Како го (ре)генерирав Гоце Делчев со помош на Al!

16.12.2022 10:29
Како го (ре)генерирав Гоце Делчев со помош на Al!

Поттикнат од неверојатно брзиот развој на графички генерираната уметност, создадена со помош на вештачка интелигенција, и јас решив малку да експериментирам со неа. Па, зошто експериментот да не биде корисен, да создадеме база на илустрации, фотографии и уметнички дела со ликот на Гоце Делчев. Инспирација влечев и од првите AI генерирани слики на Горан Стефановски, изведени од Бранко Прља и Владимир Карер, објавени на Arno.mk.

Како се генерира уметност со помош на вештачка интелигенција?

Прво се одбира платформа на која се изведува генерирањето. Најпознати до денес се DALL·E 2, Midjourney, Stable Diffusion.

Во DALL·E 2 имате одредена количина бесплатно генерирани слики, а потоа се докупуваат кредити. Midjourney нуди 100 бесплатни генерирања, ако прв пат се регистрирате, после тоа има месечна претплата од 10 до 30 USD. Stable Diffusion е отворена платфорна и имате 200 бесплатни генерирања, после секој месец добивате одредена количина на бесплатни генерирања, а претплатите започнуват од 10 USD.

Како давам команда што сакам да се нацрта?

На овие платформи внесувате текстуален опис на она што сакате да го генерира за вас во визуелна форма, текстуалниот опис се вика prompt. Во Prompt можете да внесесете што сакате, целта ви е AI во позадина да разбере што сакате.

Наједноставен пример за Prompt би бил: „Нацртај ми портрет од Марк Цукенберг во стилот на уметноста на Рембрант“ (се разбира, сега за сега, промптовите ги пишуваме на англиски јазик). По притискање ENTER, платформата генерира визуелна интерпретација на тоа што сте го побарале, користејќи го своето „знаење“, „меморија“ и архива. Очекувано, AI-то знае кој e и како изгледа Цукенберг, знае како сликал Рембрант и резултатите ќе бидат одлични. Пробајте!

Дали AI знае како изгледа Гоце Делчев? Нема појма! Ако го ставите во промпт, резултатите се цртежи од некои луѓе кои ич не личат на наш Гоце.

Значи, треба некако да го истренираме, или да го научиме AI-то, како визуелно изгледал Гоце Делчев. За да го истренираме ни требаат што повеќе фотографии од Гоце, во најразлични можни пози и од што поголем број агли. За жал такви фотки на интернет нема ни за лек. Јас најдов само 12 кои не се доволно разновидни, за жал. Сепак завршија работа, „паметен“ е AI!

Како направив AI модел од Гоце Делчев?

Следев видео упатства од Aitrepreneur; јутјуберот се бави со вештачка интелигенција и нејзина употреба, ептен го препорачувам целиот негов канал, ако ве интересира оваа „нова технологија“.

Конкретно го следев следното видео упатство: DREAMBOOTH: Train MULTIPLE Subjects In Stable Diffusion At The Same Time For FREE!. Значи, целта на видео упатството е да истренираме модел (се чува во форма на 2 Gb фајл) кој во себе чува информации за изгледот на Гоце Делчев; тој фајл можете да го преземете или да го поврзете (се изнамачив!) on-line со Stable Diffusion и да генерирате слики користејќи го. Важно е дека по завршувањето на процедурата го имате фајлот во кој го има дигитализиран Гоце.

Ги следев чекорите и сè ми одеше релативно лесно, по завршеток на процедурата почнав да генерирам решенија кои беа одлична изведба на Делчев, значи го поминав чекорот да го истренирам AI-то како изгледа Гоце Делчев. Самото упатство нуди можност веднаш да го тестираш твојот приватен модел, значи јавно, Stable Diffusion сè уште не знае ништо за Гоце. И тука почнаа првите проблеми, по генерирање на 10тина верзии на AI Art со Гоце, одеднаш бев исклучен од сервисот DREAMBOOTH и никако не успеав да го поврзам со мојот модел на Гоце. После повеќе обиди се откажав.

Решив да барам ново решение со кое ќе го поврзам Stable Diffusion и мојот истрениран фајл со Гоце Делчев од 2 gb (.ckpt) и пак да генерирам слики со AI, кои сега ќе знаат кој е Гоце.

На истиот YouTube канал најдов одлично упатство како да подигнеш локален сервер на својот компјутер и да добиеш супер верзија од генераторот Stable Diffusion, користејќи го делумно хардверот од својот компјутер... повелете линкот до супер-упатството.

И успеав, проработе! Го поврзав Stable Diffusion со мојот модел од Делчев и по оваа процедура по дома можев бесплатно да си генерирам колку сакам верзии од Гоце, бесплатно!... добро, времето е најскапо и е релативно, ама важно е да знаете дека генерирање на некои слики траеше и по повеќе од 2 минути. Битно е да имате добар процесор и моќна графичка картичка.

Целава работа со вештачка интелигенција е во огромен подем и секојдневно има промени, унапредувања и нови алатки. На пример, на истиот YouTube канал има детално упатство за платен сервис, кој за само 10 USD ќе ви направи модел од нешто што го нема во базите, како на пример Гоце Делчев. Јас се одлучив за бесплатната варијанта во која го даваш најскапото, своето „слободно“ време. Ама уживав во секој чекор! Повелете линк за платен изработувач на модел.

Верувам дека за кусо време сите овие операции ќе бидат автоматизирани со мала финансиска надокнада, и веќе нема да „се мачиме“ да генерираме модели.

Како бирав како да личи „новиот Гоце AI Делечев“?

Како промптови за Гоце Делчев, користев „Portrait of Goce Delcev…“ па после ставав разноразни стилови, како на пример „ retro ads, vector style, studio gimble, classical portrait, blade runner, cinematic“

Дали генерираните слики се авторска уметност?

За мене, одговорот е јасен: уметноста генерирана од вештачката интелигенција е уметност! Ако од некои уметнички дела, со помош на својата имагинација (prompt) направиш други дела, тоа е по дефиниција уметност. Проблемот го гледам во користење огромни бази на живи уметници и прилично копирање на нивниот стил, но и тоа „не е забрането“ ни за други уметници. Слободно можат со перо и четка да копираат стил на (не)живите уметници и да творат свои авторски дела. Низ историјата опасно се копирале стилови и трендови, кои сепак „генерирале“ свои нови уметнички дела. Комплицирана е дискусијата поради тешката „пресметка“, колку оригиналност има во новите AI генерирани дела... Ама оригиналност има!

Повелете беспатни верзии од Гоце за лични и комерцијални цени, би замолил, да ме наведувате како извор, како на пример (Извор: Небојша Гелевски – Бане)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото