Демократска плутократија и банкарски социјализам

09.12.2022 13:43
Демократска плутократија и банкарски социјализам


Во моментите на криза суровиот капитализам, кому во нормални времиња никој не смее да му џарне во профитот, наеднаш прогласува банкарски социјализам, во кој империјалната држава ги истура во банките и во финансиските институции даночните пари собрани од пролетерите на сите земји, покривајќи ги коцкарските загуби на банките и претворајќи ги во нови бонуси, профит и богатства.

Мислата дека оној што го контролира минатото ја контролира и иднината не е едноставна за спознавање, зашто не е плитка по својата природа, со азурна или дури со тиркизна боја, како морските брегови чиешто дно лесно се гледа, зрачејќи со топлина и мек песочен комфор. Не, оваа Орвелова мисла е во темна, длабока ултрамарин боја, која станува сè потемна колку повеќе човек се нурнува во неа, како морска длабочина што со стап и коноп не се мери, туку само вовлекува подлабоко, удолу во неа. За контролата ќе мора да му веруваме на збор на Орвел, но врската меѓу историското минато и иднината што ни дува в лице, ту милувајќи нè со нежно ветре, ту засипувајќи нè со песок и гар, ту со шушлак и мраз, таа врска секој може да ја сети, читајќи историски записи за дамното минато и чудејќи се како неговите фрагменти ветрот на иднината ни ги фрла в пресрет секој ден, сè повеќе и повеќе.

Така, читајќи за Римската империја, се фаќам себеси како се запрепастувам од сознанието дека речиси секоја страница ми нафрла в очи слики и настани од денешната глобална империја, и такви што допрва намериле да се случат. Римското општество, иако првин робовладетелска тиранија, а потем монархија, половина од својот милениум било република со исклучително софистицирана демократија (а другата половина царска империја што инсистирала дека со неа управуваат сенатот и народот римски), која во многу нешта наликува на денешната глобална капиталистичка империја. Една од основните алатки на таа супердржава бил пописот што уште од своите најрани денови бил вршен на секои пет години, а по неговото завршување се вршел обред на жртвување наречен „lustrum“ како вид прочистување на заедницата. Во пописот секоја глава на семејството морала под заклетва да го пријави бројот на членови на семејството, сите делови од имотот, како и бројот на робови, заедно со нивната проценета вредност. Тие податоци биле основа не само за оданочувањето, туку го одредувале и бројот на граѓани што учествувале во политичкиот живот, во собранијата и во другите процеси на одлучување.



Од овој процес потекнуваат и социјалните класи, зашто Римјаните според пописните податоци населението го делеле во класи. Најбогатата класа ја викале „classis“ (од таму потекнува и нашето денешно „класа“ како атрибут за нешто првокласно, но и зборот „класик“ за најдобрите и најтрајните автори и дела), додека пролетерите што немале имот – освен своите потомци – ги викале „proles“ што значело потомство. Системот бил исклучително едноставен и транспарентен: богатите биле оданочувани, за што добивале учество во политичкото одлучување и биле регрутирани за служба во војска, додека сиромашните биле ослободени од какви било давачки, но затоа и не се земале во војска, ниту се сметале за учесници во политиката, ниту, учествувале во функционирањето на државата.

Денешната империја е исто така установена во имотниот принцип, дека богатството е единственото што одлучува за сите политички и државни прашања. Иако се нарекува претставничка демократија на либералниот капитализам, и денешната светска империја (и многуте нејзини помали клонови) е во својата суштина плутократија, исто како стариот Рим. Власта – и суштински и практично – со челична шепа ја држат моќните сопственици на средствата за производство и на капиталот. Разликата меѓу денешното и некогашното римско државно устројство е во тоа што римското било неспоредливо поискрено, потранспарентно и поодговорно. Со парите во стариот Рим се купувала политичката моќ, но со моќта во цврста прегратка оделе и обврските и одговорноста. Денес е речиси обратно.



Денешната светска плутократија не сака да признае дека одлучува за сè, туку упорно ја изведува најлицемерната општествена илузија во историјата, формално предавајќи го суверенитетот и одлучувањето на огромното мнозинство пролетери. А последниве, пак, не признавајќи дека се „infra classem“ или поткласа, односно долна класа (како што отворено се нарекуваа во доба на Римската империја), се преправаат или умислуваат дека учествуваат во одлучувањето во политиката и во економијата, без оглед што фактите од стварноста тоа упорно го негираат. Како последица на оваа структурална заблуда, денешната капиталистичка империја ги оданочува само класата на сиромашните – како и најзалудната од сите – средната класа, која живее во заблуда дека не е наемна, дека се „одлепила“ од долната класа – одржувајќи го упорно системот на рамни даноци, додека плутократијата, богатите и моќните, ги ослободува од сите давачки или им дава обилни олеснувања и субвенции. Иста, само обратна, е ситуацијата и во однос на одговорностите и на воената служба: додека во стариот Рим одговорноста за грешките ја плаќале богатите и политички моќните, денес, кога наидуваат тешки времиња, калајот го јаде класата на 90 и кусур отсто сиромашни. И уште, кога се водат империјалистичките војни, гинат исклучиво припадниците на немоќниот и безимотен народ. Исто како и во робовладетелскиот Рим, само малку обратно.

Оваа неверојатна инверзија на здравиот разум – зборувам за империјалната капиталистичка политика на даночните ослободувања и олеснувања за најбогатите – е можеби најтажниот аспект на масовната неосознаеност и идеолошката празнотија на пролетерите од сите земји на планетата. Империјата и нејзините клончиња, всушност многубројните вазали, ја оправдува оваа политика со тврдењето дека грамадниот неоданочен капитал најбогатите ќе го инвестираат во економскиот растеж. Како што коментира Варуфакис, ова да не беше една бесрамна лага, ќе беше сигурно трогателен пример за залудна будалска надеж.



Стварноста со ладни камени факти покажува дека неоданочениот капитал банкарите го вложуваат во инвестициски фондови, кои понатаму ќе го инвестираат во делници, банкарски деривати и обврзници. Никој веќе не вложува во производствени капацитети (тие се ризични и се помалку исплатливи, зашто народните маси забрзано осиромашуваат и сè повеќе ја губат куповната моќ), туку наместо тоа капиталистите сè повеќе го вложуваат капиталот во купување на сопствените делници, на тој начин вештачки зголемувајќи ја нивната цена. Најочигледен доказ за последново е што пазарите на делници веќе не го следат падот на економијата во последниве две години од тешката економска криза (предизвикана од ковид-пандемијата и од годинешнава тазе отпочната Трета светска војна), туку се движат угоре, следејќи ја сопствената лажлива финансиска кружница што црта балони.

Гнасната разрешница на балонизираната самозалудна финансијализирана економија, кога балонот еднаш ќе дојде до пукање, веќе ја запознавме во деновите по кризата од 2008. Во моментите на криза, суровиот капитализам, кому во нормални времиња никој не смее да му џарне во профитот, наеднаш прогласува банкарски социјализам, во кој империјалната држава ги истура во банките и финансиските институции даночните пари собрани од пролетерите на сите земји, покривајќи ги коцкарските загуби на банките и претворајќи ги во нови бонуси, профит и богатства.

Оваа најрасипана империјална капиталистичка измама така ги перпетуира кризите на капитализмот во полза на капиталистите, опстојувајќи теоретски бескрајно, како вечна економија на преливањето угоре, кон најбогатите, без да му обезбеди на општеството економски раст и благосостојба, непрекинато зголемувајќи го јавниот долг на империјата, приватизирајќи ги општите добра и неконтролирано збогатувајќи ги плутократите. За тоа време пролетерските маси на наемни работници, демократските носители на суверенитетот, во циклуси – некогаш неподносливо густи – се забавуваат со избирање свои политички претставници, за овие да одлучуваат за важните работи за опстанокот на планетата. Во Римската империја се приредуваа циркуски игри за пролетаријатот, каде што бесплатно се делела и храна – познатите „panem et circenses“, додека денес излегуваме на изборни кампањи и избори, каде што можеби ќе уделат бесплатен сендвич. А можеби и не.



Слики: Алексеј Кондаков

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото