За долг од милион евра се прават повеќемилионски штети

07.12.2022 11:11
За долг од милион евра се прават повеќемилионски штети

Сè поверојатно е сообрааќајниот хаос во градот предизвикан од блокадите на приватните автобуси да го решава полицијата откако ниту денеска нема договор меѓу градот и превозниците, а вчера министерот за локална самоуправа Ристо Пенов најави можност државата на сила да ги тргне возилата од улиците.

Веќе два дена градот е под целосна блокада од страна на приватните превозници кои бараат Градот да им го исплати долгот од над 1 милион евра. Приватните автобуски превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ од вчера наутро повторно протестираат со блокади на три од клучните сообраќајни точки во Скопје, односно на крстосницата пред ТЦ „Мавровка“ и пред Црвен Крст, како и на бул. „Илинден“ во околината на Градот Скопје.

Градоначалничката Данела Арсовска наместо договор со приватниците долеа масло на огинот со најава дека утре ќе биде објавен конкурсот за нови линии, и тоа само две од неколкуте кои до сега ги покриваа „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

-Јавниот градски превоз го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајов, организацијата на јавниот градски превоз е обврска на градот Скопје и ЈСП Скопје. Основна заложба на ова градско раководство е оптимизација на непродуктивните трошоци и пренасочување на тие средства кон проекти од корист за граѓаните. Оттука, градот Скопје и ЈСП во последните шест месеци успеа да оспособи 130 автобуси од флотата на ЈСП со што бројката на градски автобуси се зголеми од 140 активни во овој период минатата година, на 270. На овој начин, граѓаните на градот Скопје добиваат подобра, поефтина, сигурна и стандардизирана услуга. Што се однесува до јавниот повик, истиот е ќе биде објавен утре, а се однесува на линиите од кој градот Скопје има потреба – тоа се линиите со бр. 20 и бр. 22. Единствена разлика е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна, се вели во соопштението од кабинетот на Арсовска.

Од Градот ги повикуваат сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници.

Утрешниот повик ќе покаже дали приватниците беа во право кога обвинија дека компанија од соседството ќе се пријави на конкурсот и дали Ленин Јовановски ќе ја загуби поддршката од превозниците, кои наместо да ги блокираат улиците ќе се пријават да возат на линиите „20“ и „22“.

Засега блокадите ќе останат, изјави директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

-Се чекаше известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор, засега блокадите остануваат, изјави Јовановски.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов вчера објасни дека Владата има механизам за запирање на блокадата, односно дека автобусите може насилно да бидат тргнати од улиците, но засега само се следи ситуацијата.

-Еве, да се исцрпат сите можности за разрешување на проблемот па Владата презема мерки, затоа што веќе не е само облигациониот однос и долгот од 1 милион кон приватните превозници. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот, рече Пенов.

Според него, јавниот превоз со главниот град не смеел да престане.

-Овој протест зема посериозен замав и според она како е проектиран тој воопшто не е насочен кон градоначалничката, кон ЈСП или кон долгот на ЈСП, бидејќи ЈСП не е загрозен со овој протест, градоначалничката исто така не е блокирана со овој протест. Единствено блокирани се граѓаните, изјави Пенов во неговото гостување на Сител ТВ.

Тој додаде дека доколку долгот бил еден милион евра, само во вчерашниот ден штетата била поголема, ако се земе предвид бензинот што граѓаните го трошат, тоа што бизнисот трпи, а работниците губат работни часови поради доцнење.

Извор: 24инфо.мк

 

ОкоБоли главаВицФото