Елегија за Џејн (мојата студентка која падна од коњ)

16.12.2022 12:34

Се сеќавам на перчињата коса врз вратот, меки и влажни како винова лоза,
на нејзиниот брз поглед, откосо, и блесокот на палава насмевка;
кога нешто ќе ја натераше да зборува, лесните слогови сами се занишуваа,
а таа балансираше во уживањето на мислите,
како царче, среќно, со опашката кон ветрот.
Од нејзината песна трепереа гранчињата.
Сенката ќе ѝ се придружеше во песната,
лисјето шепотот ќе го престореше во бакнежи;
во изгорените долини мовта пееше под ружата.

О, кога се натажуваше, во толку чиста се фрлаше длабочина,
што ни сопствениот татко не можеше да ја најде:
со образот свој по сламата гребеше;
најбистрата вода ја заматуваше.
Врапченце мое, сега овде те нема,
да чекаш како стебленце папрат
што врз тлото фрла бодлива сенка.
Не можат да ме утешат мазните мокри камења,
ни мовта, прошарана со последната светлина.

Кога само би можел да те тргнам од сонов,
моја осакатена мила, мој заскитан гулабу.
Над влажниов гроб ги кажувам зборовите на својата љубов:
јас, без какви било права во работава,
ни татко ни љубовник.

Превод и подготовка: П. В.

Оригиналната песна

Најкарактеристичните песни на Ретке се како патувања во дива, застрашувачка, непозната внатрешност, онака како ја опишува Стивен Спендер: „Реткеовата поезија ме потсетува на некој од оние столбови кои стојат во буицата и ја мерат длабочината на водата. Цртата високо горе покажува до каде еднаш стигнала надојдената вода. Најниските ознаки под водата се прекриени со мил, обвиткани со зелена слуз. Налик на таков столб за мерење Реткеовата свест е нурната во животот на неговите сетила низ кои минува времето, буицата која некогаш силовито расте, некогаш заслабнува, паѓа и тече меѓу камените плочи, рипчињата, драчот.“

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото