми се прикраде и благодарно ме потапка по рамото. Ме покани да останам подолго, на малиот коктел за наставничкиот колегиум подоцна. Ќе ми биде драго, реков, секако дека имам време. Набрзо малите деца што невешто рецитираа едни те исти песнички испраќајќи коси, претпазливи погледи кон наконтените учителки почнаа да ми здосадуваат. Ми требаше да се тргнам од зад објективот.

Се искраднав надвор. Дворот беше попразен од претходно. Се моткав по правливиот тревник и фоткав изгубени џамлии и шлајки. Почнуваше да подзапекува, стануваше потопло, сонцето блештеше. Запишти ѕвонче, но речиси ништо не се мрдна на повикот – немаше часови. Дошетав до игралиштето на крајот од дворот кајшто пет-шест деца играа со топка. Децата беа од околното маало; играа диво, жестоко кревајќи прашина по неасфалтираната земја, во бранови што засветкуваа под сонцето.

Седнав под дрвото отспротива, и ги следев, обидувајќи се да ја сфатам логиката на играта. Ги ловев низ објективот: вештите дриблања на топката, складните преземања, брзите скокови што едвај можев да ги воочам. Барав да ги врамам во некакви циклуси. Да ги видам спојките во кои се надоврзуваа едни на други. Работ од сенката под која се засолнив постепено ми се приближуваше кон стапалата, па ги повлекував кон себе. Да го распознаам редот зад тој хаос што мене ми личеше на неправилно надвјасување, како секој да го играше она што најдобро го знае. На моменти лицата во објективот ги фаќав во грч. Како што мене ми се лизгаше логиката на играта, така се згуснуваа светкавите златно-кафеави бранови прашина, а децата-играчи во нив бледнееја речиси во силуети. Низ брановите се провлече бело зајаче со монокл и отскока надвор од топката прашина. Во еден суров судир и последователен пад видов низ објективот како ногата се свитка онаму кајшто немаше зглоб, како телото смешно се затетерави како дрвена кукла, како кула од коцки, како во еден бескрајно краток блесок на спознание се разоткри внатрешната структура на телото.

Момчето падна и почна да вика од болка. Во викотот можев да препознаам неумоллив секотен бол што ми се одби од телото. Рефлексно скокнав и потрчав во помош, трчајќи мислев на тоа дека никогаш не сум била скршена и не знам што да правам со скршеници. Си ја држеше потколеницата со рацете и се превртуваше на земја. Останатите деца го опкружија и со зборови и гестови се обидуваа да го смират и да му помогнат, но иако посегаа со прстите кон него, интуитивно знаеја дека сега тоа не беше зона на допир. И од нивните лица, зачудени и подисплашени, се рефлектираше екотот од дупката во неговиот вик.

Бев во паника. Се втурнав меѓу нив на колена до малиот, и почнав полека да го убедувам да се смири. Зошто би се смирил, го боли. Да се смири и да дозволи да му ја погледнам ногата. „Скршена ти е, пробај да не се движиш. Ќе биде океј, сега ќе викнеме некој да те среди.“ Не плачеше со солзи, само ликот му се кривеше во жални грчеви. Децата околу малку се потсмирија со возрасен меѓу нив да ја преземе ситуацијата. Малиот малку го стиши офкањето. Посегав со рацете но не знаев дали нешто правам.

Од некаде се појави Софи: „Што правите? Што се случува?“

Се зачудив откаде се појави овде, пред неколку минути дворот беше празен; децата ѝ објаснуваа во хор, а таа прашално гледаше – во мене. „Мора на лекар“, реков.

Софи клекна до него, ѝ кажа каде го боли, му ја испипа ногата.

„Ништо не е, само ти е свиткан зглобот, не се грижи. Близу живееш? Ќе ти помогнат другарите да стигнеш до дома, ќе ти стават облоги и готово. Ќе ти помине како на кутре“, го смируваше Софи.

Скршена е, сакав да речам, треба да се мести, но не сакав да докомпликувам. Веќе бев на пат, надвор од дворот, надвор од маалото, додека сликата од скршената нога во мојот фотоапарат почна да добива и звук, и боја, почна да развива екстремитети.



Пред влезот на зградата Лука и Оли ја товареа колата. Кога ме виде дека доаѓам, лицето му се озари. „Еј, па ти дури и порани! Браос!“ „Што треба, да ви помогнам нешто?“ пробував да ја потиснам растрепереноста во гласот. „Ма не, таман привршуваме. Како помина?“ „Одам да ги земам ранците!“, викнав и отрчав нагоре по скалите како низ тунел, во еден здив до петти, шести спрат. Уште се тресев од вознемиреност. Зошто се вознемирив толку од детска повреда? Не требаше да се согласам да одам да замине сакам да замине... Влезната врата беше отворена, од аголот од ходникот ги зграбив мојата и падобранската опрема на Лука.

Нешто подоцна се симнав со ранците. Лука ми се насмеа што се силам да влечкам така тешки ствари. „Али добро, јака си ти, треба да се докажеш“. Ги сместив ранците во багажникот, и тргнавме.

Полека, бевме и назад со распоредот.

* * *

„Ти викам, пристигаме, и гледаме дека си нема врска со сликите. Малтерот испукан, горе дамки од прокапуење, подрумот поплавен. Газдава ми вика, лесно било за реновирање...“, Лука го надвикуваше радиото.

„Значи баш не ви иде, а? А кај баравте на друго место?“ се интересираше Оли.

„Сакаме блиску негде, да не мора да правиме големи промени. Веќе ни е се’ тука - родителите ни се блиску за посета, работата исто... Додуша, Зои процмиздрува малце дека требало да смениме локација, да идеме негде другде – ама вака е многу попрактично. Слушај, не бараме којзнае каков простор, најбитно да се стабилизираме, да знаеме дека тоа е решено прашање.“

„А кај би сакала ти да земете стан, Зи?“ се сврте Оли и ме праша. Бев удобно слизната на задното седиште и го гледав просторот што течеше надвор.

Отпрвин возевме по автопат и пределот низ кој минувавме беше рамен и едноличен. Толку едноличен, што ми се чинеше дека кога автомобилот забрзуваше околниот пејзаж се стеснуваше и се истенчуваше тендирајќи во единствена бескрајна линија, како да возевме по надворешните контури на неправилна сфера.

„Само мислам дека треба да разгледаме и други опции пред да се решиме. Не сакам да избрзаме... Инаку, да, се’ што до сега видовме беше во најмала рака сомнително.“

„Добро, станот во ‘Циглата’ не беше лош, реално, тој можеше да биде во игра“, рече Лука, огорчено, загледан низ прозорецот. „Сврти овде, Оли, има пократок спореден пат - - Да, натаму.“

Најдовме процеп и глатко влеговме внатре во сферата. Автопатот се смени со тесни, непрегледни, споредни патчиња, забарикадирани од двете страни со зеленило или со трошни локални куќарки. Мене ми изгледаше како тоа да ја зголемуваше веројатноста да се изгубиме. Секако, тоа не се случи - Оли и Лука, особено Лука, знаеја каде одат. Но имаше многу вртења, заглавувања во ќорсокаци и враќања. Јас преферирав прегледни опции.

Заправо, дрско беше од Лука да ја форсира темава со Оли.

Паузата на бензиската станица добро ми дојде. Земавме кафе од автомат и Оли накратко го снема. Нагоре, над станицата, прегласно дишеше шума. Лука мирно ја набљудуваше. Енергијата на Лука понекогаш ја чувствував како метрономски осцилации. Во отсечни, сигурни тактови што се одбиваа од моето тело. Сега чукаше бавно и рамномерно. Ми изгледаше толку сличен со таа шума, како да би можела да го изгубам во неа, да се претопат.

Ми намигна и ме погали по дланката со која, стуткана на столот, ја грепкав налепницата од шишето.

„Што читаше во кола?“

„Ништо, не можам да читам, ми се лоши кога се возиме. Уште колку имаме?“

„Тивка си. Можда уште некој два-три саата. Речиси ќе го фатиме пладнето, веројатно.“

„Лука, не беше добар станот во ‘Циглата’. Беше преголем и прескап. А и некој чуден распоред на собите, веројатно би требало да преградуваме кога би го зеле.“

„Види“, се сврте кон мене и меко зборуваше, „во перспектива, со твојата и мојата плата, би можеле релативно комотно да го отплаќаме. Зградата е нова, цврста, на добра локација е – не сме премногу високо за да цмиздриш дека не можеш да се качуваш по скали – а и види како беа фини оние соседи под нас.“

„Не знам, Лука, ме загрижува целиов процес. Види, само сакам да не избрзуваме и да имаме некаква флексибилност на одлуките.“

Повторно се сврте настрана, го изгубив: „Мораш да се навикнеш да носиш одлуки, Зои“, отсече.

