
Во доцните 1980-ти, селото Дафен во Шенжен, Кина - дом на неколку стотици луѓе – се претвори во она што денес е познато како „светска фабрика за уметност.“ Во текот на изминатите триесетина години, производителите произведоа илјадници копии на добро познати слики од западните мајстори како Винсент Ван Гог, Леонардо Да Винчи и Едгар Дега. Во долгометражен документарец под наслов Кинески Ван Гоговци, филмаџиите прават интимен портрет на животот во Дафен.
Документарецот го следи сликарот Жао Сјаојонг, заедно со неговото семејство и пријателите, низ серија вообичаени денови на работа. Огромни ролни платно секојдневно се истоваруваат од камион, редица луѓе додаваат детали на необработените платна залепени на ѕидот, додека други слики се сушат над нивните глави. „Ние сликаме, јадеме и спиеме - сè во ова студио“, вели Жао, споделувајќи дека пред да почне да слика, никогаш немал слушнато за Ван Гог. Сега, тој го надгледува производството на стотици слики секој месец, за кои како референци се користат фотографии или мали принтови.
Трговецот, претприемач и сликар, Хуанг Џианг ја основал оваа уметничката индустрија во 1989 година, откако го преселил својот бизнис од неговиот роден Хонг Конг во селцето. Локалното население научило да слика во техниката масло на платно, а самата работа е работа на лента, како поголемиот број видови на индустриско производство. Бизнисот се потпира на евтината работна рака на мигрантите чиј број се зголемува откако се зголемила побарувачката и се зголемило производството на копии на слики од западните мајстори. Дафен сега е дом на повеќе од 10.000 жители и стана културен центар на Шенжен, но односот помеѓу yì shù jiā (уметниците) и huà jiā (сликари или уметнички работници) е уникатно нијансиран.
Сликарот Жао се бори со разликите меѓу двете; можноста да лета во Амстердам со своето семејство за да го посети музејот на Ван Гог и да се сретне со свој долгогодишен клиент за него носи многу неочекувани откритија, вклучувајќи и наоѓање на негови слики на туристички штанд. Тогаш тој сфаќа дека профитот на маржата е околу десет пати повисок од она што тој го добива за изработка на делата. По патувањето во Арл, Франција, во болницата каде што накратко престојувал Ван Гог и посетата на неговиот гроб во Овер-сур-Оаз, Жао се враќа дома и се навраќа на своето патување со измешани емоции. Тој и неговите колеги разговараат за чувството на поврзаност со Ван Гог и за длабоката врска со неговото дело.
Документарецот поставува универзални, провокативни прашања во врска со оригиналноста и значењето. Жао раскажува дека персоналот на музејот го прашувал дали тој самиот има направено некое дело, а тој објаснува „Дали знаеш колкав притисок почувствував? Бев шокиран. Немам ниту едно мое дело. Само што копирав, препишував... Да преминеш од сликар во уметник, во што и да е, е многу тешко“. Еден негов пријател тврди дека етикетите како „уметник“ и „работник“ не се корисни, а Жао продолжува со прашања кое на многу креатори ќе им бидат познати: „Дали станав уметник? Имам ли нешто што заслужува почит?“
Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Colossal