Не цветаат цвеќиња ни во големите технолошки компании

14.12.2022 02:32
Не цветаат цвеќиња ни во големите технолошки компании

Меѓу согледувањата кои би требало да сигнализираат епохален пресврт во последните триесетина години, уважено место зазема и онa според кој веќе не постои конфликт помеѓу трудот и капиталот. По него посегнуваат и оние што имаат интерес да не постои таков конфликт, но и оние кои претендираат на разбирање на општествената метафизика. Генерално, пласирањето на ова согледување во дискусии, интервјуа или дури и сосема немотивирано, ни гарантира влезница во светот на сериозните луѓе. И покрај тоа што го гарантира, се работи за согледување кое со себе не носи никаков ризик. Зад оваа навидум парадоксална ситуација се кријат барем две причини.

Првата се крие во имплицираната историска димензија - „веќе не постои“. Всушност, се работи за перспектива на генерали после битка. Имено, конфликтот во форма на класна војна во втората половина на 20 век резултираше со победа на една класа. Таа победа, која беше проследена со атомизација на работните места и пазарна интеграција на милиони работници од посткомунистичките земји ја „принуди“ другата страна на молк и така созаде впечаток дека конфликт не постои, дека интересите се заеднички. Секако, постојат и „потврди“ умови кои сметаат дека конфликт, всушност, никогаш не ни имало, а дека тие епизоди се заправо учинок на илузиите на комунистичкото и синдикалистичкото движење. Но, преовладува перспективата на генералите после битка.

Втората причина, пак, се крие во делумната социјална уверливост на наративот за заедничкиот интерес на работниците и работодавачите. Овој минимален заеднички интерес, кој на божемната марксистичка левица често се премолчува небаре живееме во феудализам, а не во капитализам, може мошне едноставно да се објасни и затоа е и уверлив: интересот и на работникот и на капиталистот е компанијата да опстои на пазарот. И тука нема ништо спорно и овој заеднички интерес не е некаква пречка која бара многу од левиот пристап на економијата и класните интереси. Целта, барем привремена, на работникот е компанијата да опстои, но секако, прашањето е под какви услови. Со поголем интензитет на експлоатација? Докрај елиминирана автономија во работата? Зависност исклучиво од одлуките на работодавачите? Никакво влијание во одлуките за инвестиции? А да не зборуваме за некакво поставување прашања зошто животите зависат од економија заснована на конкурентска борба за профити.

Оние кои ги отфрлаат овие прашања како елементи на социјалната физика на која не можеме да влијаеме, често на помош ги повикуваат оние примери кои наводно ја отелотворуваат излишноста на конфликтот помеѓу трудот и капиталот. Самата потреба за такви примери зборува доволно, но да го разгледаме најактуелниот. Веќе со години се создава впечаток според кој работата во Big Tech индустријата и дигиталните компании ги надминала класичните болки на наемната работа. Нема dress code, работиш тоа што сакаш и впрочем креираш, а не работиш, работните места не изгледаат како класични работни места туку како простори кои „ја поттикнуваат креативноста“, но и пружаат прилика за (активен) одмор, автономијата е речиси на ниво на онаа од слободното време, платата е многу добра, а не мораш претерано да се заморуваш со економското опкружување и надворешните влијанија на твоето работно место зашто едноставно работиш во најпропулзивните компании на современиот капитализам, неговите симболи.

Меѓутоа, деловните модели полека се исцрпуваат, а макроекономските околности, како висината на каматните стапки, се менуваат. И во тие моменти онаа старата марксистичка за завршувањето на демократијата на вратите на фабриките, повторно звучи смислено. Цела низа фирми од светот на Big Tech индустријата, покрај забележаниот силен пад на вредноста на акциите, деновиве објавија и масовни отпуштања: од Фејсбук преку Амазон до Твитер. И тоа често го објавуваа газдите, како во наводно закоравениот капитализам од старата школа, како Марк Цукерберг и Илон Маск. Овие отпуштања не значат дека овие фирми се на раб на опстанок (додуша, можеби Твитер е) и дека нè чека колапс, туку само сигнализираат дека ни овој пропулзивен сектор не е лишен од класен конфликт. А до неодамна каков било обид за воведување синдикати во секторот се сметаше за анахронизам во кој би уживале и онака веќе привилегираните. Сара О'Конор, колумнистка на Фајненшл Тајмс за пазарите на трудот, во една неодамнешна колумна за беневолентните диктатури на работните места во Big Tech компаниите ја цитираше реакцијата на еден инвеститор кој обидот за синдикално организирање во секторот го опиша како апропријација на јазикот на експлоатираните рудари додека истовремено се ужива најпривилегираното работно искуство во историјата на човештвото.“

Но, како што гледаме, историјата на човештвото не се совпаѓа баш со историјата на капитализмот и на попривилегираните повремено им треба јазикот на оние кои работеле во потешки услови. Деловните модели и макроекономските услови имаат свој век на траење и не можат секогаш да ѝ овозможуваат засолниште на фантазијата за крај на конфликтот помеѓу трудот и капиталот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Banksy street art

Извор: https://www.bilten.org