Посакав да му речам за утрината. Фотографиите ми стоеја во апаратот во чантата. Кога ги прегледував во автомобилот не можев да ги најдам оние на кои мислев дека ја уловив повредата, фотографираниот пад беше матен и со лоша композиција. Посакав да му речам, но што очекував како одговор?

„Добро, Зои, ќе разгледаме, еве разгледуваме, нели. Само не можеме тоа до бескрај.“

Го гребнав умилкувачки по дланката: „Набрзо ќе најдеме нешто што ни одговара, Лука, само да прочепкаме уште малку... “, потшепнав: „И ќе ставиме аквариум со медузи во дневната.“

Ме погледна откосо: „И кујната ќе ја поплочиме со диско-плочки што светкаат под стапалата?“

„Ете, гледаш дека знаеме што сакаме“, му се насмевнав и го погалив со прстите низ глатката коса. „Нема причина за грижа, убавецу.“

Ми ги позеде прстите и ми положи бакнеж на нив.

Кога продолживме со возењето патот беше глаток и лесен. Само малку не’ штрекаа огромните камиони полни со насечени дрвја што возеа во спротивен правец од нас по тесниот планински пат. Ненадејно излегуваа од зад непрегледните свртници како несмасни, расклатени метални слонови на кои со секое разминување како малку да им фалеше да нe’ прегазат или затрупаат.

Оли ме смееше со глупавите вицови и го рокна радиото, а Лука потпевнуваше и ми намигнуваше во ретровизорот. Косата му сјаеше и се прекршуваше на неверојатно убав начин. Кога би зела десетици очи насочени кон него и би го подредила она што го гледаат, каков складен мозаик би било тоа.

* * *

Првиот пат кога го пуштив држачот на цесната и скокнав немав поим дека тоа ќе биде мигот по кој ќе се враќам. Секој има различни причини. Некои луѓе скокаат за контролата и адреналинот во слободниот пад кон земјата, некои за препуштањето по ослободувањето на платното, за беспрекорниот мир во мекото лебдење над светот.

Мојата спојка, местото кајшто тој скок се закачува за мојата внатрешност како јадицата за рибата и го растегнува и извлекува ткивото надвор, е тесниот праг помеѓу платформата и пространството, мигот на преминот.

Првиот пат кога скокав со падобран мислев дека ќе бидам преплашена – од изгубената контрола на 4000 метри височина, неприкаченоста за ништо, неотповикливото фиукање кон земјата додека не се осигураш дека механизмот профункционирал. И така и беше – но тоа дојде подоцна, во долгите секунди забрзување пред ослободувањето на падобранот – не во преземањето на скокот. Слободниот пад во телото ти го активира сиот складиран и успиен живот, ти го избива срцето на површина.

Но, при преминот те заскокоткува елегантниот мрачен копнеж по бездната, по паѓањето без престан, без дно. Делчето од секунда во кое ја донесувам и ја спроведувам таа одлука е како мал засек. Којзнае, можеби по малку ти се оштетува самото битие со тоа пронишување насреде животот и смртта – како кога си ги тестираш границите на телото задржувајќи го воздухот под вода, или кога ти проаѓа низ глава што може да си направиш со сечилото ако ти се разлабави свеста: телото останува добро, но ти пукаат капилари од растечкиот притисок во градите а во мускулите некое време лебди фантомска болка или грч, и тоа останува впишано во нив. Сепак, тој миг на премин ми растекува задоволство низ коските, ми растреперува некоја темна, суштинска жед што инаку заборавам дека ја имам. И веќе во наредниот миг лежам на невидлива, мека дланка, од притисокот што се создава со пробивањето низ атмосферата...

Отсекогаш мислев дека Оли скока за заземјувањето. Како да ја има таа експлицитна потреба за тло на крајот од секоја авантура. Панорамата му нуди широчина но деликатното решавање на нештата може да се изведе само со сигурно маневрирање на цврст терен.

Лука - Лука скока поради сонцето, поради слободата. Лука е стабилен под облаците исто како на земјата. Тој има внатрешни платформи.

Во цесната бевме четворица, заедно со пилотот. Глатко се издигнавме во воздухот и набрзо одликите на теренот почнаа да се упростуваат како да надлетувавме подробна мапа. Бевме скокале десетици пати и тоа ги немаше излитено напнатоста и возбудата – телата ни се подготвуваа; едновремено, бевме смирени и урамнотежени, опфатени во невидлив прстен во нашиот круг од тројца. Оли скокаше прв, па јас, па Лука. За дваесетина минути се искачивме на планираната височина.

