1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Ширум планетата непрегледните полиња посеви на кои одгледуваме храна ги заземаа местата на некогашните шуми и другите природни живеалишта кои претставуваат важни екосистеми и дом за бројни диви животни. Интензивното земјоделство ја воздигна цивилизацијата и прехрани повеќе милијарди луѓе, но истовремено е платена висока еколошка цена.
Иако на прв поглед се чини дека мораме да избираме помеѓу благосостојбата на природата и сопствениот опстанок, негативното влијание на земјоделството на емисијата на јаглерод диоксид, потрошувачката на вода и биолошката разновидност може да се намали значително. За тоа е потребна попаметна и поодржлива реорганизација на земјата за одгледување посеви на глобално ниво, покажува неодамнешната студија која ја спроведе меѓународен тим научници од Универзитетот во Кембриџ, Универзитетот во Пекинг и Универзитетот Харвард.
Овој научен тим направи мапа која покажува каде би требало да се одгледуваат главните светски посеви за максимално да се зголеми приносот и да се намали влијанието на животната средина, а целото истражување е објавено во научното списание Nature Communications.
Реорганизацијата позитивно би влијаела на емисијата на јаглерод диоксид, но и на биодиверзитетот и употребата на вода
Според резултатите, доколку одгледувањето на најважните посеви би се преместило на оптимални локации, емисијата на јаглерод диоксидот во оваа стопанска гранка би се намалила за повеќе од 70 проценти, а притоа да нема загуби во приносите. Новиот распоред би овозможил огромните празни полиња да се вратат во својата природна, пошумена состојба. Дрвјата кои би растеле на тој простор би го апсорбирале јаглерод диоксидот од воздухот, а исто така ќе се постигне и земјиштето да го прави истото во поголема мера отколку кога на него би имало посеви. Авторите проценуваат дека на тој начин, за неколку децении ќе се складираат количини јаглерод диоксид кои се еднакви на моменталните емисии во период од 20 години.
Речиси сите растенија и животни би имале голема корист. Во вакво оптимизирано сценарио влијанието на земјоделството на биолошката разновидност би било намалено за 87 проценти. Авторите велат дека обработливите површини брзо би се вратиле во природна состојба, со што драстично би се намалил ризикот од изумирање многу видови, за кои земјоделството претставува голема закана. Резултатите од една голема студија од 2016 година која испитувала дури 8 000 видови покажуваат дека ловењето и земјоделството инаку претставуваат најголема закана за биодиверзитетот, поголема и од климатските промени.
Исто така, новиот распоред сосема би ја елиминирал потребата за наводнување, зашто обработливите земјишта би се наоѓале во региони каде врнежите ја обезбедуваат сета вода што е неопходна за растењето на растенијата. Во моментов околу 70 проценти од светската слатка вода се користи за земјоделство, што во сушните делови од светот често предизвикува недостатоци на вода.
„На многу места обработливите површини ги заменија природните живеалишта кои складираа големи количини јаглерод диоксид и кои се одликуваа со голема биолошка разновидност, а посевите на овие површини дури и не растат мошне добро. Ако им дозволиме на овие места да се регенерираат и да го преместиме производството во поповолни подрачја, многу брзо би ја виделе користа за животната средина“ - објаснува д-р Роберт Бејер, поранешен истражувач на Катедрата за зоологија на Универзитетот во Кембриџ кој моментално работи на Постдамскиот институт за истражување на влијанијата на климата и водечки автор на студијата.
Моделирање оптимално решение
За да ја конструираат мапата која го покажува најдобриот распоред за одгледување посеви, истражувачите ги анализирале географските локации, приносите и условите за одгледување на 25 главни посеви, меѓу кои се пченицата, јачменот и сојата. Посевите опфатени со студијата покриваат три четвртини од обработливите површини ширум светот. Тие користеле математички модел за да разгледаат повеќе можни распореди на обработливо земјиште ширум светот, кои воедно би го одржувале вкупното производство на храна за секој посев. Резултатите покажаа опција со најмало влијание на животната средина.
Придонесот на оваа студија е во тоа што покажува дека е можно преместување на земјоделското земјиште, а притоа да не се загрози глобалната безбедност на снабдувањето со храна. Претходните студии главно беа ограничени на мапирање на екосистемите нарушени од земјоделски активности чија обнова е од најголемо значење за планетата.
Преместувањето на обработливите површини би можело да се изврши така што владите на државите би ги финансирале земјоделците за да го запрат одгледувањето на дел или на целата земја што ја поседуваат. Вакви модели и претходно се применувани со одредено ниво на успех заради заштита на загрозените подрачја.
Целосна примена е невозможна во пракса, но студијата дава некои важни пораки
И покрај тоа што постојат вакви механизми, и што концептот во својата основа е мошне едноставен, истражувачите се свесни дека е тешко изводливо земјоделството да се ограничи само на најоптималните места за одгледување и дека постојат непремостливи економски, социјални и политички бариери за тоа да се случи.
Сепак, тие истакнуваат дека можат да се спроведат некои важни чекори. Велат дека нивниот модел укажува на места на кои обработливите површини во моментов се мошне непродуктивни, но имаат голем потенцијал да го зајакнат биодиверзитетот и да складираат јаглерод диоксид.
Доколку се примени и поблаг пристап и се доколку се изврши прераспределба на земјиштето во национални граници, а не глобално, сè уште можат да се постигнат бројни предности. Глобалните емисии на јаглерод диокдид во оваа гранка на индустријата би се намалиле за речиси 60 проценти, додека влијанието на биолошката разновидност би било помало за околу 75 проценти во однос на моменталната состојба.
Авторите велат дека и кога 25 проценти од обработливите површини би се преселиле на национално ниво, што тие го сметаат за многу пореална опција, резултатот сè уште би бил значаен.
„Во моментов не е реално да се спроведе комплетен редизајн. Но дури и кога би преместиле само делче од светското обработливо земјиште, фокусирајќи се на местата кои се најмалку ефикасни за одгледување посеви, користа за животната средина би била огромна“ - рече Бејер.
Студијата покажува дека оптималните географски зони за одгледување посеви ќе се променат многу малку до крајот на векот, без оглед на различните климатски сценарија.
Авторите напоменуваат дека преместувањето на обработливото земјиште мора да се изврши на начин кој е прифатлив за луѓето на кои им влијае, како економски така и социално. Тие веруваат дека постоечките шеми, како оние кои ги користат одредени држави издвојуваат финансиска поддршка со која земјоделците можат да повлечат дел од својата земја во корист на животната средина, исто така би можеле да ги мотивираат луѓето да се занимаваат со земјоделство на поповолни локации.
Примената на резултатите од ова истражување ќе биде клучна за остварување на селењето на земјоделските површини со еколошките бенефити кои се потребни, доколку сакаме да направиме пресврт во однос на тековната деградација на глобалната клима, биодиверзитетот и водата во услови на сè поголема побарувачка на храна.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Estelle Chrétien
Извор: https://klima101.rs/