Геополитиката против светската економија

23.12.2022 02:26
Геополитиката против светската економија

На неодамна одржаниот 20-ти конгрес на Комунистичката партија на Кина, Си Џинпинг го зацврсти апсолутното владеење на еден човек. Комунистичка Кина никогаш не била демократија, но нејзините лидери во периодот по Мао внимателно ги слушаа гласовите кои пристигнуваа од пониските нивоа на државната хиерархија и ги отфрлаа неуспешните политики пред да направат катастрофални последици. Централизацијата на власта на Си воведува поинаков пристап и големо прашање е како тоа ќе се рефлектира на решавањето на сè поголемите проблеми во земјата, како забавувањето на економијата, скапите политики во борбата против пандемијата, кршењето на човековите права и политичката репресија.

Американскиот претседател Џо Бајден дополнително ги заостри предизвиците пред кои се наоѓа Кина со пакет мерки кои Едвард Лус од Фајненшл Тајмс правилно ги опишува како објава на „тотална економска војна“. Непосредно пред партискиот конгрес, САД објавија низа рестриктивни мерки со кои се ограничува продажбата на напредни технологии на кинески претпријатија. Како што забележува Лус, во тој поглед Бајден отиде многу подалеку од својот претходник, Доналд Трамп, кој воведуваше мерки против поединечни компании како што е Хуавеи. Новите мерки се вџашувачки според ширината и амбициите. Нивната цел е да се спречи подемот на Кина како технолошка суперсила.

САД веќе контролираат некои од клучните јазли на глобалните ланци за снабдување со чипови, вклучувајќи ги тесните грла кои се контролираат лесно, како што се напредните истражувања и развојот на чиповите. Грегори Ален од Центарот за стратешки и меѓународни истражувања заклучува дека новите мерки претставуваат „досега невидена директна интервенција на администрацијата на САД која има цел не само да ја зачува комплетната контрола туку и да воведе нови политики на активно гушење големи сегменти од кинеската технолошка индустрија - со намера таа да се уништи“.

Ален објаснува дека стратегијата на Бајден вклучува четири поврзани елементи кои целат на сите нивоа на ланците за снабдување. Намерата е на кинеската индустрија за вештачка интелигенција да ѝ се оневозможи пристап до напредните чипови; Кина да се спречи во развојот и производството на сопствени чипови за вештачка интелигенција со прекинување на пристапот до американскиот софтвер за развој и американската опрема за производство на полупроводници; и да се блокира индустријата за опрема за производство на чипови во Кина со забрана за испорака на компоненти произведени во САД.

Таквиот пристап е мотивиран од ставот на администрацијата на Бајден, кој го поддржуваат двете партии, дека Кина е најголема закана за Америка. Но во што се состои заканата? Еве како го објаснува тоа Бајден во предговорот на неодамна објавената Стратегија за национална безбедност: „Народна Република Кина покажува намера, а сè повеќе и способност, да го преобликува меѓународниот поредок според сопствената волја, на начин кој ќе ѝ донесе корист“.

Значи, Кина претставува закана не зашто загрозува какви било фундаментални безбедносни интереси на САД, туку зашто можеме да очекуваме дека станувајќи побогата и помоќна таа ќе посака да влијае на устројството на глобалниот политички и економски поредок. Од друга страна, „САД остануваат посветени на управувањето со конкуренцијата помеѓу државите на одговорен начин“, што всушност значи дека САД сакаат да останат неприкосновена сила во дефинирањето на глобалните правила кои се однесуваат на технологијата, сајбер безбедноста, трговијата и економијата.

Реагирајќи на таков начин, администрацијата на Бајден ги зајакнува напорите да го сочува приматот на САД, наместо да се помири со реалноста на мултиполарниот свет. Како што покажуваат последните мерки за контрола на извозот, САД не прават разлика помеѓу технологиите кои директно ѝ помагаат на кинеската војска (и оттука можат да бидат закана за сојузниците на САД) и комерцијалните технологии (кои донесуваат економска добивка не само за Кина туку и за другите, вклучувајќи ги американските фирми). Победија оние кои тврдат дека не е можно да се раздвојат воената и комерцијалната примена на високата технологија.

САД со овие мерки ја преминаа црвената линија. Така широките паушални мерки се опасност сами по себе - иако донекаде можат да се правдаат со поврзаноста на комерцијалниот и воениот сектор во Кина. Кога Кина правилно ќе ги протолкува новите рестриктивни мерки како агресивна ескалација, ќе побара начин да возврати, што ќе ги крене тензиите и ќе го продлабочи стравот на двете страни.

Големите сили (како и сите земји) настојуваат да ги заштитат своите интереси и националната безбедност и кога е потребно усвојуваат контра мерки против други сили. Но, како што тврдевме Стивен Волт и јас, безбедниот, стабилен и просперитетен светски поредок наложува таквите противмерки да бидат добро одмерени. Тоа значи дека мораат јасно да бидат поврзани со штетата кои со своите политики ја нанесува другата страна и насочени исклучиво на ублажување на негативните ефекти од таквите политики. Таквите реакции не би требало како декласирана цел да имаат казнување на другата страна или нејзино слабеење на подолг рок. Контролата на извозот на високата технологија на Бајден не го поминува овој тест.

Новиот пристап на САД создава и нови мртви агли. Стратегијата за национална безбедност зборува и за „заедничките предизвици“ како што се климатските промени и глобалното јавно здравје, области во кои соработката со Кина е критично важна. Но во документот не се констатира дека економската војна со Кина ги поткопува заемната доверба и шансите за успешна соработка во другите области. Оваа војна исто така ја деформира агендата на домашната економија поставувајќи го за цел запирањето на Кина над некои други, поважни цели. Инвестирањето во капитално и технолошки интензивни ланци на снабдување во индустријата за чипови - кон што во моментов се насочени индустриските политики на САД - секако е најскапиот пат до отворање нови работни места за луѓето на кои им се најпотребни.

Да се разбереме, Кина не е невина жртва. Таа е сè поагресивна во проектирањето на економската и воената моќ, иако во тоа главно се ограничува на сопственото соседство. И покрај претходно дадените ветувања таа милитаризираше некои од вештачките острови изградени во Јужното кинеско море. Воведе економски санкции за Австралија кога таа побара истрага за потеклото на вирусот ковид-19. И кршењето на човековите права во Кина сигурно заслужува осуда од демократските земји.

Проблемот со хиперглобализацијата е во тоа што им дозволивме на големите банки и меѓународните корпорации да ги диктираат правилата на светската економија. Добро е што сега се оддалечуваме од таквиот пристап, зашто тој беше погубен за општественото ткиво на нашите заедници. Сега имаме можност да обликуваме и подобра глобализација. Се чини дека големите сили избираат поинаков, многу понеизвесен пат. Тие ги предадоа клучевите на глобалната економија на дел од естаблишментот надлежен за прашањата за национална безбедност, што ги загрозува глобалниот мир и економскиот просперитет.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Craig Stephens

Извор: https://www.project-syndicate.org/