На позицијата ја отворивме вратата и се втурна студ кој за неколку секунди, од силниот адреналин што ни се пумпа низ телата, нема ни да го осетиме. Се покажа распосланото парче земја рашарано и неправилно како карирано платно. Оли се приближи до работ, застана на платформата, се сврте кон нас давајќи ни знак и скокна во пространството.

Ги затворив очите и вдишав длабоко, секој внатрешен вишок педантно превиткувајќи го по предвидените рабови. Си кимнавме со Лука и седнав на работ од излезот - јас сум стабилна, ми заличи, а пространството под мене се ниша како лулка. По толку скокања веќе имав доверба дека телото може и самото да ме води натаму, сепак, ја затегнував свеста како жица, напнато свесна за положбата и цврстината на секој негов дел. Се оттурнав од цесната внатре во морето празнотија, а тоа ме дочека на невидлив сплав. Во кратка ротација се испомешаа страните на светот, како во сферичен лонец, ги снема и горе и долу. Потоа тој, светот, се отвори под мене, растегнат и мазен; со раширени раце и нозе му паѓав во пресрет. Некаде од неговата утроба извираше бесен, студен ветар што фиукаше надвор кон вселената.

Земјата се’ позабрзано леташе кон мене и јас нуркав кон неа, имајќи целосна контрола. Во ваквиот слободен пад најмалото движење резултира во поместување и постепено човек завладејува и со оваа празнина. Срцето избезумено ми скокаше, како во вжарена тепсија. Лука брзо ме стигна и ги подаде рацете кон мене за во хоризонтална прегратка да направиме мала човечка ѕвездичка на небото. Го стегав за надлактицата; можеше да ми биде необично, ова единствено дофатливо тело околу мене во вакуумот. Зад неговото лице не можев да ја видам земјата, само густото синило. Паѓавме неколку секунди. Среќно му се насмеав, со тапкање му потврдив и на три се оттурнавме еден од друг слизнувајќи се во спротивни правци.

Кога мина речиси минута од скокот, го ослободив падобранот и тој нагло ме потегна наназад закочувајќи ја гравитацијата. По силниот шум во ушите од струењето на воздухот, наеднаш удрив во беспрекорна тишина. Сонцето се врати на местото над мене и оттаму блескаше, врз земјата која изгледаше олеснета и растеретена од случувања. Ги опуштив рацете и ја виснав главата наназад, длабоко вдишувајќи го остриот воздух. Се нишав на лулашка закачена некаде во небото. Полека почнаа да ми се одзатнуваат ушите, усните ми беа суви, носот смрзнат, во стомакот ми беше празно. Во плексусот ми лебдеше мала пријатна топка. Го набљудував светот, разрзан и отворен, лабаво подзашиен за небото, доволно за да треперат заедно. Јас, бескрајно далеку од се’, си постоев. Падот ме беше исфилтрирал, ме процедил, од земското, од моето, од мене. Ме полази благодарност, влезе во мене, ме преполни.

Набљудував, во молк.

Набљудував, во молк.

Се свртев да го побарам Лука. Го здогледав, на можеби триста метри оддалеченост од мене – можеби повеќе, можеби помалку, можеби сферата ја изместуваше перцепцијата за простор – неговиот бел падобран се вртеше во спирала, елегантно и нежно, како цветна латица во бавен пад. Се спушташе во забавен вртлог, како негде шевот на тенката земја да пукнал и полека го вшмукуваше кон себе. Го гледав како не престанува да се врти спуштајќи се под моето висинско ниво. Почнав брзо да маневрирам со јажињата во обид да го стигнам. Панично ги повлекував, жестоко клоцав во воздухот со нозете, но, моето придвижување не беше ништо во споредба со елегантното надолно извивање на неговиот падобран околу себе; белото платно светкаше под зраците. Ги подавав рацете, викав на сиот глас, но како сетилата да ми беа отсечени, не можев ни самата да се слушнам. Сеприсутната тишина ми го впиваше гласот и спиралата беше неумоллива. Бескрајни, бескрајни минути бев заробена во воздухот пред да се втурнам во тврдата земја.

Слики: Geffen Rafaeli, Amicis Viventes

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото