Дали родителите се подготвени да прифатат геј лик во анимиран филм?

15.12.2022 14:36
Дали родителите се подготвени да прифатат геј лик во анимиран филм?

Додека во Велика Британија се водат дебати дали треба да се воведе закон според кој дофрлањето на жените на улица треба да биде казниво со затврод, до две години, во земјите со привидна демократија, основните човекови права го “нввредуваат” општеството, поточно одредени членови на општество, или нивните традиционални вредности. Мизогено, хомофобично, ксенофобично... општествато како на пример она во Босна и Херцеговина секогаш го бара проблемот во жртвата, а не во насилникот; копа во минатото и ја мери должината на здолништето на жртвата, додека насилникот се обидува да го романтизира и да го оправда. Таквите општества обично се заостанати и лицемерни. Заостанати, затоа што се плашат од сè што е ново, се плашат да ја напуштат безбедноста на колективот, се плашат од напредок. Лицемерни, бидејќи додека тепаат мигранти и сакаат да ги избркаат од Босна и Херцеговина, тие се незадоволни од интеграцијата на нивните роднини, исто така мигранти, кои работат во земјите од Европската унија (на која најмногу ѝ се противат), а преживуваат токму благодарение на парите што ги добиваат од роднините вработени во таа Европска Унија. Додека такво општество продава гласови за пари, поддржува корупција, велича воени злосторници, одгледува патријархални генерации, замижува пред криминалот, злоупотребата на јавните средства, неказнивоста на убијците, педофилите, силувачите... проблемот е, ни помалку ни повеќе, геј момче во анимиран филм.

Родителите во Босна и Херцеговина негодуваат, во некои општини во Србија дури и лобирале за забрана на емитување на анимираниот филм, но власта молчи. Нема реакција. Затоа што е недемократска, популистичка и лицемерна, затоа што многу од оние што се на власт во Босна и Херцеговина се хомосексуалци, бисексуалци, лезбејки... Тие, во најголем дел, или молчат или јавно зборуваат против правото на сексуална ориентација, но тоа не е ништо ново, а нашето свештенство е такво. Барем некои од тие луѓе. Ѝ се противат геј заедницата, а би требало да проповедаат мир и љубов.

Не можеме да влијаеме на нивното лицемерие, но можеме барем малку да помогнеме да се смени свеста. Затоа што свеста е таква што ЛГБТИК лицата сè уште се сметаат за болни, за сатани, педофили и слично.

Досега на родителите во анимираните филмови не им пречело насилството, убиствата на „негативци“, третирањето на жените како сопственост на мажите. Со децении, родителите дури и не протестираа против демонизирањето на жената како втора сопруга на разведен маж кој има деца. Маќеата (читај жена) е секогаш лоша и како маќеа мора да биде негативен лик, лоша и зла личност.

Чудесниот свет на простите луѓе

Сосема безопасниот, за мене здодевен, анимиран филм „Чудесен свет“ уште еднаш докажа дека допирна точка на навивачите, националистите и ним сличните им е омразата, омразата кон сè што не е хетеросексуална насилна патријархалност. Анимираниот филм е двочасовна приказна за пронаоѓањето на тајната за подобрување на животот на жителите на сиромашното село опкружено со планини. Авантурата во која едно момче заминува со својот татко во мисија да го спаси своето село е приказна за нетипичен, љубопитен тинејџер кој одбива да ги живее соништата на своите родители, бидејќи има свои. Во период од 120 минути, неговата сексуална определба доаѓа во преден план во три кадри: кога ќе се сретне со симпатијата, за време на разговорот со еден дедо кој штотуку го запознал и кому му кажува дека му се допаѓа момчето, и на крајот од филмот кога почнува хомосексуална врска.

Значи, филмот не промовира хомосексуалност, иако и тоа е легална активност, туку слобода и здрави односи. Слободата да им кажеме на нашите родители како се чувствуваме, кои се нашите стравови, што нè загрижува, што нè прави несреќни, што нè прави среќни. Слободата да ја избереме професијата што нè прави среќни, наспроти несреќниот живот во кој ги исполнуваме во наше име целите поставени од нашите родители. Во цртаниот, момчето живее на фарма со својот татко 15 години, мислејќи дека ова е единствениот свет што постои, но по една авантура открива дека има нов, прекрасен свет во кој сака да живее.

Со носењето на детето да го гледа анимираниот филм „Чудесен свет“, родителот би му овозможил на детето да открие ново поимање на родителските односи: дека децата не мора да бидат послушници и извршители на нивните желби, туку самосвесни суштества кои можат да водат дијалог со своите родители, а не да бидат публика со монолошки однос. Со гледање на филмот децата би имале повеќе шанси да се освестат и да сфатат дека можеби нивните пријатели, роднини, соседи... се геј, дека ако некогаш сфатат дека се геј, бисексуалци... можат да им кажат на своите родители, а не да бегаат од нив илјадници километри, мислејќи дека родителите ги мразат поради нивната сексуалност. На крајот, ваквата содржина може само да ја зајакне свеста за светот во кој живееме. И децата гледаат фудбал, но не се сите фудбалери. Исто така, гледањето таков анимиран филм не значи дека сте геј или дека ќе станете геј.

Јас ja гледам „Круната“ и не мислам дека ќе станам крал, но ако децата гледаат анимиран филм и станат геј, можеби и јас ќе станам крал.

Сепак, бројните анкети, или гласот на народот, кои ги видовме во медиумите, ги открија ставовите на родителите кои не би ги носеле децата на овој анимиран филм. Затоа многу деца (полнолетни) се во несреќни бракови, додека се гледаат со своите истополови партнери „на службени патувања“. Ова е причината зошто многу деца ја напуштаат својата земја, бидејќи во неа не можат да бидат тоа што се. Затоа многу деца спасот го бараат во екстремистичките групи, бидејќи таму наоѓаат колективна сигурност.

Пукајте во своите четири ѕида

Додека родителите резонираат дека нема да ги носат децата во кино затоа што главниот лик е геј, паралелната реалност и понатаму постои. Сè уште има хомосексуалци, пансексуалци, трансродови, полигамни луѓе... Луѓе кои имаат право на тоа сè додека, како и другите луѓе, ги почитуваат правото и слободата на другиот, телесниот интегритет на другиот. Само што, таквите луѓе се принудени да живеат двојни животи, животи во сопствените четири ѕида. Кога хомофобичните луѓе се противат на паради или истополови бракови, тие тврдат дека и тие „не парадираат“ и дека геј луѓето можат слободно да живеат во своите четири ѕида. Забораваат дека секоја сабота имаме вакви паради. Свадбени поворки кои ја слават љубовта и на кои никој не им се противи. А во многу ситуации би требало, бидејќи нелегалните активности како што е пукањето од огнено оружје често се случуваат токму при овие активности. Освен нарушувањето на јавниот ред и мир, најголем дел од ова оружје доаѓа од илегалниот пазар, а секој петти во Босна и Херцеговина има нелегално оружје. Никој не е против тоа и никој не сака да пука во сопствените четири ѕида, туку од кола, додека парадираат.

Сепак, многумина не сакаат да ги менуваат навиките и традициите, ниту пак сакаат да се запрашаат дали традиционалното е во исто време и правилно. Човекот наместо едноставно да живее според воспоставените матрици, би требало да биде слободоумно суштество.

Наспроти тоа, простот човечко суштество мисли дека гледајќи ги карактеристиките и заложбите на некој лик на големото платно, тоа станува тој лик, не сфаќајќи дека никогаш не станале ликот од шпанските, турските, или индиските серии на кои им се восхитуваат.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Buka Magazine

ОкоБоли главаВицФото