Снежана Андонова
Засебен бакнеж
- Чук – чук.
- Ме нема!
- Бакни ме преку клулчалката на вратава. Ќе те осетам!
- Навистина? А остатокот од вукс, на железо?
- Тој ќе ми помогне во имунитетов, нема да имам повеќе слаба крв, а сепак ќе те бакнам од далечина, ќе бидеме на две различни места, а заедно!
- Ќе талкаме во нашето одисејко патување, ќе се љубиме од далечина засекогаш споени, а недопрени.
Помеѓу професијата и љубовта
Опколена од многуте улици не можеше да пркне, се свиваше како полжав, како маче, стануваше малечко клопче. Се митареше пред МКЦ, таму блиску до омиленото кино Фросина, пред Јамаха, на кеј, на малата тесна уличка послана со коцки која беше единствената што и’ даваше слобода. Слобода на говор, на избор, на себе, на партнер, на заработувачка, на смелост, задоволство, одвратност, гадење, болести, инфекции, но кој знае можеби и на љубов. Љубов која што само таму се наплаќаше, се купуваше, само таму се пазареше за љубов. Но, не онаква каква што сите посакуваме, туку страсна која трае секунди и те обзема целиот, те носи на крилја, и се восхитуваш и уживаш се додека трае. Само таму беше целосно своја.
Сменети улоги
Тој: Дали?
Таа: Да!
Тој: Сигурно?
Таа: Да, сигурно!
Тој:Сигурно, сигурно?
Таа: Тогаш нека биде можеби, ако не! Или веројатно.
Тој: Не знам!
Таа: Ако сакаш и неверојатно може да биде, само нека биде нешто.
Тој: Нешто? Не е сеедно!
Таа:Понекогаш е сеедно!
Тој: Не знам!
Таа:Нема не знам.
Тој: Тогаш нека биде Да. Секогаш е најдобро да биде Да.
Таа: Одлуката падна, значи да!
Тој: Зарем?
Таа: Ти велам дека падна.
Тој: Како мислиш падна? Се скрши?
Таа: Се донесе бре!
Тој: Е така може.
Таа: Како мислиш така може?
Тој: Па така, едноставо се разбравме.
Таа: Не, не, не се разбравме, туку одлучивме дека ќе биде Да.
Тој: Мислиш ти одлучи!
Таа: Заедно!
Тој: Како заедно кога ти самата рече Да.
Таа: Збогум!
Тој: Отидов. Се гледаме!
Марија Веселиноска
***
И веќе немаше смеа. По којзнае кој пат прашував зошто мораше така. Никогаш немаше одговор, само горчина и тага кои прогонуваат како зимски ветер и денес ме растргнуваат како куче кое растргнува парче месо. Ги оплакувам тој датум, таа нејасна животна приказна и повеќе од се ја оплакувам другарката која ја замрзна својата младост.
Околу десет часот навечер го слушнав нејзиниот вознемирен глас кој ме извести дека тргнала кон Битола и несакајќи го слушнав она силно чкрипење од гуми на автомобил, изнудено кочење и вресокот кој сеуште одекнува низ мене создавајќи морници.
Потоа молк.
Никогаш нема да најдам утеха за разговорот кој заврши во провалија заедно со телото на мојата другарка. Една ѕвезда згасна, еден живот стивна, едни очиња кои ме радуваа се склопија засекогаш. Немаше веќе разговори, смеа, прегратки, немаше насмевки со некој толку близок, драг и љубен, немаше никогаш повеќе. Солзи, солзи, солзи...
Беше тоа траума која го нагризува срцето, дотура отров кој ја разгорува искрата на болката. И боли. Боли несопирливо, постојано измачувајќи ме со се поголем интензитет.
И една мрачна глетка на ковчег кој се запишува со непребол затрупан со ровка земја натопена од солзи и прекриена со рози ме прогонува во секој сон.
Слаѓана Ставрева
Дупка
Откако се разбудив , рано сабајле, ја почувствував. Пак беше тука, големата дупка на мојата душа , која се проширила уште повеќе и претеше да ме голтне.
Не се исплашив ама и не ми се работеше. Повторно требаше да направам генералка, од сите стари и непотребни работи и да ја затрупам. Ќе потрае таа работа.
Го испив утринското кафе, ги завртев ракавите и си се фатив за работа.
Викторија Ристова
Семоќни сме
Јас сум вселена. Не. Ѕвезда. Не! Можеби сум планета? Не, не сум. Што сум јас? Да, знам. Јас сум микроскопска точка во универзумот. Колку сум забележителна за останатите микроскопски точки? Доволно. Дали заедно сме забележливи за планетите? Сигурно не. Можеби сме мали, скоро невидливи зрнца, но сме семоќни. Дали ѕвездите можат да симнуваат луѓе со своите зборови? Дали планетите знаат што е љубов? Дали вселената плаче? Се смее ли? Дали големата мечка ја родила малата и знае за мајчинство и жртва? Дали Сонцето и Месечината можат да се сретнат и да покажат дека се создадени еден за друг? Не! Но ние да! Ние можеме СЕ! Постојано со своите слатки зборови симнуваме безброј ѕвезди некому. Љубиме со цело срце. Познаваме секаква болка, жртва и среќа. Сонцето и Месечината можат да се сретнат наутро, во средината на денот или во квечерините, но никогаш не можат да бидат блиску еден до друг. Не смееме да дозволиме да се чувствуваме како микроскопски точки. Семоќни сме! Доколку сакаме – го можеме и невозможното!
Бренда Бочварова
Сама
Се гледам во огледало и губам сила,надеж.
Ги отсонував соништата,ги откажав плановите.
Кренав раце,те пуштив.
Со детска насмевка,очи полни тага,не ти побарав ништо,останав сама.
Знај имам само празни раце,празни соништа.
Но се имам себе!
Спомени
Стара картонска кутија во ќош.Годините и подариле прашина за подобар сон.
Погледот ми запира над неа.Рацеве ја зграпчија.
Зошто?
На изглед лесна.
За момент се гледам како тонам во земја без дно.
Извираат спомени ,во облик на безброј фотографии.
На изглед толку лесна,но сепак толку тешка!
Билет
Кога тишината ме гали,темнината облекува,тогаш мирисот и самотијата се мојата храна.
Тишината е мојот мир,чувство на заборав.Темнината ме облева, ме облекува, таа ме оживува. Само самотијата е мојот билет за во раскошот на скромноста.
Билет во мојот свет.
Прегратка
Широко отворени раце од нив зрачи копнеж, желба, извира слатка
недопрена милост. Грам љубов од дното на душава моја.
Ги гледаш ли рацеве? Ја чувствуваш ли желбата?
Гушни ме... Дали имаш потреба од грам љубов,што ти ја храни душата, дали?
Ќе ме гушнеш?
Есенски лисја
Дождлива патека,чекорам со тивки чекори над сегашноста и ги газам прво паднатите листови од раскошните крошни на дрвјата. Чекот по чекор како капките дожд се враќаат спомените.
Газејки по есенските лисја замислувам како ги прегазувам спомените.
Но со секој нов чекор и секоја нова капка дожд на моето лице ги оживувам сеќавањата. Ме освежува есенскиот ветер кој ги гали усниве, ја гали душава полна со надеж. Се раѓа насмевка!
Зарем надежта е онаа која ни го разубавува и најдождливиот ден во годината?
Куфер
Само солзи и уште повеќе солзи. "Те сакам, те сакам", му шепотев а ноќта која паѓаше над болницата ја растураше својата магија без да обрне внимание што се случува наоколу.
- "И јас те сакам, секогаш имај го тоа на ум". Неговиот благ стисок го чувствував на брадата, а погледот вперен во мене му беше беспомошен и неутешлив.
"Не грижи се, нема да ти недостигам. Мртвите се невидливи, но не и отсутни. Бакни ме љубена, и чувај го нашиот куфер..."
И имав што да чувам. Неколку децении кои го заплискуваа мојот живот и се собираа во куферот со спомени. Сигурно ќе го чував.
Ја приближив својата усна до неговата. Нежно се споија во еден прекрасен, последен бакнеж кои сè уште лепливо почива на моите усни.
"Те љубам", беа неговите последни зборови. Ги слушнав додека заминуваше. "Те љубам" одвратив, но апаратот веќе отсликуваше права зелена линија.
Не успеа да ме слушне, се надевам ме чувствува крај него, во него, таму каде ме заклучи, во срцето кое некогаш чукаше во ритам со моето. Наеднаш поплава од емоции. Прелистував слики, моменти, доживувања и уште куп моменти натрупани во нашиот куфер кој ја носеше приказната за животот кој знаев еден ден ќе е пепел, прашина и заборав.
Тамара Атанасоска
Работничка ода
Немам повеќе време за да погледнам во небото. Немам повеќе време за мирно да седам и да денгубам, мислејќи на смислата на животот. Зар за ова сум тука? Да работам од утро до мрак? За да заборавам на се што со години се таложеше во мојата свест? Протестирам! Нема да дозволам да ме покрие маглата на заборавот, нема да се напијам од Лета!
...не е страв тоа што не ми дава да се борам...умор е...
Прашање
Ќе ме чита ли некој? И да ме чита, колку ќе разбере од тоа што и јас не го разбирам сосема?
Весна
...Претставата беше прекрасно одиграна. Имаат срце, нашиве глумци. Имаат страст. Уште додека светлата беа згаснати, и кога животни приказни се одигруваа пред нашите очи, знаев дека се чувствува исто како мене, дека неможе да дочека ова да заврши да и’ се препуштиме на една друга приказна... со многу повеќе страст, а помалку срце.
Кожата и’ беше така мека,така розева, желна за допир...Не брзав... не сакав да си го расипам впечатокот за неа. Сакав да бидам убеден дека е некоја која ќе ми донесе малку чистота во животот. Сама си го соблече розевото фустанче, откриваќи се себеси целосно, без срам. Не беше совршена, се борев во моментот да не почнам да ја споредувам со други, тешко ми одеше. Ми се смешкаше предизвикувачки, и не преземаше никаква иницијатива, чекаше на мене, како да е целата некоја осетлива точка која чека да биде галена... Беше интензивно,а сепак не вулгарно. Првпат доживеав нешто такво.
Лежев задоволен, гледајќи нагоре.Не се пикаше во мене, не ме присилуваше на непотребни емоционални муабети во кревет, не ме заморуваше со зборови. Не ја гледав, ама знаев дека е задоволна. Дишеше длабоко, за да си го смири срцето. Уште тогаш знаев дека нема да остане само на таа вечер. Не сакав да остане.
Кристина Шалкоска
Човекот е дел од реалноста
Човекот е роб на самиот себеси, а тоа е ропство од кое нема бегање ни по смртта. Човекот е горчлива вистина на природата, фанатик во опшеството. Човековото битие е верна персонификација за судирите и средбите во свет полн со катаклизми, ниски страсти и тешко совладливи бариери. Човекот го создава и оформува опшеството, а опшеството го парализира човекот, го угнетува и го тероризира во својата машинерија на луцидност и ненаситност. Во светот полн со злоба, Фотов ќе рече – слабите не ќе успеат. Да, Реалноста е премногу моќна. Реалноста не можеш да ја поразиш. Сочуство за вечните борци и непоколебливите фанатици, за истрајните и нестрашливите; сожаление за бедните и болните, интровертните, страдалниците и егоцентриците, сите тие живеат и опстануваат во прегартките на некои темни агли. Но и покрај ‘граничните состојби’ кои влечат кон шпицовите на трагиката и создаваат клаустрофобичен поглед, со длабока инстанција можеме, можеш да бидеш Човек, што гордо звучи, да бидеш добар, вреден, искрен, но секако "Улогата на искрен човек – најтешка улога", Максим Горки.
Јана Колева
Жалам, ветерот ми ја оддувал интерпункцијата
Го отворив ширум прозорецот го пуштив ветрот кобниот ветар да влезе влезе сосе неколку есенски лисја ја оддува правта од масата ги крена книгите и ги разлиста летаат страници низ собата јас сум сред вртлогот зборови од искинатите лисја ми се лепат на очите предметите ме удираат ме караат зошто го пуштив ветрот сега и таванот се руши сијалцата од лустерот веќе одамна е скршена паѓа таванот парче по парче како дожд од малтер и тули и ѕидовите напукнуваат а ветрот крцка и завива прозорските крила се откачија од шарките стаклото лета кон мене и минува низ мене јас сум неуништлива јас сум проѕирна јас сум призрак и сениште плачам и од солзите ми истекуваат букви од страниците кои во вртлогов сум ги голтнала џвакам и бетон и малтер и рушевини се што ќе ми се најде зашто тука сум одамна заробена и нема ништо друго наскоро и рушевините ќе ги снема мојата соба веќе одамна не е соба таа е куп песок и прав кој бесно ротира со ураганот само нека заврши одам кон фиктивниот прозорец и го затворам со мака го туркам брзиот воздух надвор ете така веќе е подобро се гледам себе си во едно скршено парче огледало и плачам зошто оваа бура не ми ја одлупила и кожата?
