1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
Сексот и врските во голема мера се обработуваат на терапија. Без разлика дали станува збор за конфликт со партнерот или брачниот другар, одлучување дали ќе останете во врска или не, болка и збунетост по раскинување или развод, фрустрации поврзани со одењето на состаноци и самечки живот или прашања поврзани со сексуалноста, терапијата може да пружи интимен и релативно објективен простор за стекнување увид и учење вештини.
Проблемот е во тоа што сексуалните и романтичните односи не се одвиваат во вакуум. Излегуваме со луѓе, спиеме со нив, раскинуваме, се венчаме, се разведуваме, се размножуваме и комуницираме во социјалните и економските услови во кои се наоѓаме. Терапевтските техники како што се изјавите „јас“, инвентурата на вредностите и вештината Драг Човеку можат да го олеснат снаоѓањето во врски, но кога се во прашање интимните односи, капитализмот над нас сè уште ни врши притисок на безброј начини. Затоа не можеме едноставно со терапија да ги решиме своите проблеми во врска која подлежи на нашиот општествен контекст.
Како што веќе пишував во Трибјун, капитализмот го прави животот многу постресен отколку што треба да биде. Повеќето луѓе мака мачат во општеството во кое трошоците за живот растат незапирливо, и повеќето работат постојано за да ги платат основните животни потреби. Ни недостасуваат и време и пари, а нивниот недостиг може да предизвика сериозни проблеми во сексот и врските.
Во во едно истражување од 2009 година, објавено во гласилото Family Relations, истражувачите откриле дека брачните другари ги оценуваат конфликтите [поврзани со парите] како поинтензивни и позначајни од другите конфликтни теми: траеле подолго, почесто допирале до проблеми за кои се зборувало претходно и биле од поголема актуелна и долгорочна важност за односите на паровите“. Уште во февруари 2022 година, Индепендент извести за британското истражување кое покажа дека речиси две третини од луѓето кои признаваат дека се расправаат со партнерот тоа го прават заради парите. Една третина признале дека од партнерот кријат финансиски тајни, како заштеда или долгови - доказ за моќта со која финансискиот стрес може да ги поткопа основите на доброто управување со односите, како комуникацијата и отвореноста. Уште потешко е да се отстрани прашањето за финансискиот стрес од романтичен однос кога тој стрес е влошен, како што често и бидува, со прекумерна работа.
Прашањето за недостаток на време станува уште поизразено кога се работи за каков било вид немоногамна врска - отворена врска, свингање, полиаморија. Сè поголем број терапевти се промовираат како сексуално позитивни, нудејќи специјализирано знаење за овие стилови на живот и ги предложуваат како зајакнувачки алтернативи на статус кво-то. Пред неколку години една терапевтка ме праша дали би размислила за отворена врска како алтернатива за несреќната врска во која се чувствував заглавена. Се насмеав. „Од каде време за тоа?“
Финансиските фактори исто така можат да влијаат на тоа колку брзо напредува некоја врска. Вртоглавите трошоци за наем често ги тераат младите парови заедно да се вселат пред да бидат подготвени за тоа: само во Лондон потстанарите се соочуваат со рекордни наемнини заради кризата со трошоците на живот, додека во септември 2021 година станарините надвор од Лондон биле со најбрз пораст од 2008 година, а вселувањето со партнерот често може да се чини како начин тоа да се ублажи. Потоа, финансиските фактори ги спречуваат луѓето да ги напуштат врските во кои веќе не се среќни, а злоставувачките врски да не ги ни споменуваме. Терапевтите често се наоѓаат во ситуација да им помагаат на клиентите да пронајдат сигурност во ситуации на интерперсонално насилство - но како клиентите да донесат сигурни одлуки за себеси кога расположливи опции им се злоставувањето или бездомништвото?
Тука е и самечкиот живот. Како што забележува писателката Ен Хелен Питерсон, неможноста за поделба на трошоците за домување, режиските трошоци, домашните потреби и останатите издатоци ги става самците во финансиски неповолна положба во однос на паровите. Во САД самците плаќаат повеќе даноци, а бракот е еден од ретките сигурни начини да добиете добро здравствено осигурување. Во едно истражување од 2010 година кое го наведува Питерсон се проценува дека немажена жена со годишна плата од 40 000 долари во текот на својот живот ќе плати речиси половина милион долари повеќе од мажена жена со иста плата. Со оглед на таквите опции, зошто не би останале во лоша врска?
Решенијата на ваквите проблеми генерално се сведуваат на повеќе пари и повеќе време. На пример, еден од многуте можни посредни учиноци на финансискиот стрес и прекумерната работа се промените кај либидото. Во 2017 година, гратчето Иевертонео во Шведска изнесе идеја за платено отсуство за секс како одговор на сè повисоката возраст на населението - иако идејата е очигледно налудничава, всушност укажува на еден вид материјален пристап кој би можел да има позитивен учинок кај врските. Пореалистична интерпретација би можела да има форма на четиридневна недела без намалување на платата, што на поединците би им оставило повеќе време за опуштање и негување на физичките и емоционалните елементи на нивните врски. Со цел малку да го ублажиме финансискиот притисок на романтичните односи, едноставно ни се потребни повисоки плати.
Какви односи и да имаме - и тоа не само романтични, туку и со пријателите и членовите на семејството - капиталистичките услови имаат улога во нашата способност да ги одржуваме и негуваме, одземајќи ни го времето и наградувајќи нè со плата која едвај е доволна за да преживееме. Тоа не значи дека социјализмот може да ги реши сите романтични проблеми - но постојат очигледни предности за градење свет кој ги цени слободата и благосостојбата на сите, повеќе од богатството на неколкумина.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Carlos Fernández
Извор: https://tribunemag.co.uk/