Кога времето соп...
Се разбудив и ме пресретна погледот на тие светли и крупни очи.
Носеше ружа меѓу забите, а јас си го боцнав прстот од трњата кога посегнав да ја земам. Ја ишмука крвта од мојот прст, а онаа што остана се упи во белиот чаршав. Се насмевнав и се протегнав утрински. Креветот беше прилично удобен.
„ Ќе станеш?“ – Ме праша. „Колку е часот?“ – Сонливо погледнав кон ѕидниот часовник. Ги протрив очите и го фокусирав погледот. Не, стрелките дефинитивно не се движеа. Тој гледаше во својот рачен часовник и го констатира истото. Дигиталните бројки на екраните на мобилните не ги менуваа минутите. Чекавме. Ниту сонцето не се движеше. А јас се плашев. Зашто крвта од мојот боцнат прст нема да престане да капе, ако не минува време за кожата да зарасне. Сегашноста може да биде кобна...
Александар Бојчевски
Совршена недефинираност
Таа беше привлечена од неговата спонтност, како тоа само тој знаеше да ја претвори монотонијата во гола игра на зборови. Се вљуби во неговата таинственост, во световите што и’ ги нудеше и сите оние скриени во него што некогаш можеше да и’ ги подари.
Тој беше фасциниран од нејзината едноставност, таа беше константата во неговиот живот од безброј променливи. Сонуваше низ нишките на нејзините недостатоци додека таа му се восхитуваше на неговата совршеност.
Тогаш таа проба да го разоткрие, да ѕирне позади сцената. Проба да украде дел од неговата магија мислејќи дека не е достојна. Тој и прости и за неа го освои неосвојливото, го спои неспојиливото, го обои светското сивило. И рече да заборави, зошто последното парче од сложувалката никогаш своето место не го наоѓа, барем не доволно долго за се погледне низ целината.
Заборави за момент задоволна од површноста, но потребата за поврзување на длабочините преовладеа.Тогаш проба да го дефинира, да го објасни во неколку реченици, да ја стави во контекст неговата апстракција.
Не успеа, и кога сакаше прошка да побара ја најде само празнината.
Таска
***
Лисјата треперат. Ветрот нежно ја бушави мојата коса, во ушите ми одекнува звукот на басот. Кругот кој го формираат нашите тела одвнатре плени со магичност која го преплавува темниот парк без улични фенери. Грубата кора на дрвото ми го гребе кревкото тело. До мене допираат заталканите чекори околу. Се чувствува слободата, задоволството и среќата во воздухот, се чита безгрижноста на секое лице. До мене допира мирисот на свеж алкохол. Сликата полека ми се заматува, усните ми се вцрвуваат со секоја нова голтка. Под мене беспомошно се гушкаат неколку истуткани јакни, колената ми се меко свиткани и секое движење во моето тело е толку пријатно.
***
Искинат лист од хартија немо лежи на подот со својата грубо поткината површина,каллив и прашлив... Ја барам логиката на битот во оваа бела како рајот, а сепак пеколна квадратна просторија. Мирис на влага и неподносливо студенило. Плејада од детски лица - исплашени, бледи, испотени, други, пак, кисело насмеани, сите со една радост во исчекување – гласот на ѕвончето. Погледнувам низ прозорецот. Единствениот извор на слобода и чист воздух покрај својата порозност не чува заробени во безбојна бариера. Синилото посеано по небото ми се потсмева мене и на мојата двојно запечатена судбина. Тврдото столче го зголемува копнежот за бегство од непријатноста која ја нуди овој затворен простор. Топлина од телото и уморна воздишка е сè што чувствувам во своја близина.
Lex
Со насмевка
“Фалиш ми, фалиш – више него живот
Фалиш ми, фалиш – не знам дали знаш”
Ми раскажаа како нè набљудувале додека танцувавме во градината. Ме зачуди. Мислев, се чувствував како да сме сами. Патетичното, видено отстрана, чувство e тoлку прекрасно во мигот кога го доживуваш што го помниш уште долго и тоа со сите сетила. “Емоционална меморија” – велат.
“Пичко...” – ме бакнуваш а јас ти ја чувствувам намсевката. Знам дека не знаеш што се комплименти.
“Лани имаше дечко... кој сака да се убие...”
“Хах...” велам со горчина во споменот и како да отварам туѓа книга дознавам дека ти си сега во истата ситуација.
“Убаво ти е со неа?”, сакам да си искрен а кажуваш нешто чудно, размислуваш знам... Не сакаш никого да повредиш – па климнуваш со главата.
“Ти си варалица” – осудувам.
“Шлокарица” – враќаш удар.
Се смееме. Смешно е зошто е вистинито. Тоа заедно го сфативме еднаш одамна.
Се смееме сеуште.
Со него се завршува со насмевка.
Марија Веселиноска
Смејте се!
Има некои зборови кои ме распаруваат, дела кои ме прогонуваат, има некои глетки кои ме уништуваат и некои болки кои сеуште остро ме прободуваат. Постојано сепрашувам зошто разделбите толку болат? А тишината е единствениот одговор кој го добивам.
Деновите поминуваат а јас сè уште живеам во спомени, сеуште чекам тој да тропне на мојата врата, да легне во мојот кревет, да ги бакне моите усни. Но само чекам, а тој припаѓа на друга. Се прашувам зошто боли, зошто толку силно боли? Плачам и од болка уште повеќе копам низ спомените. Чекам да заѕвони телефонот, сакам да го слушнам неговиот глас... а знам дека и да се случи сето тоа ништо нема да е исто. Знам а залудно посакувам. Безброј пати се навраќам на крајот кој за мене има три точки што лебдат како подадена рака која нема кој да ја пресретне.
Сакам да се утешам. Си велам, не дозволувај несреќните љубови да остават црна дамка на твојата среќа, радувај се ,смеј се, смеј и се на таа во тебе што толку се грижи, смеј и се на таа што е толку тажна и разочарана, смеј и се на глас за смеата да ја измие тагата.
И вистина се смееам. На глас! Како луда!
Веројатно сум подобро, насмевката помага. Смејте се!
Подарок од боговите
Капките пороен дожд плискаа по мојата гола кожа. Набрзо облеката ми беше прилепена за телото, а косата толку натопена што нескротливите локни беа принудени да се покорат. Немаше дрво, или стреа под која можев да се засолнам, а и не се трудев да најдам. Уживав во магијата на капките кои весело ја даруваа својата свежина во топлото есенско попладне. Дождот се засилуваше кога од никаде на широката улица здогледав зелен чадор под кој се криеше нечија глава. Не размислував, само викнав барајќи место под чадорот. Наредниот момент гледав во длабоки и бистри сини очи кои прозрачно ја одмеруваа мојата фигура. Тој се насмевна и ми ја подаде раката. Ме припи до себе иако ја наводенив неговата облека и нежно ми ја тргна косата зад уше. Врнеше а јас несакав да престане. Беше љубов на прв поглед. Не се обидов да се спротиставам, бев благодарна зошто вкусувам подарок од боговите.
Ивана Лилиќ
Време со млеко
Поседувам желка која секое утро ми носи млеко од продавница. Таа не е виновна што ти секогаш доцниш. Конечно двајцата пристигнавте и тоа во исто време. Заедно пиевме млеко на масата. Бев среќна кога наздравувате со мојот невидлив пријател.
Боички
Ги растрга списанијата, чиниите, моливите, вазната. Ги фрли на земја заедно со чаршавот. Зеде мрсни боички и несмасно го наслика неговиот лик врз масата. Утрото се најде себеси на подот. А боичките неискористени.
Љубов
Цветовите во нејзината коса одамна исушеа. Сè уште го чека него да и’ донесе нови. На столот до ковчегот сосетката и’ остави свежа китка.
Плоштад
Ја измерив големината на твојот нервен слом. Ја претворив во децибели и вечерта тајно се развикав на плоштадот во твое име. Едно куче ме погледна и залаја.
Дарко Ѓорѓиевски
Ноќ
Ноќ е. Црна. И темна. Длабока како непресушен океан кој се околу себе впива, како црна дупка во длабочините на вселената, која ја впива сета светлина што допира до неа, а за возврат не дава ништо освен бескрајна и сеопфатна темнина. И во таквата вонвременска ноќ, јас не сакам ни ѕвезден кораб да се вивнам во бескрајот, ниту пак ламба за малку да ми ја осветли темницата што ме опкружува. Не, не ми треба тоа. Да е уште толку мрачна како што е, не би ме уплашила. Не, ништо однадвор не може мене да ме начне. Но немирот одвнатре, неспокојот во мојата душа е она што ме плаши, она пред чија што сила се повлекуваат соѕвездијата и се распрснува и самиот Млечен Пат. Во тие моменти сè што сакам, сè она што ми треба во животот, на сиов овој свет, во сета несфатливо неодгатлива и бескрајна вселена, е да си тука покрај мене, да го чувствувам твојот здив, да го слушам твојот глас. Се што сакам тогаш е да се држиме за раце и така вљубени да постоиме засекогаш. Зашто тогаш нема да има ни ноќ, ни мрак, ни вселена. Вселената ќе биде во нас, вселената ќе бидеме ние двајцата. Засекогаш.
Бесцелност
Тешко ми е. Најтешко. Соочен со бесцелноста на своето постоење, се нурнувам длабоко во бездните на својата душа за да го пронајдам она зракче лажлива надеж за да продолжам понатаму.
Се мразам себеси. Докрај, безмерно. Се мразам затоа што се доведов до овој безизлез, а уште повеќе се мразам затоа што се мразам поради тоа. А по себеси, го мразам сиот свет, макар што ништо не ми згрешил. Ги мразам сите!
А, ете, тебе сè уште те сакам. Бескрајно. Безмерно. Засекогаш.
Душата на тажниот поет
Далеку оттука, зад длабоките мориња и негостољубивите пустини, зад свежо поставените мински полиња и заборавените рушевини на древните градови, се наоѓа Земјата на Сонот. Во неа, зад еден матен поток чија вода со векови никој не ја пробал, се издига Гората на Солзите. Солзите пролеани по сите несреќници кои зачекориле по неа. По нејзините бескрајни снежни падини каде забораваш кој си и што си, каде си тргнал и од каде доаѓаш. По нејзините страотни премини кои дури и волците ги одбегнуваат. Среде еден таков премин, ако не внимаваш доволно, може да пропаднеш во една длабока пештера. Доколку ги преживееш мразулците кои паѓаат при најмало движење и истовремено не му подлегнеш на неиздржливиот студ, ќе стасаш до еден блок од совршено проѕирен и исто толку непробоен лед. Внатре во него, заробена засекогаш, се наоѓа мојата душа.
Заморчиња
Веднаш по стапнувањето на островот, Арман возбудено се стрча кон трошната колипка, додека Жан внимателно ги слушаше последните упатства на Адмиралот Ди Плеси:
-...внимателно бележете го во дневникот секој и најмал детаљ во врска со девијациите кои ќе ги забележите кај заморчињата. Особено е битно да се утврди дали, и по кој редослед, недостатокот на храна и женки ќе доведе до канибализам и содомија.
Додека чамецот на Адмиралот полека се движеше кон бродот, Арман дотрча на брегот и збунето довикна:
- Адмирале! А каде се заморчињата?
Galadriel Gamgee
El Prólogo
Тука: Полупразно шише црвено (безвкусно) вино, евтина цигара, Blue in Green by Miles Davis, тивок звук од силниот дожд зад прозорецот... и Јас.
Таму: Штотуку започнато квалитетно суво вино, Marlboro lights, Summertime by Miles Davis, силен сончев зрак од зад прозорецот... и Ти.
А од другиот прозор (оној зад, зад завесата), надоаѓа Дис преку Раде Шербеџија...
Парфемот
Парфемот кој се ширеше низ автобусот ме наврати кон летото, кон есента, пролетта и запре кај зимото, запре тука. Го почувствував сиот мој живот од моментот кога започнав да го употребувам тој парфем, кој денеска го поведе во најчесто засмрдениот автобус некоја госпоѓа/ица. Јас не бев таа. Моето шишенце е полупразно и го оставив да се лепи прашината врз него, сè додека не заслужи да го очисти некоја соодветна пригода.
Но, поголемиот проблем е што и кога го имам на мене повеќе не го чувствувам како сега. Сега некој друг го има на себе, а мои се сите сеќавања кои надоаѓаат од моментот кога... пред 5 години, со тој парфем на мене те запознав тебе... Тој парфем го имав на мене 5 години, секогаш кога бев со тебе, а сега, кога не сум со тебе, сега го чувствувам, го чувствувам најсилно...
Непозната дупка
Седам покрај еден непознат гроб, молчам, мислам, а дождот станува се посилен... Немам сила да го најдам твојот гроб. Се сеќавам дека беше тука, блиску, но тоа беше одамна... Сега има толку многу непознати, толку мртви, што веќе чинам нема да има место кога ќе дојдам јас на ред. Секако дека ќе ме сместат кај свежо ископаните дупки, но нема да бидам блиску до тебе, но всушност, каде е тоа блиску, каде си?
Можеби е до дождот што не можам да те најдам, пресилен е...Можеби се луѓето кои се сместиле околу тебе и го измениле патот до тебе... Сега има улици, нема кал, како што имаше дента кога те закопавме, сè е цементирано, современо, сменето...
Затоа седам покрај еден непознат гроб и го запознавам човекот кој е таму сместен од 1980 година, годината во која јас дојдов, тој заминал. Сега гробот беше запуштен, впрочем како и сите околу него. Останат само со натписот кој сведочи за одамнешната загуба, секој гроб беше осамен, пуст, налик како другиот до него, молчелив низ вечноста, напуштен од живите. А ти, драг мој, каде си...? Сигурно и твојот гроб не е ништо поразличен, осамен е и пуст, знам...
Јас, Другиот
Постојано сакав да сонувам.
Најчесто летав, се борев со вампири, станував дел од нив, повторно летав, имав страсни, плотни ноќи, се будев препотен, возбуден.
Инаку сум едно мизерно чиновниче, нељубезно, намќоресто, едно мало, гневно, дебело старче, ете тоа сум јас.
Живеам сам во еден беден стан, каде не стапнал веќе со години никој освен јас.
Не знам кога и зошто станав ваков.
Се сеќавам, знам, се смеев порано, но тоа беше одамна и не знам зашто престанав.
Можеби и затоа сакам да сонувам, можеби покрај сите тие соништа кои никогаш не разбрав зошто ги сонам, ќе се појави некогашниот јас, кој заглавен во мојата потсвест веќе долго време одбива да ми каже, зошто сум сам...
Уште овој пат...
Само сакам уште еднаш да простиш, само уште овој пат, те молам, те молам, те молам... липајќи ги говорев овие зборови пред твојот поглед полн со гневни солзи, со кој, чинам, сакаше да го вратиш времето назад и засекогаш да го отстраниш денот кога ме заљуби, денот кога прв пат, ми прости. Јас те молев по којзнае кој пат да ми простиш и знаев дека пак ќе ми простиш, знаев, можеби и затоа толку пати грешев, одново и одново...
Мане Манушев
Фризура од вокали и консонанти
Жули веќе долго време не беше на фризер. Таа беше најубавaта и најслатката мечта за секој од нашето маало. Беше црна, елегантна, полна со разбирање. Беше нежна, мила и среќна, мирна и лојална. Знаеше да им влезе под кожата на сите станари од околните згради. Кога минуваше, соседите од посадените ниски куќарки покрај малата уличка излегуваа во своите дворови да ја поздрават и да си го исполнат денот со радост. Постарите ја довикуваа, а децата ја сонуваа.
Но, целиот нејзин свет од убави соништа што ги живееше во реалноста се сруши кога почина нејзиниот сакан г-дин Николас, а таа остана без никого сама на улица.
Жули веќе долго време не беше на фризер. Последен пат ја видов пред еден месец кога минував покрај контејнерите. Беше целата парталава, несреќна и уплашена. Срамежливо ме погледна со нејзините скаменети црни очи.
Сигурно ми кажуваше нешто што јас во тој момент не можев ниту да го слушнам ниту да го разберам, но знам дека целиот мој живот ќе ги помнам моментите кога ги скратував црните влакна на таа прекрасна француска пудлица.
(продолжува...)
Galadriel Gamgee и Плоштад,но
Испратено на 31 јануари 2011 од НекојсиGaladriel Gamgee и Плоштад,но во однос на минатиот конкур,не толку добри.Поздрав!
*конкурс
Испратено на 31 јануари 2011 од Некојси*конкурс
Sneska definitivno!!!!
Испратено на 31 јануари 2011 од KaterinaSneska definitivno!!!!
Ne mi e cel da gi navredam
Испратено на 01 февруари 2011 од Ms. NovemberNe mi e cel da gi navredam avtorive, ama mi se cini deka ne ja razbiraat formata vo koja sto pisuvaat. Ne znam zosto mora se' da objavuvate - od sto mnozinstvoto se dosadni i nekreativni nafrlanja, ke propustime ako se pojavi nesto interesno i vredno za citanje.
Ми се допадна расказот Весна,
Испратено на 01 февруари 2011 од MarijanaМи се допадна расказот Весна, че да видам од кој беше..Тамара Атанасовска. Солиден љубовен опис. И Манушев, со француската пудла.Но, сепак, најмногу ми се допадна идејата да читаме пак. Не е важно дали се добри или не, со време да се надеваме дека ќе се подобрат, ќе си го усовршат изразот... Важно е што ги има.
Господине Новембер. Секој што
Испратено на 01 февруари 2011 од АнонименнннГосподине Новембер. Секој што пишал нешто се потрудил. Оттука, не е во ред да не се објавуваат сите напишани раскази кои ги исполнуваат пропозициите!
Ivana Lilik супер ти се овие
Испратено на 01 февруари 2011 од PlatonIvana Lilik супер ти се овие минијатурни сликички...
Сега знам како им е на
Испратено на 01 февруари 2011 од Zhaa-G00BARСега знам како им е на свештениците во оние мали собчиња за исповеди. Ќе почнам и да ги сфаќам зошто стануваат настрани.
Се расипа филтерот на Окно-то сите рудари се угушија. Меѓу прашината мене ми засветија Ивана Лилиќ и Мане Манушев. Има и некои неиспрашени, ама не светат.
Дечки, навистина сакавме да
Испратено на 01 февруари 2011 од ОкнашДечки, навистина сакавме да им дадеме шанса на сите автори што испратија раскази на конкурсот. Еден дел од нив не ги исполнуваа основните услови: 1200 знаци, прозен текст (имаше неколку автори кои испратија песни)и текстот да е на кирилица (имаше неколку автори кои испратија на латиница, на кои им беше укажано дека доколку испратат на кирилица, ќе бидат објавени во некој нареден преглед), па не влегоа во конкуренција. Филтерот на Окно не е расипан, тој ќе проработи кога ќе дојде време да се оценат Вашите дела. Сега-засега, целта на јавното „прикажување“ на расказите е и самите автори да прочитаат туѓ (конструктивен) суд за своите дела и да ги исправат своите недостатоци во иднина. Ако се сеќавате, на минатогодишниот конкурс се издвоија неколку подобри автори, од кои едниот (Иван Шопов) ја освои и наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски ракопис која ја доделува Темплум. Токму меѓу вас можеби и се крие новиот добитник на оваа (а можеби и некоја друга) награда. Во секој случај, секој Ваш конструктивен коментар, предлог и сл. е добредојден на страниците на Окно.мк.
Поздрав
El Prólogo, Ивана Лилиќ,Мане
Испратено на 01 февруари 2011 од нешто другоEl Prólogo, Ивана Лилиќ,Мане Манушев
Тешко е да го насликаш
Испратено на 02 февруари 2011 од ФридаТешко е да го насликаш времево во кое живееме. Сите сме луди и бегаме од полудите. Ама боите на Лилиќ се живи и пулсираат. Минијатурни, а стослојни. Кратки,ама длабоки.
Темане